social-mediaФондацијата Метаморфозис објавува повик за пријавување на учесници кои ќе поминат тромесечна обука за граѓанско новинарство на интернет. Учесниците ќе имаат можност да се стекнат со технички вештини за создавање на мултимедијални информации, но и да се запознаат со правилата за создавање на содржини на веб преку обука и работа со експерти од областа.

Процесот на создавање на граѓани-новинари ќе се состои од две фази. Во првата фаза сите избрани учесници ќе поминат обука за стекнување на вештини од областа на граѓанското новинарство на интернет, меѓу кои:

  • Создавање на содржини и нивно објавување на веб: Истражувачко новинарство, правила за пишување на веб, правила за употребливост и читливост, објавување на содржини на веб.
  • Работа со звучни записи на интернет: Користење на опрема за снимање, обработка на аудио записи, објавување на аудио на веб.
  • Работа за фотографии на интернет: Композиција на фотографија, користење на разни уреди за фотографирање, обработка на фотографии, објавување на фотографии на веб.
  • Работа со видео записи: Снимање на видео записи, обработка на видео материјал, објавување на веб, изработка и објавување на слајд каст.
  • Социјални медиуми: Користење на социјалните медиуми за идентификување и пронаоѓање на информации, промоција на содржини, интеракција и привлекување на публика.
  • Авторски права: Основни поими од областа на авторските права, пребарување на содржини на веб, Криејтив комонс

Втората фаза од обуката ќе биде тромесечен менторски процес, каде на секој учесник ќе му биде доделен ментор со кој ќе работи на примена и подобрување на стекнатите вештини од првиот циклус. Менторите кои ќе работат со учесниците се искусни новинари и експерти од областа на граѓанското-новинарство на интернет.

Што им се нуди на учесниците?

  • Обуката ќе овозможи 10 индивидуи бесплатно да се стекнат со вештини за граѓанско новинарство, со кои ќе им се овозможи да покриваат информации и случувања од своите области на интерес.
  • Секој од кандидатите ќе има можност да работи со искусен ментор од полето на граѓанското новинарство со цел, по завршување на тромесечниот период, да се усоврши во објавување на интернет и користење на мултимедијалните технологии за создавање на содржина.
  • Техничка помош при создавање и дизајнирање на блог, кој ќе се користи за објавување на создадените текстови.
  • Промоција на создадените текстови и авторот преку склучување партнерства со постоечки информативни портали.
  • Сертификат за успешна примена на стекнатите вештини
  • На крајот од тромесечниот период, жири од 10 експерти ќе додели 3 награди според квалитет, активност и влијание. Наградата за трето место ќе биде 100 евра, наградата за второ место ќе биде 150 евра, а наградата за прво место ќе биде 200 евра.

Што ќе се очекува од учесниците?

  • Обука ќе опфати вкупно 10 учесници кои ќе треба да учествуваат во целиот процес на обуката, кој ќе биде од 1 септември до 30 ноември, 2012 година.
  • Во текот на тромесечниот период ќе треба да објавуваат по минимум еден (1) пост неделно на својот блог.
  • Написите кои ќе се објавуваат на блогот на учесникот треба да обработуваат една од следниве теми:
        – Урбанизам
        – Мултикултура
        – Здравство
        – Образование
        – Екологија
  • Платформата која ќе се користи за поставување на блогот ќе биде Кауза.мк
  • Учесниците ќе треба да имаат редовна комуникација со својот ментор.

За дополнителни информации може да се обратите до Елена Игнатова, на elena@metamorphosis.org.mk или на телефон 02/3109-325.

Рокот за пријавување е од 15 јуни до 15 јули, 2012 година (Пријавувањето е завршено).

Обуката е дел од проектот „Блогирање за демократија“, чија цел е ширење на технички и лидерски вештини во граѓанскиот сектор во Македонија, со што ќе се овозможи НВО и индивидуални активисти да почнат да ги користат како средство за позитивни општествени промени.

Сподели: