На денешната прес конференција во рамките на проектот “Дигитализација во земјоделството – СЕГА” спроведуван од Рурална Коалиција како дел од ИЦЕДА малата грантова шема, беа презентирани резултатите од националниот Извештај за дигитална писменост и користење на е-услуги во руралните средини.

На презентацијата на резултатите од истражувањето кое што опфати 246 испитаници од руралните средини и тоа 122 жени и 124 мажи од 6 плански региони (Југозападен, Југоисточен, Источен, Североисточен, Полошки и Пелагпнски) беше споменато дека дури 76% од земјоделците имаат е-маил адреса, над 92% имаат стабилна интернет врска во своето место на живеење, а 185 од испитаниците освен смартфон имаат и друг компјутерски уред.

“Но, она што е загрижувачки е дека најчесто ваквите е-маил адреси не ги користат, не си ги знаат лозинките и тоа често пати им предизвикува проблеми во комуникацијата со институциите. Поради тоа дури 64% од нив преферираат комуникација и вадење документи на шалтер, а ниска е и довербата во електронските документи односно само 35% од испитаниците му веруваат целосно на системот. Повеќе од половината од испитаниците односно над 52% не го препознаваат порталот www.uslugi.gov.mk a и од тие кои што имаат информација за истиот, само 18% успеале да го отворат и да побараат одредена услуга електронски и тоа најчесто со поддршка на помладите членови семејството или пак со поддршка на вработените во институциите”, напоменаа Лилјана Јоноски и Елизабета Ристеска – Мрческа како главни истражувачки во проектот.

Главните препораки дадени во истражувањето се потврдија и на самата прес конференција односно дека мора да се работи на терен со земјоделците и тоа чекор по чекор започнувајќи од зголемување на нивото на дигиталната писменост, воведување на е-услугите како единствен начин на комуницирање со институциите каде што е возможно и јакнење на свеста кај локалното население за потребата од активно вклучување во процесите на дигитализација кое што им штеди време, средства, но им дава во исто време и целосен преглед на случувањата во секторот земјоделство и рурален развој со таа напомена, ваквите активности да се спроведуваат на лесен, едноставен и разбирлив јазик за руралното население.

Истражувањето е спроведено во рамките на проектот “Дигитализација во земјоделството – СЕГА“ финансиран како подгрант во рамките на проектот „Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ИЦЕДА“ кој што го спроведуваат Фондацијата Метаморфозис (Северна Македонија), Академија за е-владееење (Естонија), Levizja Mjaft! (Албанија), ЦРТА- Центар на истражување, транспарентност и отчетност (Србија), НВО 35мм (Црна Гора) и ODK – Oтворени податоци Косово (Косово). Проектот се спроведува со финансиска поддршка од Европската Унија.

Рурална Коалициjа е една од трите организации од Северна Македониjа коjа што стана дел од регионалната мрежата ИЦЕДА – Мрежа за зголемување на граѓанското учество во спроведувањето на Дигиталната агенда, која што освен во Северна Македонија е активна и во Албаниjа, Косово, Црна Гора и Србиjа

Целосниот извештај од истражувањето е достапен тука.

Сподели: