Мени

Одржана презентација на Глобал војсис на конференцијата Ингејџ (ENGAGE)

Според организаторот Младински образовен форум (МОФ), на конференцијата учествуваа 250 гости во салата на киното Фросина, 900 гледачи на видео преносот на интернет, 18 говорници и неколку десетици изведувачи на перформанси меѓу сесиите. Цел на настанот беше размена на позитивни пракси, примери и искуства со цел ефикасно и ефективно делување во интернет и во физичкиот простор, распределени во 3 тематски сегменти: мобилизација, идеја и акција.

EngageНа Ингејџ, претставникот на Метаморфозис, Филип Стојановски одржа презентација за Глобал војсис од гледна точка на граѓански активизам. Тој пренесе дел од искуствата како автор/дописник и преведувач, истакнувајќи ја важноста за вклучувањето во оваа волонтерска заедница за блогерите и другите активисти кои сакаат да ја зголемат видливост на граѓански иницијативи на меѓународно ниво, на англиски и десетици други јазици. Од друга страна, преведувачите на различните јазични верзии овозможуваат внес на нови знаења и ширење на видиците на припадниците на сопствените култури.

Фото: Ванчо Џамбаски

На Ингејџ учествуваа и претставничките на верзиите на Глобал војсис на македонски и албански јазик, уредничката Елена Игнатова и Тамара Ресавска, кои обезбедија логистичка поддршка за потенцијалните волонтери од публиката. Како резултат на презентацијата, тројца учесници на Ингејџ се пријавија на лице место да станат волонтери-преведувачи при македонската верзија на ГВ.

Ванчо Џамбаски и Весна Илиевска објавија фотогалерии од настанот под лиценците од Криејтив комонс. Радио МОФ објави официјална галерија со фотографии од Владимир Чаловски и видео-документација од севкупната програма преку Јутјуб-каналот на МОФ. Сите презентации од Ингејџ беа објавени на ИТ.ком.мк.