Јавните податоци треба да бидат слободно достапни за сите граѓани. Институциите кои располагаат со јавни податоци мора да прифатат дека овие податоци припаѓаат на јавноста, а не на самите институции. Бизнис моделите кои се базираат на продажба на јавни податоци треба да бидат реформирани, политиката на отворени податоци треба да биде задолжителна за сите институции, како на централно така и на локално ниво. Потребно е централизирано планирање на инфраструктурата за податоци под единствен ентитет за да се обезбеди конзистентност, ефикасност и интероперабилност помеѓу сите државни институции, како и учество на граѓанското општество во дигиталната трансформација.
Ова се дел од предлог-препораките кои произлегоа од денешната 3-та сесија на Работната група 6-Антикорупција (Поглавје 5-Јавни набавки, Поглавје 18-Статистика и Поглавје 32-Финансиска контрола) на тема: „Градење кохезивна дигитална инфраструктура за развој на напредни јавни финансии“ која се одржа во Скопје во организација на Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија.
Извор: Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија
На вториот панел од работната група учествуваше Мила Јосифовска Даниловска, програмски менаџер во Фондацијата „Метаморфозис“ која што посочи на важноста на ефикасна, транспарентна и инклузивна дигитална трансформација во согласност со потребите на граѓаните која треба да биде приоритет. Понатаму, таа додаде дека потребата од воведување на дигиталните технологии во јавниот сектор не треба да се сведе само на моментот да бидеме во тек со иновациите или да ги исполниме критериумите за влез во Европската Унија, туку треба да се базира на суштинско решавање на постоечките предизвици со кои секојдневно се соочуваме.
При дискутирање на предусловите за сеопфатна дигитална трансформација и воведување на вештачката интелигенција во јавниот сектор, покрај подобрена регулатива, интероперабилност, оптимизација на процесите и градење на капацитети, Јосифовска Даниловска се осврна на важноста на отворените податоци во креирање на иновативни дигитални решенија. “Отворените податоци се многу важни, не само заради транспрарентноста туку и затоа што системите базирани на вештачка интелегенција се подобруваат и стануваат попаметни само ако се хранат со информации и податоци. Отворените податоци можат токму тоа да го овозможат, голем број на податочни сетови од кои системите базирани на вештачка интелигенција што евентуално ќе сакаат институциите да ги воведат – ќе имаат од „каде да учат“.”
На крај, таа апелираше за здружен и заеднички пристап помеѓу сите чинители, вклучително и граѓанскиот сектор, кон градење на еден дигитално зајакнат екосистем како динамичен центар на иновации и раст, кој користи дигитални алатки, аналитика на податоци и информациски системи за да ја подобри испораката на јавните услуги за граѓаните и ефикасно да се справи со општествените предизвици.
Извор: Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија
Сподели: