Фондацијата Метаморфозис по 18-ти пат ја организира меѓународната конференција е-Општество.мк, која што денеска започна во хотелот „Мериот“ во Скопје. Со исклучително актуелната тема „Кибер отпорност за слобода и безбедност“ што ја третира, конференцијата започна пред преполна сала со обраќања на амбасадорите на ЕУ, Дејвид Гир, на Кралството Холандија, Дирк Јан Коп, како и на Обединетото Кралство, Метју Лосон. Како претставник на Метаморфозис се обрати извршниот директор Бардил Јашари, а наместо министерката за одбрана на конференцијата учествуваше државниот секретар, Владимир Анчев. Исто така, преку видео обраќање присутна беше и вицепремиерката Славица Грковска.

Евроамбасадорот Гир спомена дека кибер отпорноста е тема на годината. Кибер криминалот светот го чини 1 трилиони долари, што е нешто помалку од 1 процент од глобалниот БДП. Евроамбасадорот додаде дека Русија во војната против Украина користи и кибер напади за да предизвика страв. „Токму во Украина, повеќе од 70 сајтови беа таргетирани во хакерски напади, каде пораката што беше оставена до украинските граѓани беше плашете се и очекувајте го најлошото“, спомена Гир.

Како што додаде тој, и Северна Македонија веќе беше изложена на кибер напади, како што беше случајот со денот на гласањето на парламентарните избори во јули 2020 година, но и нападите на сајтовите на Министерствата за образование и наука и на земјоделство, па дури и на УКИМ.

Евроамбасадорот Дејвид Гир се обрати на отварањето на конференцијата е-Општество.мк | Фото: Мета.мк

Евроамбасадорот Гир забележа дека земјава заостанува со подготвеноста да се соочи со кибер закани додавајќи дека стратегијата постои, но имплементацијата оди бавно. Меѓу слабостите што постојат, а ги има воочено ЕУ, се недостигот на основни работи како идентификација на надлежни власти и воспоставување на практична соработка меѓу институциите за спречување на кибер заканите. Гир рече и дека нема показатели за мерење успех, но најважното е дека двете национални тела не беа целосно оперативни.

„Некоординирана, фрагментирана беше нивната работа“, порача евроамбасадорот Дејвид Гир.

Тој додаде оти има и други слабости кои ги има и во другите држави, вклучувајќи премал број на вработени во институциите и слабо одржување на базите на податоци во многу институции, кои се ранливи на напади.

Гир во обраќањето рече и дека државата нема форма за соработка со приватниот сектор и граѓанското општество, домашните институции треба поактивно да учествуваат во Европската агенција за кибер безбедност и тимот за одговор на кибер закани на ЕУ и овие можности од Северна Македонија мора итно да ги употреби. Тој рече дека земјава во јули 2022 година ги започна преговорите со ЕУ, така што скрининг процесот ќе биде можност да се ажурираат активностите поврзани со кибер отпорноста.

Амбасадорот на Кралството Холандија, Дирк Ван Коп се обрати на отварањето на конференцијата „е-Општество.мк“ | Фото: Фондација Метаморфозис

Холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп во своето обраќање на отворањето на конференцијата рече дека кибер отпорноста е на врвот на грижите на Северна Македонија, така што не може да се зборува за безбедност без кибер просторот. Холандскиот пристап на кибер безбедност е запирање на оние што ги кршат правилата, но истовремено Холандија сака да им помогне на другите држави во однос на кибер отпорноста.

Амбасадорот Јан Коп додаде дека Северна Македонија е склона на теории на заговор и е добро место за ширење на дезинформации и затоа во моментов Амбасадата на Кралството Холандија во синергија со Фондацијата Метаморфозис работи на регионален проект за откривање на дезинформациите и странските малигни влијанија врз демократијата. Тој порача и дека е среќен што Северна Македонија постана 103-та членка на GFCE – Global Forum on Cyber Expertise.

Британскиот амбасадор Метју Лосон во обраќањето на конференцијата спомена дека најдобрата рамнотежа помеѓу слободата и безбедноста е да се имаат одговори на три прашања: чив е интернетот, кој го користи интернетот и кој го регулира интернетот. Бидејќи одговорите не се јасни, прилично тешка задача е да се најде баланс меѓу слободата и безбедноста.

Амбасадорот на Обединетото Кралство, Метју Лосон, на отварањето на конференцијата „е-Општество.мк“ | Фото: Мета.мк

Тој додаде дека во светот денеска има 2 милијарди корисници на интернет и 5 милијарди поврзувања со мобилни телефони. Ова се огромни статистики кои се важни и за кибер отпорноста. Лосон рече дека пред 20 години првиот хакерски напад дозволил сите следни да бидат посуптилни. Според податоците за Велика Британија, трошоците за кибер отпорноста лани ја чинеле британската влада дури 27 милијарди фунти. Притоа, главни губитници од кибер заканите се токму бизнисите, кои губат интелектуална сопственост или се предмет на шпионажа.

Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска на отворањето на конференцијата рече дека како општество мора да работиме и на кибер безбедноста и кибер отпорноста, кои како процеси мораме да ги реализираме паралелно со процесот на дигитална трансформација на општеството.

„На сајбер безбедноста не треба да гледаме како на трошок, туку како на инвестиција која од една страна ја штити нашата држава и нашите граѓани од надворешни напади, но од друга страна овозможува и јакнење на довербата на граѓаните во институциите и во системот“, изјави вицепремиерката Грковска во своето обраќање.

Таа посочи дека на иницијатива на нејзиниот кабинет Северна Македонија стана 103-та членка на GFCE – Global Forum on Cyber Expertise, во која членуваат и соработуваат владите на најразвиените земји во светот, организации како ОБСЕ, Светска банка, Обединети нации, Европската Унија, Совет на Европа, Интерпол, стопански комори и приватни компании кои работат на оваа тема.

Грковска најави дека наредната недела, во соработка со естонската организација E-governance academy, која ги помага процесите на дигитална трансформација во повеќе држави, ќе биде организирана „Strategic Cyber security table-top exercise“, на кои ќе присуствуваат претставници од речиси сите министерства во Владата и владини агенции кои имаат надлежност во делот на сајбер безбедноста.

Државниот секретар на Министерството за одбрана, Владимир Анчев во обраќањето на конференцијата рече дека дигиталната трансформација станува клучна движечка сила за општествениот развој. Сепак, растечката зависност од информатичко-комуникациските технологии ја зголемуваат потребата од функционален систем за кибер одбрана.

„Додека го влечеме максимумот од технологиите ние, и спротивната страна, оние што ги прават сајбер нападите го сакаат истото“, рече државниот секретар Анчев.

Кибер нападите се сериозен безбедносен предизвик за државите, а во регионот и кај нас имаме зголемен број на кибер напади.

„За жал, не можеме да ги отфрлиме како еднократни или како нешто што се случило во минатото и нема да се случи во иднина пак“, изјави Анчев и додаде дека земјава е свесна за сите напади што ги добива поради поддршката што ја дава за Украина.

Министерството за одбрана дефинирало приоритети за кибер одбраната и презема конкретни чекори, рече државниот секретар.

Тој го спомена креирањето на воен тим за одговор на кибер простор, кој е во фаза на развој. Воедно, Министерството за одбрана инвестира во сертификација на персоналот и задржување на висококвалитетни кадри во ова министерство кои му се потребни на системот за кибер одбрана. Во таа насока, посочи Анчев, дополнителен чекор се измените во Законот за служба во армијата, кој овозможува стипендирање на ваквите критични кадри кои ќе овозможат да се изградат на подолг рок.

Вториот приоритет на ова министерство е креирањето на т.н. авторитет за кибер одбрана, кој ќе врши надзор врз активностите од овој домен на национално ниво. Третата важна иницијатива е формирање на кибер елементи во лесната пешадиска баталјонска група со што ќе се овозможи кибер безбедност на оваа воена единица.

Извршниот директор на Фондацијата Метаморфозис, Бардил Јашари во обраќањето пред присутните рече дека конференцијата е-Општество.мк секогаш се организира на теми, за кои Фондацијата Метаморфозис смета дека се важни и приоритетни за да се најдат заеднички решенија за нив.

Државниот секретар на Министерството за одбрана, Владимир Анчев (лево) и извршниот директор на Фондацијата Метаморфозис, Бардил Јашари | Фото: Мета.мк

Темата за кибер безбедно општество самата се наметна како исклучително важна годинава.

„Предизвици има многу, светот брзо се менува, дигитализацијата придонесува уште побрзо да се случува тоа, дигиталните технологии прават за услугите да се поквалитетни и побрзи. Со оваа динамика на промени, проблемите се големи, како држава и регион треба да се прилагодиме“, порача Јашари.

Тој потсети дека не сме ги решиле старите проблеми, а веќе сме соочени со дигиталната трансформација и промените во геополитичкиот контекст, така што како земја треба многу брзо да работиме и да се прилагодуваме на предизвиците.

Албанија, Црна Гора и Северна Македонија веќе се сведоци на кибер напади кои имаат за цел да ја дестабилизираат земјата, така што треба да бидеме свесни дека овие напади нема да престанат, туку ќе се соочуваме постојано со нив.

„Треба да ја сочуваме безбедноста без притоа да создадеме технофобија, да се плашиме од технологијата“, порача Јашари.

Тој додаде дека Фондацијата Метаморфозис прави напори со проекти со поддршка на Гугл, Амбасадата на Кралството Холандија, Амбасадата на Обединетото Кралство и Европската Унија да одговори на сите предизвици за кои ќе се говори на овогодинешната конференција е-Општество.мк, и тоа не само за земјава, туку и за земјите во регионот.

Линк до оргиналната објава: Отворена конференцијата е-Општество.мк, во фокусот кибер отпорноста за слобода и безбедност | Meta.mk

Сподели: