Фондацијата „Метаморфозис“ искажува огромна загриженост поради јавно достапните наводи за масовно и неовластено следење на граѓаните, остварено преку злосторничко здружување со злоупотреба на службена положба во државни институции и/или влијателни корпорации.
Потсетуваме дека заштитата на приватноста, вклучувајќи ја и заштитата на личните податоци, но и многу поширок круг човекови права што се однесуваат на слободата и на достоинството, кои може да бидат загрозени со прислушување, е заштитена со Уставот на Република Македонија, според кој прислушувањето без судски налог е забрането:
Член 17
Се гарантира слободата и тајноста на писмата и на сите други облици на општење. Само врз основа на одлука на суд може да се отстапи од начелото на неповредливост на тајноста на писмата, ако е тоа неопходно за водење на кривична постапка или тоа го бараат интересите на одбраната на Републиката.
Член 18
Се гарантираат сигурноста и тајноста на личните податоци. На граѓаните им се гарантира заштита од повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето на информации за нив преку обработка на податоците.
Заштитата на приватноста како начело е вградена во низа закони, почнувајќи од Законот за заштита на личните податоци, кој е усогласен со важечките европски директиви, а во согласност со кои личните податоци на граѓаните може да бидат обработувани само врз основа на закон, за конкретно дефинирана цел што ја оправдува обработката и во точно определен рок, по истекот на кој, обработката треба да престане. Кривичниот законик експлицитно забранува неовластено прислушување и снимање (член 151 и 152) и пропишува затворски казни до три години. Од друга страна, Европската комисија, во Извештајот за напредокот на Република Македонија за 2014 година, укажа дека е потребно дополнително прилагодување на законите во различни сектори за целосно да се усогласат со европските регулативи за заштита на личните податоци.
„Правото на приватност е исклучително важно човеково право, a преку загрозувањето на приватноста, директно се загрозува и нашата слобода. Одлуките за прислушување и за следење од страна на државните органи мора да бидат донесени според важечките закони. Во никој случај тоа не смеат да бидат арбитрарни одлуки на поединци што имаат моќ да го сторат тоа. Наводите за масовното прислушување на повеќе од 20.000 граѓани се многу сериозни и јавноста мора да бара одговорност од надлежните институции“ – изјави Бардил Јашари, директор на Фондацијата „Метаморфозис“.
Ставајќи ја заштитата на приватноста како приоритет при изградбата на информатичко општество, „Метаморфозис“ од 2004 година повеќепати јавно укажува на можностите за злоупотреба поради нефункционирањето на механизми за надзор од страна на Собранието врз институциите со капацитет за прислушување, како и поради проширувањето на тој капацитет без механизми за отчетност на поголем број државни тела, преку измените на Законот за кривична постапка во 2012 година.
Сподели: