Имплементацијата на Реформската агенда во Северна Македонија бара инклузивен пристап и придонес од сите релевантни чинители за да се обезбеди нејзина успешна имплементација. За таа цел, Институтот за европска политика – ЕПИ, во соработка со Министерството за европски прашања, на 19 мај, организираше Прв состанок на Националниот консултативен механизам за реформската агенда 2024-2027 – нова национална платформа која овозможува структуриран, транспарентен и инклузивен дијалог заснован на докази меѓу државните институции, граѓанските организации, стопански комори, академија и други релевантни фактори за имплементација и мониторинг на Реформската агенда во рамките на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан.

Мила Јосифовска Даниловска и Маријана Јанческа – Угарковиќ, од Фондација Метаморфозис учествуваа на средбата. Јанческа – Угаровиќ ги претстави наодите од истражувањето на Метаморфозис на досегашниот напредок во областа на дигитализацијата, како клучна област во Реформската агенда. Во истражувањето се презентирани резултатите од 2025 година поделени по клучни подобласти на дигитализација: дигитализација и кибербезбедност, како и планираните активности за 2026 и 2027 година.

Јанческа-Угарковиќ, освен што ги претстави постигнувањата, ги сподели со присутните и препораките што произлегоа од документот за јавни политики. Потребна е поголема инклузивност, особено во дигиталната пристапност за лицата со попреченост, согласно националната стратегија 2023–2030. Понатаму, треба да се зајакне вклученоста на граѓанските организации и експерти во сите фази на предвидените реформи – од дизајн до евалуација, како и да се осигура транспарентност и навремена комуникација при креирањето на регулативи. Со цел длабинско спроведување на заложбите од реформската агенда, потребно е да се инвестира во обука и техничка поддршка на администрацијата за ефикасна имплементација, како и да се прилагодуваат законите на локалниот контекст, наместо механички да се преземаат европски регулативи. Истовремено, треба активно да се поттикнува дигитална писменост кај сите категории на граѓани.

Дигитализацијата не е само техничка алатка – таа е предуслов за ефикасна, транспарентна и одговорна администрација. Како Фондација Метаморфозис, остануваме посветени да го следиме процесот и да придонесуваме за реформи што ќе бидат во интерес на сите граѓани.

Сподели: