Канцелариите „Една точка за услуги“ кои беа отворени во Скопје, Куманово, Охрид, Битола и во Тетово со цел граѓаните да му кажат „збогум“ на чекањето на шалтерите, ќе бидат затворени и на нивно место ќе бидат отворени 333 шалтери низ филијалите на Македонска пошта. До неодамна, владините функционери го промовираа како „успешен проект“, па дури и пред претставниците од другите држави се фалеа како за „нецела минута“ граѓаните се послужуваат со документи на едно место, а откако Државниот завод за ревизија им даде „ладен туш“, соопштувајќи дека овие канцеларии всушност издале многу малку документи, беше најавено дека ќе бидат затворени. Порталб.мк докажува како овој проект, промовиран и постојано пофалуван, всушност не функционирал. Податоците покажуваат дека за една година се издадени само 1.062 документи низ цела држава, пишува Порталб.мк
„Една точка за услуги“ е проект на Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) кој беше најавен уште во 2017 година, а првата канцеларија беше отворена пред четири години, односно во 2019 година во времето кога со министерството раководеше Дамјан Манчевски во кабинетот на премиерот Зоран Заев.
Преку анализата, Порталб.мк докажува како овој проект, промовиран и постојано пофален, всушност не функционирал. Енергијата и ресурсите потрошени за овој проект веројатно би биле покорисни доколку се инвестираа во вистински реформи во администрацијата и граѓаните не би ги гледале „илузиите“ на владините функционери кога пред медиумите вадат „уверенија за стаж“ за една минута, додека пред шалтерите чекаат со часови.
Во 2021 година, Порталб.мк го тестираше вадењето документи и забележа дека „Една точка во еден поен“ не значи дека граѓанинот ги добива потребните документи од еден шалтер, туку во една зграда има неколку институции каде што имаат шалтери и граѓаните мора посебно да чекаат на секој од нив за да го добијат документот.
Катастрофални податоци за канцелариите „Една точка за услуги“
Во март оваа година, Државниот завод за ревизија го објави ревизорскиот извештај за „Реформите во јавната администрација“, во кој направија ревизија и на проектот „Една точка за услуги“, каде според истиот, овие канцеларии издале само 1.062 документи за една година.
Во извештајот се наведува дека првично граѓаните можеле да добијат 10 услуги, но подоцна, и покрај најавите на владините функционери за зголемување на бројот на услугите, тие оваа бројка ја намалиле на седум. Тие известуваат и за малиот број документи издадени од овие канцеларии, односно од јуни 2021 до јуни 2022 година издадени се само 1.062 документи.
„Од одговорните лица во МИОА, не се анализирани причините за малиот број издадени документи, што ја намалува ефикасноста на мерката, но и влијанието на оправданоста на финансиските и човечките ресурси за функционирање на истите и изнаоѓање решение за надминување на проблемот“, се вели во извештајот.
Во извештајот се наведува дека бавната динамика на целосно спроведување на концептот на „едношалтерскиот систем“ за давање услуги на граѓаните не овозможува ефикасно спроведување на проектот „Една точка за услуги“ и пристап на граѓаните до услугите на јавните и државните институции во едно место.
Според податоците добиени од Министерството за информатичко општество и администрација, во петте точки на „Една точка за услуги“ има 23 вработени. Најмногу ги има во Тетово 9, Куманово 6, Битола 5, а во Скопје и Охрид по 4.
Веб-страница на канцелариите „Една точка за услуги“ нема податоци за тоа колку документи се издадени од отворањето на првата канцеларија, туку само месечни извештаи од системот „Земи бројче“, односно за тоа колку бројчиња се вкупно издадени или колку граѓани добиле бројче од електронските уреди да чекаат во ред; колку од нив биле услужени и каква оценка дале за добиената услуга.
За ова побаравме дополнителни информации од МИОА, кое ни достави табеларни податоци за издадените документи од јуни 2021 година, период кој е наведен и во извештајот на Државниот завод за ревизија.
Според податоците, во периодот јуни 2021 – јуни 2022 година, Канцеларијата во Скопје (само двата шалтери на МИОА) издала 102 документи, Канцеларијата во Тетово 146, во Куманово 210, Битола 600 и Охрид само 4.
Од друга страна, нудењето информации за услугите е значително поголемо отколку издавањето документи. Имено, во Скопје се дадени над 2.500 информации, во Тетово над 300, во Куманово над 2.000, во Битола над 1.900 и во Охрид над 300.
Ако се подели бројот на вработени со бројот на издадени документи, произлегува дека секој вработен издал 46 документи за 1 година или 3,8 документи месечно, или пак, одделно по градови ситуацијата била слeдна:
- Во Скопје: 4 вработени имаат издадено по 25,5 документи за една година или 2,1 документи месечно
- Во Тетово: 9 вработени имаат издадено по 16,2 документи годишно или 1,3 документи месечно
- Во Куманово: 6 вработени имаат издадено по 35 документи годишно или 2,9 документи месечно
- Во Битола: 5 вработени имаат издадено по 120 документи годишно или 10 документи месечно
- Во Охрид: 4 вработени имаат издадено по 1 документ годишно или 0,08 документи месечно
Во меѓувреме, од јуни 2022 до април 2023 година, бројот на издадени документи бележи благ пораст, односно издадени се 1,901 документи. Канцелариите во Скопје издале 520 документи и понудиле над 5.000 информации, во Тетово 100 документи и над 600 информации, во Куманово 600 документи и над 2.500 информации, во Битола 556 документи и над 1.200 информации и во Охрид 125 документи и над 300 информации.
Доколку се подели бројот на вработени со бројот на издадени документи, произлегува дека секој вработен издал 82 документи за една година или 6,8 месечно, или, посебно по градови:
- Во Скопје: 4 вработени имаат издадено по 130 документи за една година или 10,8 документи месечно
- Во Тетово: 9 вработени имаат издадено по 11,1 документи годишно или 0,92 документи месечно
- Во Куманово: 6 вработени имаат издадено по 100 документи годишно или 8,3 документи месечно
- Во Битола: 5 вработени во имаат издадено по 111,2 документи годишно или 9,2 документи месечно
- Во Охрид: 4 вработени имаат издадено по 31,25 документ годишно или 2,6 документи месечно
2017-2019 година – Помпезна промоција „Збогум на чекањето по шалтери“
Промоцијата на овие канцеларии се одржа на 20 февруари 2019 година, кога на помпезен начин целиот владин кабинет на чело со тогашниот премиер Зоран Заев, ја отвори првата канцеларија во Скопје. Владините функционери најавија дека граѓаните отсега ќе можат да добиваат услуги на едно место од 10 институции и ќе му кажат „збогум“ на чекањето по шалтери.
Целта ќе се постигне кога низ целата држава секој граѓанин ќе може да има јавен сервис со висок квалитет“, рече Заев на промоцијата.
„Нашата цел е да го промениме имиџот на јавната администрација преку промена на начинот на кој граѓаните и компаниите ги добиваат услугите. Ова е само почеток“, рече министерот Манчевски.
Како што соопштија владините функционери, било планирано да се обезбедат 10 услуги од различни институции – Министерството за внатрешни работи, Министерството за транспорт и врски, Министерството за труд и социјална политика, Управата за водење на матичните книги, Агенцијата за катастар на недвижности, Агенцијата за вработување, Управата за јавни приходи, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Фондот за здравствено осигурување и Централниот регистар.
Министерор Манчевски постојано го фалеше проектот, додека се очекуваше отворање на канцелариите во другите градови. На 16 јуни 2020 година, тој рече дека „Една точка за услуги“ е пример како една сала нуди јавни услуги за граѓаните, со услови по најнови стандарди.
„Шалтерите се минато, работниците работат во пријателска атмосфера, а граѓаните нема да бидат дел од долгите редици на шалтерите“, изјави Манчевски.
На 22 јуни 2020 година започна со работа канцеларијата „Една точка за услуги“ а при посетата, министерот Манчевски рече дека идејата е да нема чекање.
2020-2021 – Отворање нови канцеларии и инвестирање во „документомати“
Со заминувањето на Манчевски од СДСМ, на функцијата министер, во септември 2020 година, дојде Јетон Шаќири од ДУИ.
Четири месеци по неговото доаѓање на функцијата министер, т.е на крајот на јануари 2021 година тој учествуваше на промоцијата на „Канцеларијата една точка услуги“ во Куманово, заедно со градоначалникот, Максим Димитриевски.
„…Ова точка за услуги им овозможува на граѓаните да добиваат услуги и информации од државните и јавните институции. Јас лично побарав два вида документи од различни институции и наместо да одам да барам услуга во две институции, заштедив време и бев опслужен во центарот за многу кратко време“, изјави министерот Шаќири при посетата на Куманово.
На 16 април 2021 година, министерот Шаќири при една средба со градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, најави отворање на канцеларијата „Една точка за услуги“ и во Струга.
„Градоначалникот Рамиз Мерко ја има обезбедено локацијата за центарот „Една точка за услуги“ во просториите на општина Струга. По обезбедувањето на локацијата, ќе ги забрзаме процедурите и ќе се обидеме ова точка да биде готова за кратко време, за што поскоро да обезбедиме квалитетни услуги за граѓаните на Струга. Во ова точка, стружани ќе можат да добиваат услуги од различни институции на еден едниствен шалтер“, најави Шаќири.
Сепак, оваа канцеларија не беше отворена.
На 5 јуни 2021 година, министерот во едно интервју за Порталб.мк, најави поставување на неколку машини за документи на неколку локации за замена на „една точка за услуги“ за да се заштедат ресурси.
„Предвидовме обезбедување на документомати кои ги промовиравме. Во текот на 2021 година предвидовме поставување на три документомати кои ќе ја заменат „Една точка за услуги“, бидејќи во рамките на „Една точка за услуги“, освен што имаме инвестиции, имаме и човечки ресурси, работници кои се вработени и нивното проширување на целата територијата ќе влијае на зголемување на вработените во министерството. Документоматите ја заменуваат и работната сила, но во исто време мора да се одржуваат за документите што може да се добијат“, рече Шаќири во интервјуто за Порталб.мк на 5 јуни 2021 година.
На 17 јуни 2021 година канцеларијата „Една точка за услуги“ беше отворена и во Битола, а во посета беше и министерот Шаќири, заедно со градоначалничката на општината, Наташа Петровска.
При посетата, градоначалничката на општината извади потврда за стаж.
„Ова потврдува дека станува збор за едно време во кое што оваа држава со оваа власт и овие политики прави сериозен исчекор во дигитлизацијата за услуги кон граѓаните и во насока на препознатливост во светски рамки како треба да функционира едно општество“, рече градоначалничката Наташа Петровска.
Шаќири рече дека планираат да отворат слични центри во сите градови во земјава со население од над 25.000 жители, како што се Струмица, Струга, Велес, Гостивар итн.
Во август 2021 година, „Една точка за услуги“ беше отворена и во Охрид, а при посетата министерот Шаќири нагласи дека имаат намера овој центар да го претворат во многу фрекфентна локација каде охриѓани ќе ги добиваат бараните услуги.
Во септември 2021 година, по препорака на Владата, се прекина најавеното поставување документомати, односно уреди за вадење документи поради зајакнување на канцелариите „Една точка за услуги“. Наместо „документомати“, Владата требаше да ги вложи средствата во порталот за електронски услуги и во проектот со Македонска пошта, при што во нивните филијали би се отвориле шалтери „Една точка за услуги“. А оттука и најавата за поставување шалтери во филијалите на Поштата.
2022 – На Бугарите им се пофаливме дека за една минута можat да се добијат документи
Во јануари 2022 година на чело на Владата дојде Димитар Ковачевски, откако Зоран Заев поднесе оставка. Министерот Шаќири премина на чело на Министерството за образование, а на неговата функција дојде министерот од Алтернатива, Адмирим Алити.
И Алити продолжи да гo подржува отворањето на овие канцеларии.
На 4 април 2022 година, министерот Алити заедно со вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска и колегите од бугарската делегација, предводена од вицепремиерката за добро владеење на Бугарија, Калина Констатинова ја посетија канцеларијата „Една точка за услуги“ во Скопје, каде беа информирани за нејзината функционалност.
Вицепремиерката Грковска, која и самата ја испроба постапката за издавање документ од шалтерите, нагласи дека „едношалтерскиот систем“ нуди можности за брза и ефикасна апликација за добивање на повеќе од 70 услуги од различни институции, на само едно место.
Како и градоначалничката на Битола, и Грковска извади потврда за стаж.
„Преку овој систем, денеска за помалку од една минута го добив мојот документ – Потврда за стаж“, се пофали Грковска пред бугарските колеги.
Алити, во интервју за локалната телевизија ТВ Плус, на 29 јуни 2022 година изјави дека граѓаните на Куманово ги користат услугите на „Една точка за услуги“.
„Нашиот заклучок е дека голем број граѓани не ни знаат дека постојат овие точки за услуги. Мислам дека како министерство треба да направиме повеќе за да ги информираме граѓаните што се овие точки за услуги, односно какви услуги се нудат. Имаме наши вработени на тие точки, тие се на услуга на граѓаните, односно секој граѓанин може да оди во една точка за услуги и да ја побара конкретната услуга, а нашите вработени ќе им помогнат да реализираат некоја од услугите“, изјави Алити.
На 3 август 2022 година Алити ја посети канцеларијата на „Една точка за услуги“ во Тетово каде изјави дека ова останува најкорисниот проект.
„Една точка за услуги“ останува еден од најкорисните проекти на МИОА, бидејќи претставува мост меѓу граѓаните и институциите“, рече Алити.
На 11 ноември 2022 година, државниот секретар во МИОА ја посети канцеларијата на „Една точка за услуги“ во Битола и рече дека „интересот на граѓаните за овие центри кои секојдневно даваат околу 70 услуги е се поголем“.
2023 – По неуспехот, најавено е отворање на шалтерите на „Една точка за услуги“ во Македонски пошти
Со заминувањето на Алтернатива од Владата, Азир Алиу од Алијансата за Албанците дојде на функцијата министер на МИОА. На 27 февруари тој ја презеде функцијата, а на 4 март беше во работна посета на трите канцеларии на „Една точка за услуги“ во Тетово, Битола и Охрид, за „одблиску да се запознае со персоналот и услугите што овие канцеларии ги нудат на граѓаните“.
Министерството не испрати соопштение, но министерот Алиу на Фејсбук напиша дека „од колегите бев информиран за текот на работата, нивните предлози, забелешки и идеи за развој на овие центри“.
„Во разговорот ги пренесов и препораките, подготвеноста за заедничко надминување на предизвиците, како и визијата и нашите планови за зголемување на ефикасноста на овие услуги“, рече Алиу.
Додека, Алиу го „скенираше“ Министерството, на 16 март 2023 година, Државниот завод за ревизија го објави ревизорскиот извештај за „Реформите во јавната администрација“, во кој направија ревизија и на проектот „Една точка за услуги“, каде според истиот овие канцеларии издале само 1.062 документи за една година.
На 24 април 2023 година за време на брифинг со новинарите, по повод извештајот на Државниот завод за ревизија, каде што се нагласува неуспехот на овие канцеларии, тој најави дека тие ќе бидат затворени. Но, наместо нив, во 333-те филијали на Македонска пошта низ државата, ќе се отворат посебни шалтери на кои истите услуги на граѓаните ќе им ги даваат вработените во поштите.
Министерот најави дека првично ќе се направат законски измени за вработените во Македонска пошта да можат да ги даваат услугите што ги нуди канцеларијата „Една точка за услуги“, а потоа ќе се обучат вработените. Во местата каде што има потреба од кадар, МИОА ќе понуди помош.
На средбата со новинарите, тој рече дека во рок од шест месеци треба да се стават налепниците на шалтерите, а во меѓувреме ќе се направат законските измени и ќе се обучи персоналот.
Според Алиу, ниското ниво на издавање документи се должи на лошата информираност на граѓаните и вети дека ќе работат ситуацијата да се подобри.
Како функционираат канцелариите „Една точка за услуги“?
Во мај 2021 година, Порталб.мк во рамките на проектот „ICEDA“ провери како функционираат овие канцеларии. Екипата на Порталб.мк одблиску следеше еден граѓанин кој требаше да го пријави своето новороденче и да извади извод од матична книга на родените.
SHKUP, MUNGESA E SHËRBIMEVE DIGJITALE, PRINDËRIT ENDEN SPORTELEVE PËR T’I REGJISTRUAR FOSHNJAT
Отидовме да го пријавиме новороденчето во Подрачната канцеларија на Управата за водење на матичини книги во Општина Центар – Скопје. Подрачната канцеларија овде работеше според системот „Една точка за услуги“. Оваа канцеларија, покрај пријавувањето на новородените, дава и изводи од матичната книга на родени, умрени и рвенчани, како и други услуги од други институции.
Според она што го увидовме, услугите кои граѓаните можат да ги добијат на „Една точка за услуги“ се поделени на шалтери, а граѓаните чекаат на шалтерите, во зависност од тоа каква услуга бараат. Шалтерите имаат свои идентификациски броеви, и има машина која дава бројчиња, преку кои чекаат да дојдат на ред.
Во нашиот случај, добивме бројче за чекање на шалтерите 4 и 5, бидејќи пријавувањето на новороденчињата се вршеше само на овие два шалтера. Кога го добивме брочето да чекаме во ред, го прашавме вработениот дали има многу луѓе пред нас, и тој ни кажа дека има тројца. За само тројца пред нас, требаше да чекаме час и половина за да го пријавиме новороденчето.
Во тоа време, поради КОВИД-19, граѓаните не смееја да чекаат внатре во салата каде што се наоѓаат шалтерите, туку надвор. Заедно со нас чекаа уште десетина граѓани и беше вистински хаос.
Практично, на некои шалтери имаше многу луѓе што чекаа, а на други немаше воопшто, и ова е токму тоа што значи „Една точка за услуги“ – шалтерите се поделени во форма на „дуќанчиња“, а граѓаните доаѓаат и ги добиваат потребните услуги, но тоа создава хаос бидејќи за некои услуги има поголема побарувачка, а за други помала. Тоа не значи дека „Една точка за услуги“ подразбира дека граѓанинот оди на шалтер и ги добива сите услуги на ист шалтер, туку дека оди во институција каде што има неколку точки кои даваат различни услуги и граѓанинот треба да чека посебно во секоја точка, ако сака да добие услуги од неколку точки.
Откако ни дојде редот, пријавувањето на новороденчето не траеше повеќе од 10 минути, а вработената ни кажа дека изводот од матичната книга на родените може да се земе по една недела, во Подрачната канцеларија на Управата за водење на матичини книги – Чаир.
Отидовме да провериме дали е готов изводот од матичната книга на родените, меѓутоа, вработените од Подрачната служба – Чаир, ни рекоа дека Централната канцеларија сè уште го нема издадено матичниот број, па затоа не е готов. Изводот го добивме по 10 дена.
Доколку оваа услуга би била дигитализирана, истата би била завршена со неколку кликови, за неколку минути.
Ова истражувачка сторија е подготвена како дел од проектот „Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ICEDA“, кофинансиран од Европската Унија и имплементиран од Фондацијата Метаморфозис (Северна Македонија), Академијата за е-Владеење (Естонија), Движењето Мјафт! (Албанија), Партнери за демократски промени Србија (Србија), НВО 35мм (Црна Гора) и “Open Data Kosovo“ (Косово).
Ова истражувачка сторија е подготвена со финансиска поддршка на Европската Унија. Содржината на ова истражувачка сторија е единствена одговорност на Фондацијата Метаморфозис и авторите и на ниту еден начин не ги одразува ставовите на Европската Унија.
Линк до оргиналната објава: Секој министер се пофали и се сликаше за проектот „Една точка за услуги“, но тој никогаш не успеа | Meta.mk