На 11 декември, во просториите на Сити Хол во Скопје, се одржа јубилејната десетта по ред меѓународна конференција е-Општество.мк на тема: „Човекови права на интернет – Слобода на изразување, говор на омраза и приватност во дигиталниот свет“. Конференцијата ја проследија 135 учесници од јавниот, приватниот и невладиниот сектор од земјата и пошироко.

VX2_4322

Настанот, во организација на фондацијата Метаморфозис, го отвори амбасадорката на Франција во Р.Македонија, нејзината екселенција Лоранс Оер, која ја потенцираше важноста на човековите права во добата на подем на интернетот и новите технологии.

„Денес повеќе од 1 милијарда луѓе се поврзани на интернет. Пристапот на интернет треба да се смета за основно човеково право, а ние сите треба да го заштитиме“ – рече г-ѓа Оер. „Нашите лични податоци се навистина скапоцени, а просторот на индивидуалната слобода треба да биде заштитен. Тука е засегнато граѓанското општество, образованието и јавниот сектор“, додаде таа.

Воведни говори во сесијата за важноста на човековите права имаа и нејзината екселенција Маријане Берец, заменик шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, г. Љупчо Пренџов, заменик министер за локална самоуправа, г. Иво Ивановски, министер за информатичко општество и администрација, г. Робин Лидл, министерсоветник, Делегација на Европска Унија, г-ѓа Катрин-Амели Шасан, генерален секретар на Меѓународниот институт за човекови права и мир, и г. Бардил Јашари, директор на фондацијата Метамофозис.

„Кога сме поврзани на интернет треба да внимаваме на нашите постапки. Луѓето се регистрираат на сервиси и апликации без да ги читаат нивните права и обврски, и без да знаат што ќе се случи со нивните податоци. Потребна е обука на граѓаните за да ги знаат нивните права и обврски кога користат интернет“. – рече г. Иво Ивановски.

„Сите сакаме да сме безбедни, но користиме интернет без да размислиме како тоа влијае на нашата безбедност“ – рече г-ѓа Берец, упатувајќи на одговорно користење на интернетот. „Мора да внимаваме како се однесуваме едни кон други“, додаде таа.

„Без слобода на изразување не можеме да имаме добро воспоставен систем. Слободата на изразување е основа за демократија, стабилност и развој“ – апелираше г. Лидл.

„Слободата на изразување е одамна заштитена, но со развојот на нови технологии се соочуваме со глобализиран модел, а судството и законодавството мора да го следат“. – рече г-ѓа Катрин-Амели Шасан.

Заменик министерот за локална самоуправа, г. Пренџов, рече: „Граѓаните мора да бидат заштитени од говорот на омраза. Соработката помеѓу Македонија и регионот Долна Нормандија претставува добар пример на размена на практики во поглед на човековите права.“

Г-н Бардил Јашари потенцираше дека не треба да се плашиме од интернетот, туку преку едукација и градење свест за сигурно и одговорно користење на интернетот тој да остане слободен.

Во останатите сесии, за слободата на изразување, говорот на омраза на интернет и приватноста, говореа експерти од земјата и странство.

10858020_10152921888921873_5678336263311705444_n

Втората сесија посветена на слободата на изразување започна со презентацијата на г-а Ањес Серф, од Универзитет во Каен, која зборуваше за практиките, искуствата и тенденциите поврзани со слобода на изразување во Франција. Таа додаде дека клеветата и навредата во Франција се законски регулирани од 1881 година, а француските законодавци исто така го регулираа и вознемирувањето на интернет.

Потоа, г-а Катерина Синадиновска од Совет за етика на медиумите, зборуваше на темата: Саморегулирачки механизми за поддршка на слободата на изразување и за главната цел на Советот за етика на медиумите чија идеја е да не дозволи моќни политички и бизнис центри да ги контролираат медиумите.

Во истата сесија, г. Драган Секуловски од Здружението на новинари на Македонија зборуваше за медиумските навики на граѓаните, искуствата и актуелните случаи поврзани со законот за медиуми.

г-а Мери Јордановска, истражувачки новинар, зборуваше за образованието и за тоа како слободата на изразување е опфатена во официјалната наставна програма, како и за актуелните случувања околу студентскиот марш.

Во третата сесија посветена на говорот на омраза на интернет, г. Филип Стојановски од Метаморфозис, зборуваше за актуелните проекти за борба против говорот на омраза на интернет и ја промовираше новата мобилна апликација наменета токму за едуцирање и борба против оваа појава.

г-а Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија говореше за пријавувањето говор на омраза на интернет и го потенцираше фактот дека жртва на говор на омраза може да биде секој.

За потребата од промовирање на позитивен говор наместо говор на омраза зборуваше г. Милош Ристовски од Центар за меѓукултурен дијалог, кој го презентираше Движењето против говор на омраза.

„Образованието има важна улога за младинскиот развој, а едукацијата за човековите права е клучна“ рече г-а Сара Барние-Лирој, од Меѓународен институт за човекови права и мир, која зборуваше на темата како говорот на омраза и етничките/религиски тензии се опфатени во официјалната наставна програма за основните и средните училишта во Македонија и Франција и нивното присуство или отсуство.

Според г. Петрит Сарачини од Македонски институт за медиуми, кој ги презентираше клучните наоди од проектот против говор на омраза bezomrazno.mk, потребно е постојано предизвикување на системот како борба против говор на омраза.

Четвртата сесија од конференцијата беше посветена на темата приватност. Сесијата ја отвори г-а Тамара Ресавска од Метаморфозис која зборуваше за правата на децата на интернет, и потенцираше дека целта не е да се заплашат децата да не користат интернет, туку дека тие треба да се едуцираат за безбедно користење на интернетот.

Потоа, г-а Лилјана Пецова – Илиеска од Дирекција за заштита на личните податоци го презентираше проектот „Час по приватност“ и зборуваше за законската рамка за заштита на личните податоци и правото на приватност како и искуствата на Дирекцијата на оваа тема.

г. Владан Јолер од Share Defense зборуваше за атлас на приватноста на интернет: невидливи инфраструктури, прикажувајќи го интернетот во едно поинакво светло, истакнувајќи дека ние самите сме експортери на лични податоци.

Петтата и последна сесија, наречена Синергии обедини искуства од наставата за човекови права на интернет кои ги презентираше г. Дарко Талески, наставник, а потоа г. Ристе Змејковски од BIRN Македонија, говореше за граѓанските организации и медиумите.

Последен презентираше г. Стефан Алексиќ, од Младински образовен форум кој зборуваше за младите во медиумите и за младинскиот активизам претставувајќи ги и активностите на Радио МОФ.

Конференцијата се спроведе во рамки на проектот „Децентрализирана соработка помеѓу регионот Долна Нормандија и Република Македонија“, а во соработка со Меѓународниот институт за човекови права и мир од Каен и претставува продолжување на долгогодишната соработка на Метаморфозис и регионот Долна Нормандија во областа на човековите права.

Фотографиите од конференцијата може да ги погледнете на Фликр.

Сподели: