Со обуките беа опфатени вкупно 57 учесници, меѓу кои покрај претставници од НВО, имаше и новинари, како и новинари-практиканти. На обуките присуствуваа претставници од вкупно 10 НВО (ФИООМ, Центар за одржлив развој на заедницата – Дебар, ЗГ Регионален центар за одржлив развој,  Никулец, Центар за локален развој Антигонеа, Младински Образовен Форум, МЦЕТ, itSMF Macedonia, Здружение за заштита на правата на детето, ИН АРТ Здружение на граѓани Скопје) од неколку градови во Македонија: Неготино, Дебар, Кратово и Скопје. Обуките беа еднодневни, освен една која беше поделена во 2 дена, а ги опфаќаа следните теми:

  • Вовед во темата е-содржини
  • Запознавање со видовите социјални медиуми
  • Анализа на веб-сајтови
  • Приватност на интернет
  • Авторски права и Криејтив комонс
  • Улога на блоговите за застапување во работата на НВО
  • Отворање, водење и уредување на блог
  • Користење на мултимедија
  • Основи на веб-промоција и сл.

Секој учесник на обуките изработи свој блог и ги научи вештините за негово понатамошно одржување, исполнување со разни видови на мултимедијални содржини и промовирање. Блоговите беа креирани на блог-платформата Блогспот заради едноставниот интерфејс на страниците за уредување, додека на крајот од секоја обука, на учесниците им беше претставена и македонската блог-платформа Блогерај, начинот за нејзино користење, предностите и разликите во однос на претходно спомената. Учесниците се запознаа и со дел од социјалните медиуми кои можат да ги користат за да ги промовираат своите блогови и да ја споделат креираната содржина со повеќе читатели.

obuka-za-blogiranje-1

obuka-za-blogiranje-2

Повеќе слики од обуките има на Фликр.

Дополнителна вредност за учесниците на оваа обука имаше анализата на нивните актуелни веб-сајтови, во контекст на правилно поставување и истакнување на различните видови содржини, нивната пристапност и употребливост.

Обуките за блогирање се реализираа во рамките на проектот Поттикнување на локални е-содржини кој го спроведува Фондацијата Метаморфозис. Обучувачи беа Ирина Шумадиева и Елена Игнатова.

Своите знаења, учесниците на обуките ќе можат да ги потврдат со помош на мултимедијалниот онлајн прирачник на македонски јазик кој Метаморфозис ќе го објави во текот на наредните неколку месеци. Овој прирачник ќе биде јавно достапен за сите, така што ќе можат да го користат други обучувачи и крајни корисници.

Во рамките на овој проект, претходно беа организирани серија обуки за изработка на дигитални приказни и користење на Глобал војсис и Википедија од страна на студенти од Филолошкиот Факултет.

Обуките за дигитални приказни се реализираа во партнерство со Британскиот совет и Cre8ive8, кон крајот на минатата и почетокот на оваа година. Првите 3 обуки траеја по два и пол дена, додека последната се реализираше во период од 2 недели, во рамките на 9-дневни сесии од по 3 часа. На овие обуки учество земаа вкупно 31 учесник од 4 НВО (Првата детска амбасада во светот – Меѓаши, Сумнал, Аналитика и Доверба). Како резултат на овие обуки, вкупно 27 дигитални приказни беа создадени од учесниците, од кои последните 3 се јавно објавени на веб-сајтот на Метаморфозис и преведени на англиски јазик.

Обуките за дигитални приказни ги запознаа учесниците со основите за работа со софтвер за графичка, аудио и видео обработка, низ креативен процес на создавање на дигитални 2-5 минутни мултимедијални видеа. Во овие производи, учесниците преку нарација и со користење на цртежи, фотографии, звуци, песни и видеа, пренесоа дел од нивните искуства.

Обуките за користење на Глобал Војсис и Википедија опфатија 10 апсолвенти на Филолошкиот Факултет кои студираат англиски јазик, со цел нивно активно вклучување во преведувачки активности поврзани со овие сајтови. Се реализираа 2 вакви еднодневни обуки, во времетраење од по 3-4 часа.

Како дел од проектот за поттикнување на локални е-содржини досега се реализираа 15 обуки од различен тип на кои учествуваа вкупно 108 учесници од неколку различни етнички заедници, ангажирани во работата на 14 НВО и 2 високо-образовни институции.

Сподели: