Третото издание на хакатонот за отворени податоци за студенти и стартапи го доби својот победник. Тимот Data Grabbers го понуди најкреативното софтверско решение во рамките на хакатонот којшто од 24-ти до 27-ми март го организираше Фондацијата за интернет и општество – Метаморфозис во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско учество.
За учество на хакатонот се пријавија 24 учесници и беа формирани пет работни тимови. Тимовите имаа за задача да изготват софтверски решенија за визуелизација на податоци, поврзување на две или повеќе бази на податоци или олеснување на процесот на ажурирање на јавно достапните бази на податоци објавени од страна на една или повеќе јавни институции.
Победничкиот тим Data Grabbers понуди концепт за веб апликација која ќе овозможи мапирање на сите фармацевтски и здравствени установи во Северна Македонија, како и споредба на цените на производите и услугите. Во следните неколку месеци, победничкиот тим ќе работи со Фондација Метаморфозис на развивање на софтверското решение.
Тимот ќе добие финансиска поддршка од 3,000 американски долари наменета за комплетирање на демо верзијата во функционална апликација.
Користејќи ги отворените податоци, преку иновативни идеи и примена на постоечки знаења, креативните тимови од повеќе сектори имаа можност да понудат софтверски решенија кои ќе бидат во полза на граѓаните, користејќи отворени податоци од јавно достапни бази на институции. Отворените податоци, освен тоа што преку транспарентноста и отчетноста на властите ја зголемуваат довербата на граѓаните во институциите, можат позитивно да влијаат врз деловниот, академскиот и граѓанскиот сектор. Тие се исклучително важни за креирање на нови производи и услуги кои можат да го олеснат и воедно подобрат секојдневниот живот на граѓаните.
Сподели: