На 3-ти март 2021 година, Фондација Метаморфозис со поддршка од Проектот на УСАИД за граѓанско учество, организираше јавна дискусија на тема: „Како до системско подобрување на отвореноста на институциите?“ На присутните им се обрати претставникот на канцеларијата на УСАИД во Република Северна Македонија Ерик Јановски, кој ја потенцираше важноста од транспарентност и отчетност на институциите истакнувајќи: „Централната извршна Влада, особено има корист од истражувањата, бидејќи наодите и препораките на Индексот на отвореност се користени за развој на Стратегијата за транспарентност, стратешки документ што ја поставува основата на посветеноста на Владата кон подобрување на транспарентноста во сите нејзини тела. Затоа, препораките засновани на докази добиени од овој индекс се корисна алатка за насочување на институциите кон подобрување на нивната транспарентност и отчетност“, додаде тој.

Програмската директорка на Фондација Метаморфозис, Ќендреса Сулејмани ги претстави резултатите од мерењето на отвореноста на извршната власт во 2020. Таа ја истакна потребата од меѓусебна доверба помеѓу институциите и граѓаните за да се зголеми легитимитетот на институциите особено при преземање на амбициозни реформи. Според резултатите од истражувањето, Собранието на РСМ, со 64.9% од исполнетите индикатори во оваа област, се истакнува како пример за добра практика во интеракција со граѓаните. Извршната власт во регионот во просек исполнува 44,88% од индикаторите за отвореност. Според мерењето за оваа година, во просек, најотворена извршна власт има Северна Македонија (52,09%), по што следат Црна Гора (51,67%), Србија (40,17%) и Босна и Херцеговина (35,60%). Целосната публикација е достапна тука.

Индексот на отвореност ги проценува перформансите на извршната влада и парламентите во областа на добро управување со фокусирање на четири столба: (1) пристапност, (2) свесност, (3) интегритет и (4) транспарентност. Просечна отвореност на министерствата во РСМ во 2020 година изнесува 56%, а меѓу министерствата највисоко се рангирани Министерство за информатичко општество и администрација, Министерство за одбрана и Министерство за финансии.

На дискусијата присуствуваа повеќе од 35 претставници на министерства, државни институции, граѓански организации, меѓународни организации и активисти. Свое обраќање имаа и Маја Лазарова, Национален програмски офицер на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Роберт Поповски, Национален координатор за одговорно владеење и транспарентност, и Наталија Шикова, Декан на Правниот факултет на Меѓународниот Балкански Универзитет. Тие се согласија дека зајакнувањето на демократските капацитети на извршната власт треба да се применува на сите политики подеднакво, а не преку изолирани политики.

Сподели: