Денес, во рамки на проектот “Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ICEDA”, ко-финансиран од Европската Унија, Фондација Метаморфозис одржа настан Дијалози за Дигитална агенда: Извештај за тековната состојба и патоказ за унапредување на Дигиталната агенда во Северна Македонија за презентација и дискусија поврзана со извештајот. Настанот беше наменет за претставување на истражувањето спроведено во рамки на Опсерваторија на Дигиталната агенда во Северна Македонија, како и развивање на дискусија за предизвиците и следните чекори за подобро спроведување на дигитализацијата во Северна Македонија. Самиот факт дека настанот собра над 250 засегнати страни преку ZOOM каналот и Фејсбук стримингот во живо, дополнително сведочи за важноста на оваа тема за граѓаните.
Извор: Видео запис во живо од Фејсбук страната на ИЦЕДА

На настанот дискурирaа Александар Ацев – Раководител на служба во Национален центар за одговор на компјутерски инциденти МКД-ЦИРТ, Александар Бајдевски – Заменик министер во Министерство за информатичко општество и администрација, Бардил Јашари – Извршен директор на Фондација Метаморфозис, Елена Манчева – Државен секретар во Министерство за информатичко општество и администрација, Д-р Ирена Бојаџиевска – Доцент на Универзитет Американски колеџ во Скопје, Д-р Наталија Шикова – Декан на Правниот факултет на Меѓународниот Балкански Универзитет, Искра Белчева – Ристовска – Програмски координатор во Центар за управување со промени, и Никица Мојсоска-Блажевски, Главен извршен директор на Македонија 2025.

Текстот во продолжение е делумно превземен од Мета.мк – новинска агенција, и кон оргиналниот текст може да се пристапи тука.

Извор: Принтскрин

“Дигитализацијата е клучна компонента во борбата против корупцијата во општеството, бидејќи го елиминира човечкиот фактор и го намалува ризикот од корупција”, истакна заменик министерот во Министерството за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски на онлајн настанот „Дијалози за Дигитална агенда: Презентација на Извештај за тековната состојба и патоказ за унапредување на Дигиталната агенда во Северна Македонија“ во рамки на проектот „Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ИЦЕДА” на Фондацијата Метаморфозис, кој е ко-финансиран од Европската Унија.

Бајдевски додаде дека корона-кризата ја потенцирала важноста од дигитализација на услугите, а кои се особено важни за граѓаните и бизнисите. Оттука, рече тој, во фокусот на Владата е развојот на дигиталната платформа, и во таа насока, до сега има донесено стратегии, отворени податоци на институциите, зголемена е сајбер-безбедноста и донесени се неколку законски решенија кои ќе овозможат издавање на електронски документи со правна важност.

Бајдевски најави дека до почетокот на 2023 година ќе биде вклучено граѓанското општество во целост во спроведување на Дигиталната агенда.

Извршниот директор на Фондација Метаморфозис Бардил Јашари, рече дека уште од основањето на фондацијата се имало за цел промоција на новите технологии кои ќе бидат во функција на подобрување на квалитетот на живеењето на граѓаните, кои треба да ги имаат потребните вештини и знаења, како и култура на одговорно користење на дигиталната технологија.

Оттука, потенцираше Јашари, за користење на дигиталната технологија треба да работат сите засегнати страни, да се создаде една правна и институционална рамка за непречено користење на новите дигитализирани сервиси.

„Развојот и користењето на новите технологии е неизбежен процес и затоа треба да се создадат услови за целосно искористување на придобивките од дигиталната трансформација. Граѓаните да се информираат за Дигиталната агенда, да научат нови можности на дигиталните технологии, да учествуваат во приоритизирањето за тоа кои услуги ќе се дигитализираат и да придонесат како тоа да се направат,“ рече Јашари.

Тој додаде дека и укинувањето на роамингот помеѓу земјите на Западен Балкан на 1 јули е дел од Дигиталната агенда. Граѓаните ги чувствуваат придобивките, а резултатот на ова е, подобрување на комуникацијата и бизнис климата, при што главна цел е да се подобри квалитетот на живеење.

Лани бројот на електронски услуги кои биле користени од порталот е-услуги бил зголемен двојно за разлика од 2019 година односно од 17.241 на 34.843, покажува Извештајот за тековната состојба и патоказ за унапредување на Дигиталната агенда во Северна Македонија.

Деканот на Правниот факултет на Меѓународниот Балкански Универзитет, Наталија Шикова, при презентацијата на овој извештај истакна дека, не се сите услуги до крај дигитализирани, и овој портал не нуди една точка на услуги, туку пренасочува на други портали, што би требало да се подобри. Оттука, истакна Шикова, не може да се има увид колку граѓани користат електронски услуги. Податоците од истражувањето говорат дека само 18 проценти од услугите во државата, може да се користат електронски.

Шикова потенцираше дека и покрај тоа што имаме подобрување во давањето на електронски услуги, сепак заостануваме во однос на регионот, а далеку сме од просекот во Европската унија.

Државниот секретар во Министерство за информатичко општество и администрација, Елена Манчева, рече дека граѓаните ги препознаваат придобивките, како што е укинување на роамингот, но не го поврзуваат со Дигиталната агенда. Манчева истакна дека во Долгорочната стратегија за Информатичко-комуникациска технологија е вметната и стратегијата за дигитализација.

На порталот за е-услуги сега се достапни само услуги за граѓаните, а Манчева најави и обезбедување на 125 нови услуги за бизнисите, преку ИПА проект. Таа препорача и дигитализација на регистрите во институциите, како и да се урнат бариерите помеѓу нив, во интерес на давање на електронски услуги на граѓаните, бидејќи државата е таа која треба да биде еден давател на услуги, без граѓаните да ги интересира, која институција во позадина ја врши работата.

Програмскиот координатор во Центарот за управување со промени, Искра Белчева – Ристовска, рече дека нивното истражување покажало дека 16,3 проценти од нивните испитаници сметале дека вработените во администрацијата се нестручни. Оттука, таа истакна дека од круцијално знаење е вештината на вработените во јавниот сектор и притоа тие да дадат додадена вредност на електронските системи за полесни услуги на граѓаните. Белчева-Ристовска забележа дека на порталот е-услуги не се нудат услуги од општините, бидејќи тие не ги унифицирале документите. Оттука, препорача таа, централните институции треба да ги форсираат и локалните институции да изнаоѓаат дигитални решенија.

Главниот извршен директор на Македонија 2025, Никица Мојсоска-Блажевски рече дека се изработува Дигитална иницијатива 2025, која има за цел да работи на прибирање на податоци во меѓународни рамки за тоа на кое ниво се наоѓа Македонија во однос на дигитални вештини, дигитализација на јавна администрација и да се понудат мерки за подобрување на рангирањето. Оттука, потенцираше Мојсоска-Блажевски, важна е соработката со сите чинители, како државни институции и невладин сектор, за да се биде комплементарен во целта, преку дигитализацијата да се подобри животот на граѓаните и да се подобри деловната клима за бизнисите.

Извор: Принтскрин

За повеќе информации, преку следните линкови може да пристапите кон Извештајот и визуелизациите од истиот:

Врз основа на согледувањата на овој Извештај, нашите препораки се во продолжение.

Стратешки, правен и административен развој

  • Владата да назначи говорник (spokesperson) кој редовно ќе известува за напредокот во однос на имплементацијата на ДА и кого граѓаните ќе го препознаваат во тој контекст. Ова е неопходно за да се подигне јавната свест за придобивките од ДА, како и ДА да се приближи повеќе до граѓаните. Во таа насока потребно е и да се промовираат активностите и соработката под ИСА2, односно резултатите од имплементацијата на ДА директно да се поврзат и со идното членство на РСМ во ЕУ;
  • Поради придобивките кои граѓаните и компаниите ги имаат од е-услугите, а како резултат на мерките од спроведувањето на ДА, потребно е фокусот на реформите да се наочи кон интензивен развој на информатичкото општество;
  • Неопходно е институциите да имаат проактивен пристап кон вклучување на ГО во процесите на креирање и ко-управување на политики во областите поврзани со ДА. Потребно е да се зајакне соработката во областите „Дигитална економија и општество“ и „Истражување и иновации“, како и да се подобри комуникацијата меѓу засегнатите страни и ГО, односно да се зајакне меѓусебната доверба;
  • Потребни се дополнителни мерки за промовирање на Порталот uslugi.gov.mk, како поголема конзистентност во однос на неговото работење. Порталот треба да обезбедува информации за бројот на регистрирани корисници – правни и физички лица, информации за најбараните односно најкористени услуги од граѓаните и компаниите, како и податоци кои произлегуваат од мерење на задоволството на корисниците;
  • Да се воспостави план за транзиција, односно, целосна дигитализација на некои пилот услуги, со точно определени рокови (на пр. за 5 години) во кои постепено ќе се ограничува шалтерската опција за таа услуга, кон нејзино целосно укинување. Истовремено потребно е на граѓаните да им се даде интензивна подршка во таа насока;
  • Во однос на надлежностите и активностите на МКД-ЦИРТ препорачуваме јакнење на кадровските капацитети на МКД-ЦИРТ (што не подразбира неминовно вработувања туку прераспределба на веќе постоечки квалификувани ресурси), како и зголемување на видливоста на ова тело бидејќи голем дел од државните институции, што всушност се или треба да се негови конституенти, недоволно знаат за неговата улога и мисија;

Сајбер безбедност

  • Институциите кои немаат приоритетно или воопшто централното решение за ДМС неопходно е да одберат техничка платформа за складирање на институционална меморија со посебен модул за оваа намена. Не е нужно да се чека на национално решение како што е системот за управување со документи бидејќи институциите нема истовремено да станат дел од централниот ДМС. Институцијата може да развие сопствен систем или да користи бесплатни решенија како основа за натамошно прилагодување. Единствено е неопходно да се воспостави координација со МИОА за да се обезбеди услогласеност со решението за ДМС кое го развива МИОА;
  • Потребно е преземање на посериозни чекори кон спроведувањето на системот за интероперабилност. Извештајот на ЕК за напредокот на РСМ за 2020 год. констатира дека во извештајниот период недоволно е зголемена употребата на системот за интероперабилност, односно голем број институции не го користат и покрај тоа што имаат инсталирано опрема и софтвер;
  • Принципот „Само еднаш“ т.е. јавните администрации да собираат информации од граѓани и бизниси само еднаш, а потоа да ги споделуваат и повторно да ги користат овие информации) треба да биде висок политички приоритет. Нема оправдување за порастот на постапки во кои се бараат документи кои други институции веќе ги имаат;

Дигитална писменост

  • Имајќи предвид дека во овој извештајен период нема исчекор по однос на дигиталната писменост, препораките од минатогодишниот Патоказ за унапредување на Дигиталната
    агенда во Република Северна Македонија остануваат во целост.

Сподели: