Денес, на 13 октомври, на наше барање, се одржа состанок помеѓу Фондацијата Метаморфозис и Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА). Состанокот се однесуваше на презентирање на проектот Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ИЦЕДА, на новиот министер Јетон Шаќири. Oвој проект e кофинансиран од Европската унија, a МИОА е придружен партнер.
На состанокот присуствуваа претставници на МИОА, меѓу кои министерот Јетон Шаќири и Елена Манчева – советник на министерот за информатичка поддршка и член на советодавното тело на експерти на ИЦЕДА, додека претставници од страна на Метаморфозис присутни беа Бардил Јашари – извршен директор и Мила Јосифовска Даниловска – Програмски менаџер за социјална одговорност и човекови права на Интернет.
Освен запознавање на министерот со проектот и дискутирање за продолжување на меѓусебната соработка, состанокот беше искористен и за дискутирање на претстојниот настан Дијалози за дигиталната агенда, каде што се предвидува презентација на проектот и мрежата, презентација на Опсерваторија на Дигиталната агенда и овогодинешното истражување. Исто така имаше и простор за дискусија за спроведувањето на дигиталната агенда во Северна Македонија и предизвиците што произлегуваат од истата.
___________________________________________________________________________________________________________________________________
Проектот „Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ИЦЕДА“ го спроведува Фондацијата Метаморфозис (Северна Македонија), Академија за е-владееење (Естонија), Levizja Mjaft! (Албанија), ЦРТА- Центар на истражување, транспарентност и отчетност (Србија), НВО 35мм (Црна Гора) и ODK – Oтворени податоци Косово (Косово). Проектот се спроведува со финансиска поддршка од Европската Унија.
Сподели: