Обуката траеше 4 работни дена и опфати теми како: обработка на фотографии, снимање аудиовести и нивна обработка, креирање видеосодржини, мултимедија на веб, напредно уредување содржини на веб, авторски права, новинарски стандарди и правила за уредување на текстови и промоција на содржини преку социјални медиуми.

Обуката започна со сесијата за фотографија, на која учесниците се запознаа со техниките за брза обработка на фотографии наменети за поставување на веб со помош на софтверот Picasa, а стекнаа и знаења за напредна обработка на фотографии со помош на софтверот за обработка на фотографии Gimp. Втората половина од денот продолжи со сесијата за обработка на аудио записи, за време на која учесниците се снимаа со помош на компјутер и микрофон, го користеа софтверот Audacity за да го обработат снимениот материјал и на тој начин практично се стекнаа со основните технички вештини за креирање и обработка на звучни записи наменети за поставување на веб.

obuka25fev

Вториот ден учесниците се запознаа со процесот на обработка на видео материјал и стекнаа вештини за креирање и обработка на видео записи наменети за поставување на веб. И во оваа сесија учесниците практично го применија наученото преку вежба за уредување на видео во Windows movie maker.

Остатокот од денот учесниците работеа со сервисите кои им овозможуваат да креираат мултимедија на веб. Во оваа сесија, освен што се запознаа со онлајн сервисите, преку практични вежби кои се надоврзаа на работата во претходните сесии, сработеното го искористија за да работат на создавање на слајд шоу од фотографии со помош на сервисот за фотографии Flickr, објавување на аудио содржни на веб со Sound Cloud, изработка на слајдкасти (презентации + аудио подлога) со Slideshare, објавување и обработка на видео содржини на веб со Youtube, како и титлување на видео содржини со Dotsub. Овие знаења ќе им помогнат да креираат мултимедијални содржини преку бесплатни веб-сервиси и користење на овие сервиси за збогатување на своите веб-написи како и додавање на мултимедијална компонента на вообичаените секојдневни вести.

obuka25fev1

Третиот ден, започна со запознавање со правилата за пишување на веб преку практична работа во WordPress, а учесниците преку вежби научија како да ги уредуваат своите вести и да вградуваат мултимедијални содржини во своите веб-написи. На крајот на оваа сесија се запознаа и со слободните лиценци Криејтив комонс и нивната практична примена во дигитален контекст. Во втората половина од третиот ден, на учесниците им беа презентирани тактиките за промоција на веб-содржини преку социјалните медиуми Фејсбук и Твитер, како и техниките за интеракција со онлајн-публиката и привлекување нова. Оваа последна сесија им овозможи на учесниците да бидат во тек со најновите трендови за промоција преку социјалните медиуми.

Првата половина од четвртиот ден беше посветена на изучување на новинарските стандарди за пишување и уредување на текстови, а продолжи со сесијата за поставување и менаџирање на фајлови на веб со Google Drive за време на која учесниците се запознаа со можностите за чување и споделување на своите текстови и мултимедијални содржини „во облакот“. Овој последен ден заврши со практични вежби на знаењата стекнати во текот на изминатите 4 дена.

Со оваа обука бројката на обучени новинари достигна 49, а Метаморфозис и понатаму продолжува со имплементација на овие обуки.

Сподели: