Во периодот од 11 до 13 декември 2019 година, во Хотел Парк и Спа, Скопје беше одржана тридневна обука за грантистите во рамки на проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“.

На обуката беа присутни претставници на 11 граѓански организации и 10 медиуми кои се дел од втората грантова шема на проектот, која се спроведува во периодот од октомври 2019 до март 2020 година.

На првиот ден од обуката грантистите имаа можност подетално да се запознаат со основите на управување со проектен циклус, изработка на план за мониторинг и евалуација како и за можностите за вмрежување преку Мрежата за медиумска писменост. На вториот ден, акцентот беше поставен на комуникациите и видливоста, како и продлабочување на знаењата на грантистите на следниве теми: критичко мислење како основа за медиумската писменост, улогата и функциите на медиумите во општеството, употреба на методологијата за проверка на факти, слобода на изразување наспроти говор на омраза итн.

Третиот работен ден беше предвиден за развој на политики, развивање на социјалните медиуми како и методи на унапредување на соработка помеѓу граѓанските организации и медиумите.

Покрај претставниците на проектниот тим, на обуката свој придонес дадоа Емилија Петреска Камењарова од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), која се осврна на работата на Мрежата за медиумска писменост, како и Билјана Ѓонеска од Македонска академија на науките и уметностите (МАНУ), која посуштински ја објасни врската помеѓу критичкото размислување и медиумската писменост.

На тридневната обука беа присутни претставници на следниве организации: Здружение Мултикултура, Центар за развој на медиумите на заедниците МЕДИУМ, Скај Плус Струмица, Центар за едукација, култура и активизам МУЛТУС – Гевгелија, Здружение за мултикултурна интеграција ИНКЛУЗИЈА Охрид, Регионален центар за застапување, Асоцијација за граѓанска толеранција и соработка Прилеп (АГТИС), Центар за аудиовизуелни уметности, Здружение за заштита и едукација на деца и млади Роми – ПРОГРЕС, КриејтивЕјт – Младинска филмска продукција, Здружение на граѓани Контрапункт- Скопје,

Од медиумите кои воедно се партнери на граѓанските организации во спроведувањето на нивните проекти присутни беа претставници на: Портал Бон Зо, ТВ ГЛОБИ, ТВ Канал ВИС, Радио Тајм ФМ, ТВ Нова 12, Портал ДРНКА, ТВ М, ТВ Стар Штип, Радио Пела, Портал АБЕРЏИЈА, Портал 24 вакти, Портал Окно.

Едукативни и наставни материјали за сите содржини опфатени со обуката и проектот „КриТинк“ се јавно достапни во рамки на е-Библиотеката на веб-сајтот кој служи како ресурсен центар, како и во форма на едукативни и аналитички написи. Меѓу нив е и прирачникот за неформално образование со наслов „Со критичко мислење до разобличување на дезинформации“, достапен на македонски и албански јазик (ПДФ).

Сподели: