round_table_active_citizenЦелта на оваа работна средба беше споделување на искуствата од областа на поттикнување активно граѓанско учество со примена на нови технологии врз основа на искуствата од Македонија и регионот Долна Нормандија, Франција (добри примери и научени лекции), помеѓу шеесетина претставници од локалната самоуправа, државните тела, невладините организации, медиумите и развојниот сектор од земјата и странство.

bn_presidentТркалезната маса ја отвори претседателот на регионалниот совет на Долна Нормандија, г. Лорен Бове, кој на настанот дојде по состанокот со министерот за локална самоуправа на РМ на кој беше потпишан договор за соработка помеѓу Македонија и Долна Нормандија. Тој посочи дека новите информатичко-комуникациски технологии даваат придонес за зајакнување на демократијата и за подготвување на граѓаните за напредок, особено во сферата на комуникациите.

Г. Бове ја истакна улогата на Центарот за нови технологии (ЦТН) во обезбедување еднакви шанси за пристап до новите технологии на сите граѓани, за што во Долна Нормандија, која по површина и број на население е слична со Македонија, од страна на регионалните и локалните власти се основани над стотина центри кои овозможуваат ваков пристап за сите слоеви на населението, како за помладите така и за повозрасните.

Г-а Антонела Валморбида, директорка на Асоцијацијата на агенции за локална самоуправа (АЛДА) укажа дека децентрализираната соработка би требало да биде придружена со зајакнување на доброто владеење во Македонија, што подразбира и зајакнување на капацитетот на локалните власти да реагираат на проблемите во соработка со сите надлежните институции, но и граѓанското општество.

Во текот на првата работна сесија посветена на објаснување на концептот на активно граѓанско учество од страна на невладините организации, прв говореше г. Срѓан Цвијиќ (Програма на ЕУ: Европа за граѓаните) од канцеларијата на АЛДА во Брисел кој ги пренесе видувањата на овој концепт од страна на ЕУ, како и достапните инструменти за негово поттикнување.

Потоа, г-а Сунчица Костовска-Петровска (Модел на активно учество на граѓаните во донесување на одлуки), директор на програмата за граѓанско општество, Фондацијата институт отворено општество Македонија – ФИООМ го пренесе искуството од проектот Форуми во заедницата финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка со кој се овозможува граѓанско учество во врска со распределба на средства за решавање конкретни проблеми во десетици општини низ Македонија.

Претставничката на НВО Студиорум, г-а Ивана Томовска (Активно граѓанство, локални власти и граѓанско општество), извести за резултатите од проектот за активно граѓанско учество во кој учествувале општините Велес и Пробиштип.

Посочувајќи ја примената на Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер како потенцијално моќна алатка за постигнување на учество на иницијатива на самите граѓани, г-а Наде Наумовска (Што е активно граѓанско учество?), проектен координатор од правната програма на ФИООМ укажа на низа практични чекори и извори на информации за оваа намена: Комисијата за правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер и СПИнфо.

Втората работна сесија беше посветена на претставување на искуства од страна на обезбедувачи на е-услуги во Македонија. При тоа, прва презентираше г-а Елена Стаматоска (е-Услуги, Можност за зголемено граѓанско учество), заменик директор на УСАИД проект за е-Влада, која го претстави проектот Одговорност преку транспарентност со кој на низа општини на располагање им се ставени апликации за комуникација со граѓаните. За жал, досега во повеќето случаи нивото на користење на апликациите од граѓаните е доста ниско, додека поголеми придобивки се постигнале на ниво на автоматизација и информатизација на општинската администрација.

Претставниците на Град Скопје, г-а Мирјана Апостолова (Искуството на Град Скопје), заменик раководител на Одделението за меѓународна соработка и соработка со здруженија на граѓани, и г. Лазо Петрушевски, раководител на секторот за ИТ, ги претставија формите со кои Градот овозможува учество и на невладините организации и на граѓаните во системот на одлучување, почнувајќи со донесувањето на Стратегијата за соработка со невладиниот сектор во 2007 година.

Како конкретен пример за овозможување директна комуникација на граѓаните со општинските службеници, г. Александар Спасов (Граѓански сервис центар), соработник за локален економски развој  ја презентираше апликацијата која општина Аеродром ја применува со поддршка на Норвешката амбасада.

Во рамките на третата сесија, г-а Ирина Шумадиева од Фондацијата Метаморфозис преку мултимедијална презентација која комбинираше и елементи на видео ги пренесе сознанијата за комплементарни практики до кои тимот на Метаморфозис дојде при неодамнешната работна посета на Долна Нормандија. При тоа, со цел овозможување поголемо приближување, беа пренесени и изворни изјави на одговорни лица од овој пријателски француски регион снимени на лице место.

Последна официјална презентерка беше г-а Ирена Цветковиќ, блогерка и активист од Плоштад Слобода, која ги пренесе искуствата од користење на нови медиуми за покренување јавни акции за барање транспарентност и отчетност при трошењето на јавните пари. Таа истакна дека активистите кои сакаат да постигнат позитивни промени не треба да одговараат со иста мерка на противниците кои користат етикетирање и говор на омраза, оти со тоа се зголемува можноста таквите дискусии на интернет да доведат и до физичко насилство и други несакани последици. Како друго искуство од Македонија, таа ја посочи акцијата за посвојување домашни миленици „Вдомете куче“ чии иницијатори промоцијата ја вршеа исклучиво преку интернет, а резултираше со над стотина посвоени кученца. Таа исто така укажа дека активизмот на интернет мора да биде поврзан со форми на делување вон интернет, инаку се сведува на „фејсбук активизам“ (или „активизам од фотелја“ – прим. Ф.С.) при кој граѓаните само си ја смируваат совеста со тоа што се придружуваат во разни групи и потпишуваат бесполезни петиции од кои нема реални ефекти.

Во дискусијата што потоа се разви, беше посочено згаснувањето на повеќето отворени форуми на веб-сајтовите на општините, за што одговорните како причина го наведоа големиот број на навредливи и заканувачки коментари кои претставуваат кривични дела, во комбинација со немањето можност за одвојување ресурси за модерирање. Г. Дарко Булдиоски од Центарот за нови медиуми укажа дека структурите на власта не смеат да реагираат рефлексивно и ако нешто не функционира како што е замислено веднаш да го исклучат. Г-а Вања Мирковски од УСАИД Проектот за е-влада посочи дека таквата потреба може да биде и прилика за делегирање на надлежности од општини на НВО.

Директорот на Фондацијата Метаморфозис г. Бардил Јашари се изјасни дека користењето на новите технологии не треба да биде цел сама по себе, туку резултат на посветеноста на општината да ги вклучи граѓаните во процесите кои ги води. Недоволното користење на постоечките сервиси тој го поврза со неколку можни причини, чија валидност треба да се утврди: непостоењето култура на учество, страв, недостаток на пристап или знаења за користење на новите технологии. Сепак, тој укажа вистински индикатор на посветеноста на државните структури ќе се огледа во фактот да овозможат ефектуирање на иницијативи спроведени со комбинирање на нови технологии и офлајн.

Тркалезната маса заврши со заклучок дека темата активно граѓанско учество со примена на новите технологии не е исцрпена и дека е потребно понатамошно јакнење на свеста дека вистинската демократија опфаќа учество не само на изборите, туку и консултирање и решавање на потребите на граѓаните во текот на практицирањето на власта. Освен преку интернет, дискусијата ќе продолжи и преку други јавни настани, од кои наредниот во рамките на Проектот за децентрализирана соработка помеѓу Долна Нормандија и Македонија ќе се одржи во септември, во текот на посетата на аниматори на ЦТН на земјава.

Погледнете повеќе фотографии од настанот

Сподели: