Минатата недела Фондација за интернет и општество „Метаморфозис“ беше дел од Националната конференција на граѓански организации – Национален форум на Цивика мобилитас, која се одржа на 15 ноември во хотел Холидеј Ин (Скопје).

Photo credits: CIVICA Mobilitas

На форумот учествуваа учествуваа над 200 претставници на граѓанските организации од целата држава кои ги поздрави амбасадорката на Швајцарија, Н.Е. Вероник Улман, а помеѓу говорниците беа Христијан Мицкоски, претседател на Владата; Александар Кржаловски, лидер на тимот на Цивика мобилитас; Игор Јанушев, генерален секретар на Владата, како и Изет Меџити, прв заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање; Весна Јаневска, Министерка за образование; Златко Перински, министер за локална самоуправа; Зоран Љутков, министер за култура; и Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација.

Photo credits: CIVICA Mobilitas

Каква улога ќе имаат граѓанските организации во процесот на дигитална трансформација и дали Владата има планови за имплементација на дигитални алатки кои ќе го зголемат учеството на граѓаните и ќе овозможат следење на напредокот на јавните политики беа прашањата на граѓанските организации кои работат во сферата на дигитализација за Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, а ги пренесе Данче Даниловска Бајдевска, програмска директорка во „Метаморфозис“. „Ние, граѓанските организации од оваа област гледаме можност за раст и развој преку дигитализацијaта“, рече таа.

Министерот истакна дека граѓанските организации имаат важна улога во градење општествен консензус за прашањето на дигитализацијата која не треба да се прави ад хок туку системски. „Ги гледаме ГО како критичари, не како критизери. Добар критичар ги воочува недостатоците и нуди решенија – ние така го гледаме граѓанското општество“, рече тој. Според Андоновски, експертизата која недостасува во министерството, треба да дојде од граѓанското општество особено кај специфичните области. „ГО треба да бидат мост меѓу институциите и граѓаните“. Тој исто така рече дека само 20% од институциите споделуваат податоци на платформата „Отворени податоци“. „Сакаме граѓанските организации да го отворат ова прашање, да направат притисок на институциите“, додаде тој. Андоновски рече дека подготвуваат унифицирани веб страници на министерствата и другите институции кои во себе имаат вградени алатки за дигитална комуникација со граѓаните. „Не е доволно институциите или општините да имаат алатки, потребно е граѓаните да ги користат“, смета тој.

Делови од текстот се преземени од Позитивните општествени промени се можни преку соработката на Владата и граѓанските организации – Civica Mobilitas.

Сподели: