На покана на Партнери за демократски промени Србија (Србија), Мила Јосифовска Даниловска, програмска менаџерка во Фондација „Метаморфозис“ беше говорничка на панел дискусија насловена „Состојбата со слободата на пристап до информации во Србија и регионот“, како дел од конференцијата „Новинарството под напад: Ерата на неслобода и непоколебливост на професијата“ која се одржа на 30 септември 2025 година во Белград, Србија.
Панелот, кој се одржува по повод Меѓународниот ден на правото на јавноста да знае (28 септември) и 21-годишнината од Законот за слободен пристап до информации во Србија, собра локални и регионални експерти, новинари, активисти и носители на одлуки за да разговараат за состојбата со слободата на пристап до информации во Србија и регионот. Учесниците дискутираа за квалитетот и спроведувањето на законот за пристап до информации, актуелните предизвици и закани за остварување на ова право, како и за клучната улога на новинарите и активистите во одбраната на транспарентноста, отчетноста и слободата на изразување.
Преку панелот беа презентирани и најновите наоди од Регионалниот индекс на отвореност, кој ја мери отвореноста и транспарентноста на извршните и законодавните власти низ целиот регион, а го презентираат граѓански организации од мрежата ACTION SEE.
Извор: Скриншот од ЗУМ пренос на настанот
Јосифовска Даниловска потсети дека Северна Македонија во изминатата деценија води „комбиниран процес“ кога станува збор за институционалната отвореност. Од една страна, државата усвои прописи со кои ги обврза институциите да објавуваат 21 вид на документи, донесе две стратегии за транспарентност и разви низа дигитални услуги за граѓаните. Дополнително, веќе шеста година по ред Владата е прва во регионот по отвореност според Индексот на отвореност. Но, како што предупредува таа, „иако отвореноста постои како вредност во официјалните документи, во пракса граѓаните сè уште немаат целосен увид во донесувањето одлуки пред тие да станат конечни“.
Според Јосифовска Даниловска, голем дел од проблемот лежи во недостигот од вистинска политичка волја: „Сите закони, стратегии и акциски планови се бескорисни без политичка волја, отворена соработка со сите клучни засегнати страни, и нивно посветено спроведување.“ Таа нагласува дека „молчењето на администрацијата на барањата за слободен пристап до информации од граѓаните не е само процедурален проблем, туку е и показател за длабокиот отпор на институциите кон прифаќањето на отвореноста како стандард на работа, со што директно се поткопува јавната доверба и се создава простор за сомневање за корупција“.
Панелот го модерираше Гордана Андриќ, извршна директорка на Балканската мрежа за истражувачко новинарство – БИРН Србија (Србија), а говорнички беа Славољупка Павловиќ, помошник генерален секретар на Комесарот за информации од јавно значење и заштита на лични податоци (Србија), Милена Гвозденовиќ, заменик извршен директор на Центар за демократска транзиција (Црна Гора), Амина Измирлиќ Ќатовиќ, проектна координаторка во НВО „Зашто не?“ (Босна и Херцеговина), Мила Јосифовска Даниловска, програмска менаџерка во Фондација „Метаморфозис“ и Кристина Обреновиќ, истражувачка во Партнери за демократски промени Србија (Србија).
Сподели:
