Отвореноста на единиците на локална самоуправа кон граѓаните е клучна за добро управување на локално ниво, бидејќи поттикнува транспарентност, отчетност и активно учество на граѓаните, што води кон поефикасно и одговорно носење одлуки. Ваквата транспарентност е од особена важност во борбата против корупцијата, бидејќи овозможува јавен надзор и го намалува просторот за злоупотреби и за нелегални активности.
Овој ноември, преку четири онлајн средби, Фондација за интернет и општество „Метаморфозис“ и Рурална Коалиција ја промовираа Листата за самоевалуација за отвореност на локалната самоуправа. Листата се базира на методологијата од Индексот на отвореност на локално ниво и претставува инструмент преку кој единиците на локалната самоуправа самостојно ќе може да ја самооценуваат својата отвореност, што ќе им овозможи полесно и постојано следење и детектирање на нивните слабости и недостатоци, како и добивање појасна слика за проактивната транспарентност и нејзината улога во доброто владеење. Листата може да ја преземете тука.
На средбите учествуваа претставници од локални самоуправи од сите осум плански региони, кои имаа можност да се запознаат со последните наоди од Индексот на отвореност на локалната самоуправа за 2024 година и „Листата за самоевалуација за отвореност на локалната самоуправа“, по што беше обезбеден простор за дискусија и прашања од страна на учесниците.
Овие активности се овозможени со поддршка на Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас во рамките на проектот „Дигитална трансформација на локално ниво – Вклучена заедница за отпорност на корупција (ДИГИЛОК)“ спроведуван од Фондација за интернет и општество „Метаморфозис“ во партнерство со Рурална Коалиција и Центар за социјални иновации Блинк 42-21.
Сподели: