На 27-ми декември 2021 година се одржа третата средба на Работната група за подготовка на предлог- Законот за користење на податоците од јавниот сектор. Работната група е дел од активностите што Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) во соработка со Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис, а во рамки на проектот на УСАИД за граѓанско учество, ги спроведува за усогласување на Законот за користење на податоците од јавниот сектор со ЕУ Директивата за отворени податоци и ре-употреба на информации од јавниот сектор (2019/1024).

Работната група е составена од петнаесетина претставници на државни институции, граѓански сектор и медиуми, и ќе даде значаен придонес во подготовката на проценка на влијанието на спроведувањето на сегашниот Закон (ex-post evaluation), проценка на влијанието на новото законско решение (regulatory impact assessment) и подготовка на новиот предлог Закон.

Работната група веќе ја разгледа и коментираше првата нацрт анализа на Директивата за отворени податоци и ре-употреба на информации од јавниот сектор од 20 јуни 2019 (2019/1024). На денешниот состанок, Ирена Бојаџиевска ја презентираше првата проценка на влијанието на спроведувањето на сегашниот Закон. На средбата се поставија прашања и дилеми за досегашното законско решение и се понудија предлози како следното законско решение да биде подобро и да отвори простор за поголема економска искористеност на можностите што ги нуди концептот на отворени податоци.

Во тек се средби и интервјуа со експерти и групи од интерес од академија, медиуми, истражувачи и софтверски компании.

 

Сподели: