Мени

Се одржува едукативен и филмски фестивал за деца

„Нашиот Мал Фестивал“ е посветен на подигнување на културната свест и нивото на неформална едукација кај децата, а во својата програма интегрира голем број едукативни работилници, проекции на детски филмови од европска продукција и многу забавни содржини.

Примарната цел на едукативните активности е да им се овозможи на децата да го збогатат своето знаење вон формалната едукација преку учество во работилници специјално дизајнирани да ја поттикнат креативната страна на нивната личност, додека пак европската филмска програма нуди исклучителна селекција на филмови целно наменети за детската публика, што е дополнителен поттик за ширење на културните хоризонти во правилна насока, но и за развивање на личноста на детето воопшто.

„Нашиот Мал Фестивал“ е организиран од страна на „Наше Маало Продукција“ по повод 15 години од своето постоење, а истиот е поддржан од Министерството за култура на Република Македонија, Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, Канцеларијата на ЕУ во Скопје, фондацијата Метаморфозис, како и општините Велес, Чаир и Културно-информативниот центар на Србите во Македонија.

Фондацијата Метаморфозис ќе организира две работилници во рамките на фестивалот: „Потреба за реупотреба“, каде ќе се изработуваат уметнички предмети од ситен електронски отпад и преку креативни начини за реупотреба ќе се пренамени е-отпадот во корисни предмети, и „Внимателно на нет за безбеден чет“, каде преку играње игри, гледање кратки филмчиња и решавање анимирани квизови ќе се пренесат неколку важни совети што секој од нас треба да ги има на ум кога користи интернет.

Програмата на фестивалот е бесплатна, а вратите на Домот на АРМ ќе бидат отворени за сите посетители од 10 до 16 часот во текот на трите дена.

Посетете го Фејсбук настанот за фестивалот каде може да се добијат повеќе информации.