На 10 декември во Хотел Холидеј Ин во Скопје се одржа единаесеттата меѓународна конференција е-Општество.мк на тема: „Слобода и приватност на интернет“. Конференцијата ја проследија над 200 присутни гости, претставници од јавниот, приватниот и невладиниот сектор.
Конференцијата ја отвори амбасадорката на Франција во Македонија, Н.Е. г-а Лоранс Оер, која нагласи дека во периодот пред избори медиумите треба да информираат објективно и да се чувстуваат супериорно во однос на политичките партии.
„Сведоци сме на доближување на границата помеѓу виртуелното и реалното. Медиумите се првиот вектор за информирање на граѓаните, а во овие шест месеци до избори тие треба да се трудат да информираат реално и објективно и да се чувствуваат супериорно во однос на политичките партии“ вели Оер.
Според неа, интернетот е нов начин на дијалог и на информирање, но претставува и своевиден ризик кога терористите го користат како алатка за дискусија.
Вицепремиерот за евроинтеграции, Фатмир Бесими, посочи дека светот пред и по интернетот не е ист и тој овозможува правото на говор да биде послободно, а дека социјалните мрежи влијаат врз демократските процеси. Тој објасни дека во моментов 1.300.000 граѓани на Македонија користат интернет, а околу еден милион сурфаат на мобилни телефони.
Директорот на Меѓународниот институт за човекови права и мир додаде дека Интернетот придонесува за слободата на изразување и тој претставува одличен извор на информации. „Затоа важно е тој да биде заштитен“, смета Боша.
Бардил Јашари, директорот на Фондацијата „Метаморфозис“, потенцира дека е клучно да се најде рамнотежа помеѓу слободата на изразување и правото на приватност, односно Интернетот да биде слободен, а граѓаните на Македонија да можат слободно да се изразуват без да стравуваат за нарушување на правото на приватност.
„Во име на сигурноста и на безбедноста, директно се загрозува слободата на изразување и слободата на интернетот. Треба да најдеме начин како интернетот да остане слободен, а правото на приватност на граѓаните да биде обезбедено. Интернетот мора да биде ослободен од говорот на омраза“, вели Јашари.
Во сесијата на тема: Човековите права како основа на современото општество, своите искуства ги споделија Себастјан Ботро-Бонтер, експерт за човекови права, аташе за соработка во амбасадата на Република Франција, Силва Пешиќ, советник за човекови права, Канцеларија на постојаниот координатор на ОН, Кетрин-Амели Шасан, генерален секретар на Меѓународниот институт за човекови права и мир и Уранија Пировска, Македонски Хелсиншки комитет. Во оваа сесија се дискутираа примери и искуства од Франција и Македонија, механизмите и насоките во кои треба да се развиваа легислативата, но и свеста кај луѓето.
Во сесијата на тема: Приватност, Џилијан Јорк од EFF – Electronic Frontier Foundation и IFEX, Лилјана Пецова – Илиеска од Дирекција за заштита на личните податоци, Андреј Петровски од Share Defense и Елена Стојановска, експерт за приватност, дискутираа за развојот на оваа тема, предизвиците во заштитата на приватноста, разните проекти, истражувања и активности.
Во последната сесија посветена на Слобода на изразување, говорници беа Мирче Адамчевски од Советот за етика во медиумите на Македонија, Тихомир Лоза од SEENPM – Мрежа за професионализација на медиумите од Југоисточна Европа и IFEX, Борјана Џамбазова од Асоцијацијата на европски новинари – Бугарија и Дејан Георгиевски, претседател на Центарот за развој на медиуми. Тие дискутираа за слободата на изразување во медиумите, регулаторните тела, разните предизвици со кои се соочуваат медиумите, слободата на изразување наспроти говорот на омраза итн.
Вториот дел од конференцијата беше поделен на 4 работилници кои се случуваа истовремено, а опфатија теми како: Образование за човекови права – споделување најдобри практики; алатки кои ги зголемуваат безбедноста и приватноста на интернет; новинарските стандарди и човековите права, вклучително борба против говорот на омраза; и човекови права и избори + други прашања од областа на човековите права. За време на овие работилници учесниците имаа можност да проследат презентации на темите, да поставуваат прашања, да дискутираат и да разменуваат искуства.
Конференцијата е во рамки на проектот „Децентрализирана соработка помеѓу регионот Долна Нормандија и Република Македонија“, а во соработка со Меѓународниот институт за човекови права и мир од Каен и претставува продолжување на долгогодишната соработка на Метаморфозис и регионот Долна Нормандија во областа на човековите права.
Целосниот видео-запис од конференцијата е достапен на каналот на Метаморфозис на Јутјуб.
Галеријата со фотографии од настанот може да ја погледнете на Фејсбук и на Фликр.
Галерија на фотографии од настанот
Сподели: