Изутрината на 10 декември 2021 г. во Приштина започна меѓународната конференција „GOT_DATA“ организирана од организацијата „Опен дата Косово“ (ODK), на тема прифаќање на дигиталната трансформација во регионот: Дигиталната агенда, заштита на податоци и доброто управување. Конференцијата се одвива во хибриден формат, преку физички собир во салата „Вендум“ и преку интернет на говорници и учесници од целиот регион.
Настанот започна со панел дискусија модерирана од извршната директорка на Опен дата Косово, Блерта Тачи, која посочи дека треба да се постигне рамнотежа меѓу придобивките од дигиталната трансформација и ризиците по човековите права.
Извршниот директор на Фондацијата „Метаморфозис“ Бардил Јашари посочи дека довербата во владините институции е на многу ниско ниво, но исто така дека и дигитализацијата е неминовна и незапирлива.
“Она што може да го направиме како граѓанско општество, академски и деловен сектор е да ги поставиме интересите на граѓаните и вредностите на човековите права во центарот на процесот на дигитална трансформација. Само така тој процес ќе биде успешен,“ рече Јашари.
Според него, она што ни треба не е само слепа доверба, туку и вклучување на граѓаните и како индивидуи и како членови на институции од граѓанскиот, научно-образовниот, приватниот сектор за да се осигураме дека обработката на податоци е според стaндардите засновани на вредностите на човекови права.
„Основа на довербата е транспарентост и информираност. Она што ни треба се транспарентни алгоритми, знаење како податоците се користат и чуваат,“ нагласи Јашари.
Извршниот директор на „Метаморфозис“ укажа и дека за жал во нашиот регион има ниско ниво на примена на овие вредности, а граѓаните треба да знаат дека институциите ги применуваат сите мерки на сигурност при чување на нивните податоци. Јавните институции мора да вложат напори да го зголемат своето разбирање на ситуаацијата при креирање на дигиталните сервиси за при тоа да обезбедат заштита на податоците и човековите права.
Професорот Блерим Реџа, посочи дека истражувањата направени на Универзитетот во Приштина покажуваат дека граѓаните немаат доверба во институциите кои ги прибираат нивните податоци.
„Иако во Косово се зголемуваат дигиталните сервиси, ние како граѓани треба да бидеме свесни дека и нашиот дигитален отисок се зголемува. Владата прибира најразлични податоци од граѓаните, од отисоци на прсти до податоци што се во пасошите, кои се чуваат локално на ниво на институции. Политиката што одредува како се чуваат податоците на граѓаните треба се ревидира,“ посочи Реџа.
Професорот, чија специјалност е сајбер-безбедноста, укажа дека при носење одлуки во дигиталниот свет треба да се следат истите правила како и кај аналогните технологии. Податоците смее да се предаваат со дозвола или според одлука на суд, без разлика што технологијата овозможува автоматска обработка на огромни количества податоци.
Тој предупреди дека и комерцијалните сервиси што наводно се „бесплатни“ всушност не се бесплатни, бидејќи како корисници плаќаме со нашите податоци. Мора да бидеме свесни кој сè има пристап до нив, дали и како се споделувааат меѓу приватните фирми и владини институции.
„Она што мора да се погрижиме е да ја развиеме свеста дека владата мора да работи во наш интерес Треба да бидеме свесни дека она што е безбедно складирано денес, не мора да биде безбедно утре,“ заклучи д-р Реџа.
Роберт Шала, извршен директор на косовската фирма за сајбер-безбедност „Сентри“ (Sentry), како претставник на приватниот сектор посочи дека сите треба да инвестираат во зголемување на приватноста, меѓу другото и во јавно-приватни партнерства.
„Како што посочи и поранешниот директор на Твитер Џек Дорси, секоја активност што ја правиме на интернет за последица има креирање податоци, кои може да немаат никаквво значење, или пак ние да му дадеме значење. Податоците се создаваат и без наше знаење и мора да имаме протоколи за тоа како тие податоци се користат. Граѓанските организации се фактор кој заедно со властите треба да влијае за усвојување политики кои ќе овозможат правилно користење на податоците,“ рече Шала.
Според него, иако граѓаните на владата и органите на државна управа често се гледаат како на екстерно тело, мора да знаеме дека тие се дел од нашиот живот и ние сме дел од нив, така што секој од нас треба да е свесен дека има одговорност и моќ да се спротистави на различните закани.
Андреј Петровски, директор за технологија при Фондацијата „ШЕР“ (SHARE Foundation) од Белград укажа дека земјите од регионот имаат слични проблеми во однос на човековите права во дигиталната сфера и дека тоа не се однесува само на Западен Балкан, туку и пошироко во околните земји кои се од претходно членки на Европската Унија, како Унгарија и Хрватска.
Според него, пандемијата ги направи повидливи прашањата за кои и од претходно укажуваа граѓанските организации за дигитални права. Примерите на негрижа од страна на администраторите за податоците поврзани со ковид-19 од Србија, како и инцидентите за „протекување“ приватни податоци за пациенти во Косово, Црна Гора и Северна Македонија најдрастично покажаа дека има потреба од суштински промени на односот на властите во оваа област.
„Податоците постојат во тие системи и најверојатно ќе се собираат уште многу повеќе податоци. Но не може да кажеме дека граѓанското општество, академските институции, приватниот сектор и властите ја споделуваат одговорноста за нив во иста мерка, бидејќи владините тела контролираат најголем дел од тие податоци. Затоа тие носат најголема одговорност, додека граѓанското општество може да им помогне во градење капацитети за раководење со податоците. Но во крајна линија државата има одговорност да се осигура дека тие податоци се безбедни. Има разлика од огромните бази на податоци што ги контролира приватниот сектор, како банките, бидејќи тоа е податоци што нивни муштерии им ги дале доброволно, додека граѓаните немаат избор при предавањето на нивните лични податоци на органите на државна управа по сила на закон. Затоа властите мора да го осигураат нивното безбедно чување,“ посочи Петровски.
Петровски посочи и дека тековните процеси на европска и регионална интеграција, како „Отворен Балкан“, повлекуваат и споделување податоци на граѓаните меѓу државните институции на различни земји, што повлекува и потреба за дополнителни нивоа на заштита на правата на граѓаните.
Конференцијата продолжува со панели на теми како заштита на приватноста – со учество на претставници на регулаторните тела за заштита на личните податоци од Балканот, зголемување на нивото на отвореност на државните институции, како и зголемување на граѓанското учество со цел зголемување на отвореноста и транспарентноста на парламентите и други претставнички тела. Таа е дел од регионалниот проект „Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ICEDA“ кој е финансиран од Европската Унија и раководен од Фондацијата „Метаморфозис“ од Скопје, а на неа се претставени и резултати од проекти поддржани од НЕД (National Endowment for Democracy), DEMOS, Кралствата Холандија, Шведска и Норвешка.
Сподели: