Ние, граѓанските организации кои сме цел на постојани оркестрирани напади на досегашната власт и нејзините послушници, уште еднаш бараме јавно извинување и повлекување на сите лаги, клевети и дезинформации за нашата работа, изнесени од страна на таканаречената граѓанска иницијатива „СОС“. Во спротивно, ќе бидеме приморани правдата да ја бараме на суд односно ќе поднесеме тужби за навреда и клевета.
Oва не е само оркестрирана хајка против Џорџ Сорос и неговата фондација, туку претставува хајка против отвореното општество, против независниот и непокорен граѓански глас. Со други зборови, на „СОС“ и на неговите налогодавачи очигледно им пречат слободното и независно граѓанско здружување и дејствување, слободата на изразување и воопшто, сите демократски вредности и принципи. Затоа, тие во јавноста пласираат невистини, манипулативни податоци и лажни информации со една единствена намера – да го замолчат граѓанското општество, да ги дискредитираат и да ги оцрнат неговите заложби и постигнувања.
На последната прес-конференција на „СОС“, на 4 февруари, беа изречени купишта лаги, клевети и дезинформации кои категорично ги демантираме и ги отфрламе како невистинити. Потенцираме деја НЕ сме сакале да ја дестабилизираме државата и НЕ сме предизвикувале криза, НЕ сме работеле за партиски цели за ниту една политичка партија, НЕ сме наменски создавани пред избори, НЕ сме ги информирале бегалците илегално да ја преминат границата, НЕ сме биле плаќани за да одиме на протести, НЕ сме добивале милиони на нашите сметки за партиски цели.
Едновремено, изнесените манипулативни податоци и бројки кои се однесуваат на финансиското работење на нашите организации за 2016 година, за која сѐ уште не се доставени завршни сметки, упатуваат на можна злоупотреба на информациите што ги поседуваат надлежните државни институции.
Оттаму, упатуваме порака до сите државни институции кои поседуваат информации за работењето на граѓанските организации, да не ги надминуваат своите законски надлежности и да не се ставаат во служба на недемократската хајка против слободумното граѓанско општество. Во спротивно и тие ќе одговараат за злоупотреба на своите законски надлежности.
На крајот, уште еднаш најостро ги демантираме сите изнесени лаги и дезинформации за нашата работа и потсетуваме дека ние сме организации кои сме посветни на борбата за чиста вода без Арсен; за работнички права; за слобода на говор; за чист воздух; за слобода на медиуми; за вистински вести базирани на факти, а не на лаги и манипулации; за правата на младите, жените, ранливите групи, луѓето со различна сексуална ориентација; за владеење на правото; за еднакви можности и права за сите и др…
Затоа, упатуваме порака до јавноста односно до граѓаните на Република Македонија: Ние и натаму ќе останеме непоколебливо доследни на нашите заложби за слобода, демократија, еднаквост, правда и почитување на човековите права, и натаму ќе работиме совесно, посветено, непартиски, независно, транспарентно и отчетно.
Со почит,
- Акција плус, Ресен
- Визио, Кичево
- Здружение на текстилни и кожарски работници тивкото мнозинство – Гласно, Штип
- KХАМ, Делчево
- Македонски центар за европско образование
- Младински Културен Центар, Битола
- Младински образовен форум
- НВО Инфоцентар
- Организација на жени, Струмица
- Пактис, Прилеп
- Патокази, Гевгелија
- ПРОЕКТ-ЕУ, Кавадарци
- Регионален центар за одржлив развој, Кратово
- Факултет за работи што не се учат
- Фондација Метаморфозис
- Фондација Отворено општество – Македонија
- Фондација Фокус, Велес
- Хелсиншки комитет за човекови права на РМ
- Центар за одржлив развој на заедницата, Дебар
- Центар за современи уметности
- ЏЕФ Македонија
Сподели: