Соработката меѓу граѓанскиот сектор и медиумите е исклучително битен фактор кога е во прашање влијанието врз доброто владеење и поттикнувањето на граѓаните да бараат отчетност од државните институции и да бидат вклучени во креирањето на јавните политики. До ваков заклучок дојдоа присутните на денешната тркалезна маса на тема „Граѓанскиот сектор и медиумите за добро владеење“ во организација на фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ на која беше означен почетокот на четиригодишниот проект ACTION SEE – Одговорност, Технологија и Мрежа на Институционална Отвореност во Југоисточна Европа, кој се имплементира со финансиска поддршка од Европската унија.

Заедно со претставничката на „Метаморфозис“, Тамара Ресавска, настанот го отвори и Ирена Иванова, раководител на програми во Делегацијата на Европската Унија во Македонија.

DON_2334

Претседателката на „Транспаренси Интернешнал – Македонија“, Слаѓана Тасева, како еден од говорниците посочи дека граѓанскиот сектор и медиумите се фактори кои го движат општеството кон добро владеење.

„Доброто владеење се однесува на власта, што подразбира транспарентност, отчетност и одговорност“, вели Тасева додавајќи дека граѓанскиот сектор не е многу застапен во медиумите и не е добро разбран.

„Тој укажува на состојбите кои се спротивни на добро владеење па оттука има и засилена кампања против него, односно дека работи против интересите на државата. Но, ако сакаме да се сменат состојбите, работите треба да се кажат со вистинското име. Власта не реагира на пораките на невладиниот сектор и воедно го прогласува за непријател“, рече Тасева.

На панел дискусијата учествуваше и Оливера Војновска, уредник во „Вистиномер“, која во своето излагање за начинот на кој медиумите известуваат за корупцијата, посочи дека медиумите не известуваат доволно за корупцијата бидејќи таква им е уредувачката политика и сопственичката структура.

Со неа се согласува и Елида Зилбеари, уредничка на албанскиот интернет портал, „Порталб“, според која, медиумите во Македонија се заробени од власта и се соочуваат со проблем на затвореност на институциите особено кога се работи за трошењето на парите на граѓаните.

„Нарушен е квалитетот на известувањето и не се почитуваат стандардите. Дел од медиумите го занемаруваат јавниот интерес и ги штитат центрите на моќ. Иако живееме во мултиетничко општество, албанските медиуми се концентрираат на сферите каде што надлежност имаат албански функционери“, додава таа.

Покрај Тасева, Војновска и Зилбеари, на дискусијата учествуваа и Александар Колекески од Македонскиот центар за европско образование, кој зборуваше за ИПА 2 механизмот како форма на граѓанско учество, како и Елена Равњански од Реактор – Истражување во акција со свое излагање на тема „Преку ангажирано граѓанство до здраво демократско општество“.

DON_2354

Поради тоа, во наредните четири години ќе се имплементира регионалниот проект ACTION SEE – Одговорност, Технологија и Мрежа на Институционална Отвореност во Југоисточна Европа чија цел е зголемување на вклученоста на граѓанското општество и медиумските организации во креирањето на јавното мислење, креирањето политики и учество во механизмите за донесување одлуки, како и зголемување на капацитетите на граѓанското општество да адресира чувствителни прашања.

Овој проект фондацијата „Метаморфозис“, како координатор, го спроведува во партнерство со Westminster Foundation for Democracy од Велика Британија, CRTA – Center for Research, Transparency and Accountability од Србија, Citizens Association Why not? од Босна и Херцеговина, Center for Democratic Transition од Црна Гора, Open Data Kosovo (ODK) од Косово, и Levizja Mjaft! од Албанија.

Целосниот албум со фотографии од настанот е достапен на Фликр.

Сподели: