Дали сте размислувале што е разликата помеѓу слободната креација и онаа ограничена со класични правила создадени од големите лоби-групи? Приказната за слободниот софтвер датира од пред дваесет години, кога Ричард Сталман го објави ГНУ Манифестот. Две децении подоцна, недвојбено е, имаме побогат и поинтересен свет благодарение на слободниот софтвер – од Апачи па до Фајрфокс.

Професорот Лоренс Лесиг (од Универзитетот Стенфорд, САД) фасциниран од идејата на слободниот софтвер се обидел метафизички да ја пренесе врз поширок опсег на примена – вон компјутерските програми. Класичниот закон за авторски права и можноста за негова злоупотреба од големите корпорации е надминат со група на лиценци достапни за авторите – наречени „Криејтив комонс“. Во слободен превод изразот би значел креативност чиј производ се пренесува во делумна или целосна сопственост на заедницата под услови дефинирани од авторот. Лиценците според Криејтив комонс се локализирани во повеќе земји (наскоро ќе бидат достапни на авторите и во нашата земја).

Тие функционираат на следниов начин: кога авторот има определен креативен материјал кој би сакал да го објави, да заштити дел од своите права а да нема потреба да плати правен експерт за да го состави договорот и лиценцата, доаѓа на сајтот на Криејтив комонс одбира кои од своите права да ги заштити, добива определена лиценца која ја вградува на интернет страницата на која ја објавува својата поема, книга, сајт, ремикс, документарец или било кој друг креативен производ. И со тоа го прави достапно своето дело за сите заинтересирани под услови кои тој ги одбрал.

Професорот Лесиг на 16ти Мај на покана од ISOC – Bulgaria и УНДП – Бугарија во Софија одржа предавање на тема „Слободна култура“. Овој настан беше организиран по повод воведувањето на локализираните Криејтив комонс лиценци во Бугарија. Човекот кој е еден од 50-те најголеми иноватори на 21 век според Сајентифик Америкен едноставно ги хипнотизираше сите присутни со својот говор.

Според него, технологиите за дигитална заштита на правата во иднина ќе станат продолжена рака на медиумските магнати и ќе имаат моќ да заклучат материјали кои по неколку века нема да бидат достапни и ќе паднат во заборав. Заради тоа овие т.н. „DRM“ технологии ја ограничуваат културата. Исто така многу опасен пристап во создавањето на овие технолгии е затвореноста на стандардите што значи дека само една компанија ја контролира целокупната содржина кодирана во тој формат. Оваа експлозија на стандарди ќе се интензивира во наредните 5 години што додатно ќе ја усложни состојбата.

Она на што треба да се инсистира е дека културата не мора да биде комплетно бесплатна но мора да биде достапна во употреблив формат. Доколку некој се запраша – зошто слободна култура? Наједноставниот одговор би бил – бидејќи културата не се состои само во Холивудската продукција – по чии мерки се кроени денешните закони и технологии. Моментално се движиме помеѓу два екстреми – од една страна се наоѓа „правната држава“ која лови студенти низ кампусите кои користат некој вид на пир-ту-пир софтвер а од другата страна се наоѓа пиратската индустрија. На средината, далеку од борбата на големите интереси (од една страна корпорациски, од друга криминални) заживува Криејтив Комонс.

Модерниот копирајт (авторско право) ги блокира правата на креативниот автор. На пример – доколку сте автор на поезија и издавачката куќа ги откупи правата – откога ќе се потрошат сите примероци на книгата а издавачот нема финансиски интерес за да направи второ издание – делото пракично умира бидејќи е недостапно. Најдобар пример се филмовите од генерацијата на Лорел и Харди кои се снимани на нитратни филмски ленти кои по еден век почнуваат да се дезинтегрираат самите од себе. Бидејќи наследството на авторското право на овие филмови по еден век е многу тешко да се определи, тие се наоѓаат пред „истребување“. Цела генерација на дела кои се културно наследство може да се изгубат заради интересите на големите корпорации.

Решението коешто го предлагаат застапниците на Криејтив комонс е да се воведе периодично продожување на правата – а доколку сопственикот не е заинтересиран или има проблеми во процедурата на определување на сопственоста – со самото недоаѓање да му прекине правото на тој материјал. На тој начин од една страна компаниите ќе си ги заштитат профитабилните портфолија, но од друга страна ќе се ослободи голем дел (според процените на Лесиг над 98%) од авторските дела кои ќе бидат во „општествена сопственост“ како јавно добро.

За да се институционализираат обидите за ослободувањето на културата од корпоративните влијанија, Лесиг го основал Криејтив Комонс. Оваа организација нуди правна рамка за авторите кои сакаат своите дела да ги стават достапни јавно и легално на светската публика под свои услови. Од друга страна се дефинира широкото движење за слободна култура – создадено од кибер-правници, компјутерџии – и најбитно – креативци со отворен ум. Досега единствен директен напад ова движење го има од страна правниците кои заради јавно достапните бесплатни лиценци изгубија дел од пазарот за наплата на своите услуги.

Заложбата не се ограничува само на културата. Во раѓање е и иницијативата за споделување на научните пронајдоци со заедницата која за разлика од Криејтив Комонс пред се ќе се ориентира на создавање на слободна наука која е оневозможена со рестриктивноста на патентите. Многу е актуелна дебатата околу софтверските патенти во Европа – но приказната не завршува таму. Една од најтрагичните приказни поврзана со овој пример е одбивањето на фармацевтските индустрии да ги ослободат патентите за лековите против АИДС/Сида за неразвиените земји кои се најпогодени од оваа болест.

Овој текст ќе го завршиме со зборовите на професорот Лесиг „слободата е подразбирана состојба“ (default). Тој мисијата на движењето за ослободување на креативноста го нарекува „изградба на слободата низ законите“. Наскоро Криејтив Комонс во соработка со Фондацијата Метаморфозис ќе ги локализира лиценците на македонски јазик – со што и нашата земја ќе се придружи на приказната во создавање. Овие активности следат по конференција за авторските права во дигиталната ера. Настанот беше организиран од Фондацијата Метаморфозис, предавач беше м-р Маја Богатај и се одржа на 10 мај  2005г. во Правниот Факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.

Напомена: Доколку сакате да се запознаете поопширно со идеите за слободна култура Ви ја препорачуваме книгата на проф. Лесиг која е достапна за преземање од неговиот сајт и е лиценцирана според Криејтив комонс.

Јован Петров

Сподели: