Членките на Балканската мрежа за борба против дезинформации (ADN-Balkans), кои истовремено се и членки на Меѓународната мрежа за проверка на факти (International Fact-Checking Network – IFCN), одржаа посебна сесија насловена „Спротивставување на прекугранични дезинформации: искуства на Балканската мрежа за борба против дезинформации“ во рамки на виртуелната конференција „Global Fact 7“, најголемиот годишен собир на проверувачи на факти во светот.

Панелисти беа претставници на Балканската мрежа, а снимка целиот настан е достапен во форма на видео клип на Јутјуб.

Модераторот Бардил Јашари, извршен директор на Фондацијата Метаморфозис, на почетокот го посочи следното:

Работата во балканскиот регион е секогаш поврзана со предизвици. Не само поради неговата турбулентна историја, туку и поради многубројните современи предизвици: од борбата со корупција и состојби на заробена држава, нелегално прислушување и набљудување, загрозените слобода на изразување, како и мигрантската криза и тековната криза со пандемијата на Ковид-19… Покрај овие предизвици и поврзани со нив се дезинформациите наменети да го дестабилизираат регионот, да ја уназадат демократијата и да го загрозат мирот. Дезинформациите се опасни не само за политичките процеси туку и за нашето лично здравје, како што може да видиме со дезинформациите поврзани со Ковид-19.

На Балканот, како и на други места, дезинформациите и манипулациите не се ограничени со државните граници. Благодарение на интернетот и неговата многу демократска природа, информациите и дезинформациите може да циркулираат меѓу различните политички и медиумски сфери во секоја од земјите, преку границите, при што се адаптираат на потребите на локалните пропаганди и политичари, радикализирајќи ги ранливите групи и создавајќи раздор. На Балканот е многу честа појава иста дезинформација да кружи по медиумите во неколку земји за на крај да се врати во земјата од каде што потекнала во многу потоксична форма, потпалувајќи говор на омраза, дискриминација и за жал, конфликти. Секако може да се забележи дека дезинформациите се користат како оружје од различни групи и држави со непријателски намери, да се нарушат тековните процеси за интеграција во Европската Унија (ЕУ) и во некои случаи и во НАТО, особено при клучни политички случувања како избори и референдуми.

 

Клодина Капо, директорка на „Фактоје“ (Faktoje) објасни како посебностите на националниот контекст во Албанија се одразуваат на нивната мисија да се проверат фактите во врска со „оствареноста на ветувања, точноста на изјави на високи јавни функционери и како тие ги трошат јавните средства, по што треба да се каже вистината“. Така, важен аспект во областа на проверка на факти во Албанија е фокусот на борба со корупцијата и зголемување на транспарентноста на владините институции. Еден пример е случајот на енормно трошење буџетски средства од министерката за правда на луксузни хотели при патувања во странство.

Во рамки на нивната работа „Фактоје“ се соочува со молк на администрацијата при користење на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, па е присилена да ги тужи институциите што одбиваат да го спроведат преку недоставување податоци. Во моментот тие имаат покренато 12 тужби против такви владини тела.

Филип Стојановски, директорот за партнерства и развој на ресурси на Фондацијата Метаморфозис преку кратка презентација ги претстави искуствата од проектите Сервис за проверка на факти од медиумите и Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк, кои функционираат во синергија со другите напори на фондацијата насочени кон проверка на факти, развој на медиумскиот плурализам и професионалните новинарски стандарди – Вистиномер, новинаската агенција Meta.mk и порталот за вести на албански јазик Portalb.mk.

Стојановски посочи три примери на прекугранични дезинформации за да ја илустрира потребата од соработка преку комбинирање ресурси, меѓу кои и споелување знаења за лоалните јазици и политички контексти. Првиот пример се однесува на лажните тврдења за „мито од 30 милиони евра“ за премиерите за потпишување на Преспанскиот договор, кои потекнуваат од словенечки медиуми поддржани од Унгарија, базирани на искривоколчување на вести од Грција и неколкупати ширени во Северна Македонија.

Другите примери се однесуваа на дезинформации поврзани со затворањето на границите поврзани со Ковид-19, наменети за ширење конфузија и недоверба. Една од нив е лагата дека албанскиот премиер најавил примање само на етнички Албанци од регионот како туристи, заснована на погрешен превод на негова изјава.
Случајот на поттикнување етнички и верски тензии со манипулативната лажна вест за Грција разоткриено преку проектот КриТинк послужи како последен пример, кој опфати користење фалсификати и други медиумски манипулации.

Танос Ситистас, уредникот на „Елиника хоуксис“ (Ellinika Hoaxes), водечкиот сервис за проверка на факти од Грција, го започна своето излагање со изјава дека им причинува големо задоволство што се членка на Балканската мрежа за борба против дезинформациите, како колаборативен напор од неколку земји. Тој објасни дека во изминатите неколку години тие оствариле близок однос на соработка со Метаморфозис од Северна Македонија, работејќи заедно на неколку случаи на разоткривање лажни вести преку размена на информации. Потоа, тој истакна:

Балканот треба да послужи како школски пример на студија на случај за прекугранични дезинформации. Нашиот регион многу пропати по завршувањето на Студената војна. Југославија прво беше втурната во крвава граѓанска војна, а земјите наследнички имаа проблем да држат чекор со остатокот на регионот. Грција и Северна Македонија беа вклештени во скоро 30-годишен спор за името. Тој спор беше разрешен во јули 2018 година со потпишувањето на Преспанскиот договор. Но тој спор предизвика, и сè уште предизвикува, националистички пориви во обете земји. Ние забележавме пораст на лажни вести и прекугранични дезинформации особено во времето пред и по потпишувањето на овој договор.

Патот на една од дезинформациите откриени од „Елиника хоуксис“ со влијание на Северна Македонија, Либан, Франција и Грција.

Ситистас исто претстави и друг пример на разоткриена прекугранична дезинформација, која се однесуваше на лажни тврдења дека американски дипломати стационирани во Грција и Северна Македонија биле наводно инволвирани во подмитување пратеници да гласаат за ратификација на Преспанскиот договор. Ова новинарско истражување открило дека првобитни извори на дезинформацијата се веб-сајт од Либан (Voltaire Net) и Франција (Reseau International) кои се поврзани со француската верзија на руската државна агенција „Спутник“ (Sputnik France).

Следен панелист беше Милена Поповиќ, уредничката на Истиномер, првиот сервис за проверка на факти во Србија и во регионот, кој неодамна прослави десетгодишнина. Започнат како мал проект тој со време има прераснато во вистински медиум. Таа објасни:

Балканскиот регион е специфичен бидејќи земјите се поврзани не само со скорешното минато, туку и преку сличноста на јазиците. Недостатокот на јазични бариери овозможува лесно и брзо пренесување информации, ама и дезинформации од една земја во друга. Од почетокот на кризата со коронавирусот, Истиномер, како и другите слични медиуми од регионот и светот, се фокусираше на разоткривање на дезинформациите од оваа област, поради огромната важност и огромниот наплив на дезинформации кои доаѓаат преку социјалните мрежи, онлајн и традиционалните медиуми.

Истиномер е особено насочен кон одговорностите на државните функционери во кризата, поради важноста на довербата кон нив и институциите од една страна и граѓаните од друга.

Како пример на прекугранична дезинформација, Поповиќ го презентираше разоткривањето на шпекулациите од интервјуто на македонскиот професор Вело Марковски, направено во Северна Македонија од телевизијата во унгарска сопственост ТВ Алфа. Делови од интервјуто како видео-клипови преведени на српски беа масовно споделувани на социјалните мрежи, од портали и политички актери. Тимовите на „Истиномер“ и „Метаморфозис“ соработуваа да ти проверат разновидните тврдења, консултирајќи извори од СЗО до здравствени експерти од Србија. „Испадна дека професорот искажа многу невтемелени и научно недокажани тврдења“ – заклучи уредничката на „Истиномер“.

„Истиномер“ исто така има соработувано со колеги од Хрватска на разоткривање на теории на заговор поврзани со 5Г (5G) технологијата, промовирани од про-режимските таблоиди во Србија. Овој пример ја илустрира спецификата на српскиот медиумски простор во кој и етаблираните, „мејнстрим“ медиуми произвдуваат лажни вести, како дел од „сериозна пропагандна машина. Во оваа ситуација, повеќето медиуми, вклчително и радиодифузери со национална фрекфенција, се помалку или повеќе вклучени“ во производство дезинформации во полза на режимот, или пак во најмала рака молчат во врска со тоа. Преку неточни изјави јавни функционери се обидуваат „да создадат една паралелна реалност“ со цел да ги убедат граѓаните на Србија дека нивната земја е лидер во регионот на низа полиња.

Во текот на дискусијата, уредникот на „Вистиномер“ Владимир Петрески укажа дека технологијата и ИТ алатките може многу да помогнат во разоткривањето на изворите и тековите на дезинформациите на интернет, па затоа на сервисите за проверка на факти им треба пристап до такви алатки, но и едукација како да се користат и локални човечки ресурси – луѓе што би биле обучени за тоа.

Како заклучок модераторот Бардил Јашари рече дека „прекуграничната соработка е исклучително важна, во насока на препознавање на изворите на дезинформации и промоторите на непријателски агенди, како и јавното зборување за тие појави и разоткривање на актерите. Треба да продолжиме со проверката на факти, но и да разбереме дека само проверка на факти не е доволна, туку дека е неопходно да се комбинира со други пристапи за да се намалат негативните ефекти на дезинформациите, погрешното информирање и пропагандата во нашите општества“.

Сподели: