Мени

Улогата на земјите во развој во процесот на ССИО

Улогата на земјите во развој во процесот на ССИО беше тема на една трибина која се одржа во рамките на конференцијата „Компјутери, слобода и приватност 2006“ што се одржа во Вашингтон од 2 до 5 мај.

Учесниците се обидоа да го определат местото на земјите во развој во обликувањето на иднината на интернетот во дебатата на ССИО (Светски самит на информатичко општество) и кои се резултатите од дебатата во овие земји, како и улогата што може да ја има интернетот во економскиот и демократскиот развој на овие земји.

Бил Дрејк, директор на проектот за Информатичка револуција и глобално владеење, ги сумираше некои од придобивките од процесот на ССИО. Тој го нагласи првиот дијалог за информатичкото општество на високо ниво во меѓународни рамки и неговата улога во приближување на активните учесници од граѓанскиот сектор од целиот свет и градење на дијалог меѓу нив на неколку теми поврзани со ИКТ. Г. Дрејк истакна дека главниот резултат од процесот на ССИО е всушност самиот процес, објаснувајќи дека Самитот не беше фокусиран на креирање обврзувачки одлуки за меѓународната заедница, како што се надеваа некои владини претставници од земјите во развој.

Самиа Мелем, постар службеник за операции во ИнфоДев ги презентираше некои од придобивките од ССИО за земјите во развој, вклучувајќи го и издигнувањето на информатичкото општество како важна тема за разговор во меѓународни рамки. Таа, исто така, презентираше и некои практични примери од искуството на ИнфоДев за промовирање на информатичкото општество во земјите во развој, фокусирајќи се на важните политички одлуки кои се неопходни за таков развој.

Бардил Јашари, директор на Фондацијата Метаморфозис од Македонија и член на ЕДРИ, ја претстави состојбата со информатичкото општество во оваа земја во развој и ги истакна најголемите проблеми кои бараат вистинско посветување. Што се однесува на процесот на ССИО, Јашари смета дека „Постои потреба за градење на ефикасен инклузивен механизам од повеќе чинители кој ќе идентификува и обезбедува учество на земји со транзициски економии и земји во развој во развојот на глобалната ИКТ политика, во кој ќе бидат вклучени сите аспекти (повеќејазичност, спем, компјутерски криминал, приватност, итн.). Но исто така треба да се изгради и механизам за евалуација на учеството и вклученоста и тој да не биде само формалност.“

Тој исто така изјави дека глобалниот дијалог на меѓународно ниво со сите чинители треба да продолжи на локално ниво околу национални и регионални проблеми со вклучување на сите клучни субјекти од областа на информатичкото општество.

Џорџ Садовски, технички советник во Иницијативата за глобална интернет политика, го подвлече фактот дека процесот на ССИО докажал дека интернетот и информатичкото општество се глобален феномен. Тој исто така ја претстави улогата на членовите на неговата организација во процесот на подигнување на свеста на национално ниво за главните одлуки за ИКТ политиката и важноста на управувањето со интернет на меѓународно ниво.

Во друга сесија се разговараше за улогата на Форумот за управување со интернет како заштита на јавниот интерес, и на оваа дискусија учествуваа, со присуство на самото место или преку интернет, меѓународни дипломати и експерти од оваа проблематика: Милтон Л. Мелер од Факултетот за информатички студии на Универзитет Сиракуза, Маркус Кумер, Форум за управување со интернет, Мајкл Нелсон, Интернет општество и директор на Интернет технологија и стратегија, ИБМ или Дерик Когбрн од Факултетот за информатички студии на Универзитет Сиракуза. Еден од главните заклучоци на оваа дебата беше дека Форумот за управување со интернет не треба да стане само нов форум за политичка дебата и дека треба да се фокусира на вистинските ИКТ проблеми за кои може да се дискутира на глобално ниво.

Извор: ЕДРИ-грам