Front Line Defenders и Tactical Technology Collective, во соработка со бразилската организација Escola de Activismo и фондацијата Метаморфозис ги промовираа најновите јазични изданија на Security in a Box (Прибор со алатки за безбедност на интернет), на португалски и македонски јазик. Верзијата на македонски јазик е достапна на www.securityinabox.org/mk.

„Со последните откритија дека владите собираат огромни количества податоци, како на пр. најновото откритие дека Агенцијата за државна безбедност на САД (NSA) и Штабот за комуникации на Обединетото Кралство (GCHQ) се инфилтрирале во најголемата компанија за производство на СИМ-картички за мобилни телефони и украле клучеви за шифрирање што се користат за заштита на приватноста на комуникациите преку мобилни телефони низ светот, сега е навистина јасно дека на сите ни се потребни безбедни начини за комуникација, повеќе од кога било досега. Што се однесува до бранителите на човековите права и граѓанските активисти, кои сè повеќе се мета на компјутерски напади, ова е прашање на опстанок. Security in-a-box обезбедува тактики и алатки за оваа намена“, изјави Војтек Богуш, координатор за дигитална безбедност на Front Line Defenders во Даблин.

Во Ангола, новинарот и блогер Рафаел Маркес обелодени измачување, силувања и убиства од страна на високи генерали вмешани во недозволена трговија со дијаманти во Лунда Норте. Како резултат на тоа, освен 11 кривични пријави, тој беше изложен на малтретирање и личен надзор и надзор преку интернет, како и на хакерски напади на неговиот компјутер и блог. Рафаел вели дека новото португалско издание на Security in-a-box му овозможува да биде секогаш еден чекор понапред од неговите напаѓачи.

Во дигиталното таргетирање на бранителите на човековите права низ светот спаѓа пресретнување на е-пораки, гласовна или друг тип комуникација; хакирање веб-локации, блогови, е-пошта или кориснички сметки на друштвени мрежи; инсталација на злонамерен или шпионски софтвер; како и забранување веб-локации. Во Обединетите Арапски Емирати, на бранителите на човековите права им беа пробиени сметките на Твитер. Во Србија, веб-локациите на независните медиуми на интернет и групите за заштита на човекови права беа мета на DDoS-напади. Во Сомалија, властите им наредија на интернет-провајдерите да го блокираат пристапот до веб-локациите на два независни медиуми, кои критички известуваа за регионалната администрација. Подеднакво ефикасно беа користени и помалку софистицираните тактики: во Виетнам, бидејќи поради медиумите контролирани од државата Фејсбук стана суштинска алатка за дебата и пристап до информации, профилите на бранителите на човекови права и на групите за заштита на човекови права беа предмет на голем број поплаки од страна на провладини лица, што доведе до нивно укинување од страна на Фејсбук.

Security in-a-box, водечкиот ресурс во светот за совети за дигитална безбедност и алатки што се конкретно наменети за бранителите на човековите права е всушност пакет од рецензирани алатки и тактики за бранителите на човековите права кои работат во вакви непријателски дигитални околини. Проектот што го води Front Line Defenders во соработка со Tactical Technology Collective содржи објаснувања за голем број предизвици за дигиталната безбедност, како и збирка од бесплатни софтверски алатки со упатства за нивна употреба за безбедност на компјутерот, за заштита на информациите или за одржување на приватноста при комуникацијата преку интернет.

Повеќе од 15.000 отпечатени примероци за прибори со алатки се дистрибуирани од 2006 година, а има и сè поголема база на корисници на Security in-a-box со околу 2,5 милиони уникатни посети годишно. Со додавањето на португалската и македонската верзија, приборот со алатки за безбедност Security in-a-Box сега е достапен на 13 јазици (македонски, португалски и англиски, шпански, француски, руски, арапски, амхарски, бурмански, кинески, бахаса, фарси, виетнамски). Преводот на клучните поглавја за тактиките на тибетански, турски и тајландски јазик е во завршна фаза, а преводите на кмерски, урду, балочи и пашто јазик се во тек.

„Иако Security in-a-box е првенствено наменет за да одговори на сè поголемите потреби на бранителите на човековите права од глобалниот Југ, софтверот и стратегиите во овој прибор со алатки се релевантни и општо за дигиталната безбедност. Security in-a-box нуди многу за секој што работи со чувствителни информации. Тука може да спаѓаат ранливите малцинства, независните новинари или обелоденувачите на афери, како и застапниците што работат на широк спектар прашања, од еколошка правда до борба против корупција“, изјави Ендру Андерсон, заменик-директор на Front Line Defenders.

„Разни случувања во светот и во Македонија докажуваат и покажуваат колку всушност стануваме сè поранливи на неовластено прислушување од страна на влади, хакери, сајбер-криминалци и други злосторници. Полека стануваат многу веројатни тезите според кои интернетот и другите видови комуникациски мрежи се претворени во огромни инфраструктури за прислушување и според кои всушност не постои безбеден начин на комуникација. Оттаму и големата важност на Security in-a-Box, кој иако е наменет пред сè за бранителите на човековите права ширум светот, претставува вреден ресурс и за сите оние кои сакаат да ја сочуваат нивната приватност и безбедно да работат и комуницираат преку интернет“, изјави Бардил Јашари, директор на фондацијата Метаморфозис.

За повеќе информации, контактирајте со:
Џим Лаурен, шеф за медиуми, Front Line Defenders
Тел.: +353 1 212 37 50
Мобилен: +353 (0)87 231 60 49

Сподели: