Делегацијата беше составена од г-н Павле Саздов, Државен секретар во Министерство за информатичко општество, г-н Александар Угриноски од Агенцијата за државни службеници, г-н Бардил Јашари, Директор на Фондацијата Метаморфозис и г-ца Елена Игнатова, проектен координато во Фондација Метаморфозис. Целта на посетата е средба со чинителите во Долна Нормандија од областа на е-учење и во областа на обуката на службениците на локалната самоуправа, испитување на остварливоста на проект за обука на македонските службеници преку модалитетот е-учење и размена на македонското искуство во спроведување на дигиталните технологии во локалната власт.
Во рамките на посетата беа остварени неколку средби, меѓу кои: средба со компанијата Ingénium што се занимава со развој на решенија за е-учење на регионално ниво, официјален пречек на македонската делегација во Регионалниот совет на Долна Нормандија со присуство на г-ѓа Корин Ферет, средба со локалните чинители : EPN (Јавен дигитален простор) / службениците на локалната самоуправа / општината во врска со искуството во воспоставувањето на курсеви теле-обука за општинскиот персонал во P@T на Монтањ-о-Перш и други.
Покрај средбите со официјални претставници на локалната самоуправа, делегацијата присуствуваше на семинарот на EPN (Јавен дигитален простор) во Сен Ло, каде г. Павле Саздов и г. Бардил Јашари имаа презентации за активностите на двете институции во областите на дигиталните технологии и локалната самоуправа.
Децентрализираната соработка помеѓу Регионот Долна Нормандија и Македонија е резултат на заедничка волја да се учествува во развојот на двете територии, со отворање кон светот и поттикнување на населението да се заложи кон едно локално и европско активно граѓанство преку реципроцитет и размена. Проектот ќе придонесе во создавање на платформа на одржливи размени и ќе овозможи воспоставување на трајни врски помеѓу населенијата на овие две европски територии кои се членки на Франкофонијата. Фондацијата Метаморфозис ја координира ИКТ компонентата.
Сподели: