Денес, советничката група експерти на проектот Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ICEDA, кофинансиран од Европската Унија, се состана со партнерите на ICEDA за да слушне за напредокот на проектот и на мрежата, како и за нивната стратегија до крајот на проектот. Се дискутираше и за постигнувањата од сите три години на спроведување на проектот, како и за предизвиците со кои се соочија проектниот тим и мрежата. Повеќе информации за првиот состанок и за целта на советничката група на експерти можат да се најдат тука.

На состанокот присуствуваа проектниот тим од петте целни земји од Западен Балкан, членовите на управувачкиот комитет и членовите на советничката експертска група. Советничката експертска група се состои од 5 члена од институциите на Западен Балкан, а повеќето беа присутни на состанокот или беа претставени од нивните заменици, имено: г. Агим Кукај, Министерство за економија (Косово), г-а Дрита Муртезани, посебен советник за ИКТ во Министерството за информатичко општество и администрација (Северна Македонија), г-а Јона Хадери, Национална агенција за информатика и општество (Албанија), г. Слободан Марковиќ, дигитален советник во UNDP Србија (Србија) и г-а Бојана Бајиќ, Министерство за финансии (Црна Гора). Членовите беа избрани врз основа на нивното стручно знаење, способноста да ги претставуваат интересите на коапликантите и способноста да помогнат при разрешување на проблемите на кои наидува проектот. Кога се избираат членовите на советничката експертска група, се земаат предвид родовиот баланс, географската распределба и застапеноста на корисниците.

Состанокот го отвори Бардил Јашари, извршен директор на Фондацијата Метаморфозис како водечки партнер во проектот ICEDA, кој напомена дека спроведувањето на проектот беше успешно, но и исполнето со предизвици. Главниот предизвик што беше забележан се однесуваше на пандемијата со КОВИД-19, која започна на самиот почеток на проектот, меѓутоа во поголемиот дел од проектот, наведените цели беа соодветно постигнати. Според придонесот на членовите на советничката експертска група како што беше побарано на состанокот, беа предвидени дополнителни препораки што треба да се соберат за да се продолжи понатаму и да се пополнат празнините во проектот, со чие подобрување би се стекнале делотворни резултати.

По продуктивната дискусија на состанокот, членовите на советничката експертска група увидоа колку е важна оваа иницијатива и нејзините постигнувања, а беше потенцирано и колку е важно фокусот постојано да биде ставен на зајакнување на соработката помеѓу институциите и граѓанските организации и да се продолжи градењето капацитети на граѓаните, медиумите, јавната администрација итн. за релевантни теми поврзани со дигиталната трансформација.

Главните препораки од овој состанок можат да се сместат во три категории:

  1. Соработката мора да се зајакне помеѓу сите чинители: институциите, ГО, медиумите, бизнисите, граѓаните. Институциите мора да бидат поотворени за соработка и да побараат помош од граѓанскиот сектор, но граѓанскиот сектор мора да пројави поголема проактивност во барањата за подобрување и вклученост во процесот на создавање, поддршка и донесување одлуки.
  2. Ограничувањето на опсегот на активности е од исклучителна важност, а исто така важно е и повеќе да се насочи фокусот кон одредени активности, какви што се сајбербезбедноста, дигиталната писменост, дезинформациите и сл., обуките за јавните власти, ГО, училиштата и медиумите (со акцент на дезинформациите), како и сајберхигиената.
  3. Градењето капацитети на јавните власти, ГО, училиштата и медиумите мора да продолжи.

Како што кажаа партнерите, како дел од продолжувањето без трошоци, проектот ќе продолжи да ја спроведува кампањата за едукација на јавноста преку креирање и дисеминација на едукативни и информативни аудиовизуелни материјали, но и текстови на сите јазици од Западен Балкан. Клучните активности во продолжувањето без трошоци ќе вклучуваат дополнителни вебинари, дијалози за дигиталната агенда и завршна конференција во април 2023 година во Скопје, на која ќе бидат поканети сите чинители на проектот ICEDA.

——————————————————————————————————————————————

Проектот ,,Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ICEDA“ го спроведуваат Фондацијата Метаморфозис (Северна Македонија), Академијата за е-владеење (Естонија), Levizja Mjaft!(Албанија), Партнерите за демократска промена (Србија), НВО 35 мм (Црна Гора) и ОДК – Отворени податоци Косово (Косово). Проектот се спроведува со финансиска поддршка од Европската Унија.

Сподели: