На самата средба членовите на тимот на Метаморфозис претставија две апликации: платформата за тематски блогови Кауза.мк и агрегаторот за локални е-содржини од Македонија Пинг.мк, како и активностите од проектот Социјални медиуми за демократија.

Кауза.мк е платформа на која граѓански активисти може да отвораат или да се придружуваат на постоечките групни блогови преку кои се врши застапување со цел решавање определени општествени прашања.

Пинг.мк нуди низа можности за зголемување на посетеноста на алтернативните извори на информации, како и можности за зголемена интеракција и граѓанско учество во врска со сите содржини поврзани со Македонија.

На средбата учествуваа блогерите Ненад Јолдески, Игор Ѓуроски од Нов ек и Вегетаријанство; Иван Михајловиќ, администратор на платформата Микроблогер, како и неколку други активисти – и дел од тимот на Метаморфозис.

Во дискусијата што следеше, беше разгледан начинот на функционирање на двете апликации, при што присутните ја истакнаа важноста на избегнувањето на било какви облици на цензура. Претставниците на Метаморфозис објаснија дека делот на агрегаторот на Пинг не само што го користи софтверот на сајтот со светско влијание Редит, туку ги применува и соодветните искуства кои се засноваат на промовирање на слободата на изразување.

Така, покрај оценување на линковите кои автоматски се прибираат преку фидови, корисниците на Пинг може и рачно да пријавуваат линкови во соодветните групи без ограничувања. Отстранување на линкови се врши само во екстремни случаи на објавување криминални содржини забранети со закон, оти основната цел на Пинг е да се овозможи самите корисници да ги издвојат најполезните за нив содржини преку активност на сајтот – поднесување, гласање и коментирање.

Со цел да се заштитат корисниците од спам, автоматските извори – фидовите се предмет на одобрување на администраторите, кои активно се трудат да ги вклучат сите алтернативни и непрофитни извори на информации поврзани со Македонија, особено блогови и веб-сајтови на НВО. Оваа можност постои и за комерцијални сајтови, доколку придонесуваат во развојот на заедницата на Пинг.

Сашо Карапанчев, претставник на НВО за екологија и млади Бовиум, кои го водат веб-сајтот Аларм за природата, истакна дека една од основните општествени потреби кон кои треба да се насочат напорите на блогерите е разобличувањето на медиумските манипулации, особено преку прибирање и презентирање релевантни статистички податоци.

Сподели: