fon-debataПрвата дебата од оваа серија се одржа на 10 април 2012 година, на Европскиот Универзитет, каде присуствуваа 11 студенти од трета година на студиите за правни науки. Потоа, на 17 април, следуваше дебата на Универзитетот ФОН, каде присутни беа 26 студенти од студиите за политички науки, правни науки, дипломатија, економски науки, информациско-комуникациски науки. Студентите дискутираа околу приватноста на интернет, цензурата, и новите трендови за употреба на социјалните медиуми при вработување.

Третата дебата се одржа на 19 април, на Факултетот за туризам и менаџмент во Скопје, со 40-тина присутни студенти од насоките меѓународен маркетинг менаџмент, туризам, односи со јавност и економски факултет.

Поради совпаѓањето на испитната сесија на студентите со закажаната дебата на 20 април на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, дебатата се префрли во студентското радио УГД ФМ, каде претставниците од Метаморфозис дискутираа на темата за социјалните медиуми, прашања околу приватноста на интернет, и граѓанскиот активизам кај младите.

dut-debataПоследната дебата се одржа на Државниот Универзитет во Тетово, на 23 април, каде присутни беа 90-тина студенти од правните студии и студиите по информатика на овој универзитет.

Овие дебати овозможија студентите да дискутираат, да развијат критичко размислување, да зборуваат за позитивните и негативните страни на социјалните медиуми и интернетот воопшто, да слушнат различни идеи и мислења околу употребата на социјалните медиуми, а воедно и да се едуцираат за овој нов медиум.

За време на настаните Метаморфозис спроведе мини истражување за ставовите и мислењата на студентите за тоа како го употребуваат интернетот и социјалните медиуми, што мислат за приватноста на интернет, дали внимаваат што споделуваат на социјалните мрежи, дали ги користат социјалните медиуми за граѓански активизам и промоција, што мислат за цензурата на овие медиуми итн.

Наскоро ќе бидат објавени и резултатите од мини истражувањето кои ќе дадат показатели за ставовите на испитаниците по овие прашања.

Сподели: