Во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско учество, Фондацијата Метаморфозис спроведе Проценка на нивото на спроведување на акцискиот план на Стратегијата за транспарентност (2019-2021) со Акциски план усвоена од Владата на Република Северна Македонија во ноември 2019 година. Стратегијата е насочена кон унапредување на амбиентот за транспарентност и довербата во работата на институциите.
Акцискиот план за спроведување на Стратегијата за транспарентност опфаќа период од две години (ноември 2019 – ноември 2021) и се состои од пет поглавја, односно: следење и известување, пристап до информации, активна транспарентност на владата и другите органи на извршната власт, подготовка на подзаконските акти и усогласување со правото на Европската Унија. Поглавјата содржат стратешки определби, кои потоа се поделени на мерки и активности.
Фондацијата Метаморфозис го следи спроведувањето на активностите според индикаторите за успех наведени во самиот Акциски план и служи како извештај во сенка за неговото спроведување.
Со мониторингот е проценето спроведувањето на Акцискиот план во две димензии: дали се спроведува навремено и дали се спроведува целосно, во случаен примерок од 50 институции: 16 министерства и 34 органи и тела на извршната власт.
Одговори на прашалниците доставиле 33 од 50-те контактирани институции, односно 66% од нив: Генералниот Секретаријат, Секретаријатот за европски прашања, 11 министерства, и 21 орган на извршната власт.
Од добиените одговори од институциите може да се заклучи дека заложбата на Стратегијата за транспарентност за делегирање на моќта по постапките за пристап до информаци не се спроведува ни по сопствена иницијатива на институциите.
Крајниот заклучок од мониторингот е дека спроведувањето на Стратегијата за транспарентност стагнира најголем дел од нејзиниот период на спроведување. Од вкупно 45 активности на Акцискиот план, девет се целосно завршени во предвидениот рок, три се завршени со задоцнување, додека осум активности сè уште траат, односно се во тек. 25 активности не се воопшто реализирани.
Временската рамка на Акцискиот план за спроведување на Стратегијата за транспарентност се совпаѓа со период со многу неизвесности вклучувајќи ја и кризата со пандемијата и активноста која моментално е клучна и треба итно да се спроведе е продолжување на рокот на имплементација и нејзино адаптирање на новонастанатите општествено-политички услови.
Проценката може да ја преземете тука.
Претходниот извештај, Проценка на нивото на спроведување на Акцискиот план на стратегијата за транспарентност (2019 – 2021) во периодот ноември 2019 – јуни 2021 е достапен тука, додека „Проценка на нивото на спроведување на Aкцискиот план на стратегијата за транспарентност (2019-2021) во првата година (ноември 2019 – ноември 2020)“ може да го погледнете тука.
Сподели: