Покрај специјализираните веб-страници за онлајн продажба преку огласи на физички лица, редовна пракса стана секаков вид на производи да се нудат на продажба и преку огласи на социјалните мрежи. Но, радоста дека некој сака да го купи тоа што се продава може „скапо“ да чини. Анализата на ваквата купопродажна комуникација јасно покажува дека постојат повеќе ризици. Особено е важно исклучително да се внимава какви информации се споделуваат бидејќи не ретко се случува да станува збор за измама.

Фото: Мета.мк

Според официјалните податоци на германска компанија специјализирана за податоци за пазарот и потрошувачите „Статиста“ во моментов има 5 милијарди корисници на Интернет, од кои 4,65 се и корисници на социјални мрежи. А, најпопуларната глобална апликација за мобилни пораки Ватсап, ширум светот ја користат приближно 2 милијарди активни корисници месечно.

Меѓу нив има и вистински купувачи, но и вистински криминалци кои многу вешто може да ги злоупотребат личните податоци на оние што се впуштаат во вакви зделки што може да води до разни обвинениа меѓу кои и за тероризам и организран криминал.

Од желба за заработка до ризик за злоупотреба на лични податоци

Според податоците на Одделението за компјутерски кримал при Министертството за внатрешни работи, до сега најчести обиди за компјутерска измама се имејл пораките преку кои некој ве известува дека сте добитник на голема парична награда или неочекувано наследство од некој незнаен далечен роднина. Исто така, во последно време станаа атрактивни и лажни промоции на Фејсбук преку кои корисниците се повикуваат да кликнат лајк или да коментираат. Тие, како што појасни полицијата освен што се таканаречени постови за „лајк фарминг“ им служат на авторите на постовите да селектираат идни жртви.

Но, она што е впечатливо е дека овие малициозни криминални умови почнуваат и друга стратегија. „Тие се јавуваат на продавачот или пишуваат порака преку Ватсап или друга апликација за комуникација и притоа бараат од продавачот да кликне линк кој носи до веб страница за купување крипто валути. Исто така бараат од продавачот да испрати фотографија од личен документ и фотографија на која се гледа продавачот како го држи документот“, велат надлежните од Одделението за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи.

Фото: Мета.мк

По договорената купопродажба тие испраќаат фотографија од наводно нивна лична карта и вешто маскиран имејл од наводна банкарска трансакција во кој адресата од која е испратен е скриена зад лого од позната банка. На прв поглед не се гледа дека имејл адресата нема никаква врска со банката. Во пораките има и дел во кој во табела за трансфер на пари, каква што би испратила и вистинска банка, пишува дека се испратени повеќе пари од договореното. Но, наводно, со нив треба да се плати транспортот кон одредена позната компанија, која има претставништво и кај нас.

Фото: Мета.мк

Наведен е и СВИФТ код кој му е потребен на продавачот за да може да ги повлече парите, и кој е дел од меѓународниот банкарски систем, односно е задолжителен при банкарски трансакции со странство.

„Горенаведената сума го вклучува товарниот надоместок за стоката, што значи дека трансакцијата треба рачно да биде одобрена од нас поради вклучената сума пари, мораме да преземеме дополнителни чекори за да ги заштитиме двата корисници. За да можеме да го активираме плаќањето ќе мора да ја исплатите таксата за превоз до транспортната компанија преку трансфер за купување на биткоин и да ни испратите скенирана копија/фотографија од потврдата за купување на биткоин на имејл“, се вели во имејлот кој наводно го испраќа холандската банка Credit Europe Bank.

Понатаму се додава: „Од безбедносни причини, се погриживме овој начин на плаќање да не може да се врати или откаже од испраќачот за да се осигура дека вкупниот износ е целосно префлен на вашата сметка веднаш штом ќе го завршите купувањето на биткоин и ќе ни пратите потврда“.

Мета.мк се обиде да ја контактира банката, но иако не добивме директен одговор, по извесно време тие на официјалната веб страница објавија важно соопштение кон нивните клиенти во кое известуваат појавата на лажни мејлови.

„Обрнуваме внимание на клиентите и оние кои имаат намера да вршат трансакции за продажба на стоки и услуги преку Интернет. Банката не обезбедува размена на стоки, посреднички чекори, не дава гаранции, не поддржува, не опслужува или на друг начин не презема операции во врска со плаќањата преку Интернет.

Credit Europe Bank ве советува за следните мерки на претпазливост и дејствија во случај да бидете жртва или сведок на слична измамна активност:

Бидете сомничави за која било верзија на овие е-пораки, вклучувајќи ги и е-поштата за потсетување во кои се закануваат со правна постапка доколку стоката не се испрати. Бидете особено внимателни ако стоката треба да се испрати во други земји, особено надвор од Европската унија“, наведено е во соопштението.

Од таму исто така велат дека Credit Europe Bank не врши никакви трансакции во биткоин или други криптовалути. Дополнително банката советува ​​дека измамничкиот купувач ја злоупотребува нивната веб-страница и ги повикува клиентите да ги пријават ваквите случаи во полиција.

Мета.мк стапи во контакт и со претставнништвото на компанијата ДБ Шенкер во Северна Македонија чие име се спомнува во некои од мејловите. И оттаму изјавија дека компанијата не наплаќа за услугите преку крипто валути и нагласија дека е важно да се внимава при вакви трансакции затоа што може да се случи некој навистина да плати.

Преупредувања до клиентите за обиди за измама преку компјутерски систем неодамна објави една од поголемите банки во земјава. Имено, НЛБ банка информираше дека заради детектирани обиди за злоупотреба на податоци и сметки од клиенти банката превентивно ги известила своите клиенти дека треба да бидат особено внимателни при споделување на своите лични и банкарски податоци.

„Во известувањето е нагласено дека особено е важно клиентите никогаш да не ги споделуваат со друго лице, дури и ако се идентификува како претставник од Банката: активациските кодови за електронско и мобилно банкарство, кодовите за интернет плаќања и ПИН кодовите од платежните картички. Дополнително, се потенцира дека овие податоци никогаш нема да им бидат побарани на клиентите, од ниту едно лице вработено во НЛБ Банка. Во известувањето, банката упати и апел до клиентите адолжително да го пријават било каков обид или злоупотреба на податоци“, изјавија од НЛБ Банка за Мета.мк.

И од Халк Банка исто така за Мета.мк посочија дека наводната трансакција во која имаа увид изгледа многу реално и затоа е потребно клиентите многу да внимаваат да не бидат измамени за да не се доведат во ризик и некој да ги злоупотреби нивните податоци.

Кој стои зад наводниот купувач

Од Одделението за компјутерски криминал велат дека постои можнност граѓаните никогаш да не дознаат на кој начин ќе им бидат злоупотребени личните податоци.

„Злоупотребата може да се случи во некоја сосема трета земја. на пример, Може во Африка да бидат злоупотребени. на пример, крипто валутите кои се купени со личните податоци на измамено лице, на пример може да се употребат за финансирање тероризам, или трговија со дрога и оружје“, истакнаа од МВР.

Според МВР , цвушност тие измамници, отвораат крипто паричник со туѓи податоци, со туѓ идентитет и на пример при нелегални активности тој паричник може да биде „фатен“, од полиција во друга земја и да се појават податоците на измаменото лице па тоа лице иако не е инволвирано во криминал да биде барано од Интерпол.

„Затоа измамнците и ги прават овие измами, со цел да не биде откриен нивниот идентитет“, рекоа од МВР.

Извор: Продажбата преку огласи, заработка или ризик од злоупотреба на лични податоци | Meta.mk

Сподели: