Извршниот директор на Фондација Метаморфозис, Бардил Јашари, денес беше дел од панел дискусијата „Вештачката интелигенција и човековите права на интернет: состојба, ризици и предизвици“. Оваа панел-дискусија беше организирана од Фондација Метаморфозис во рамки на Регионалната конференција за слобода на интернет на АБА РОЛИ која се одржува во периодот од 5-ти до 7-ми септмври во Охрид и обединува повеќе од 60 претставници на граѓански организации, институции, бизниси, активисти за човекови права од Северна Македонија, Србија, Молдавија и Белорусија.

Во своето обраќање, Јашари зборуваше за улогата на граѓанските организации во процесот на креирање политики и практики поврзани со примената на вештачката интелигенција и за тоа како граѓанското општество, со заеднички напори со образовните институции, бизнисите и владите може да придонесе кон намалување на технофобијата која е сè почеста појава во нашите општества. Тој истакна дека вештачката интелигенција е само една од многуте алатки кои ги создал човекот и само од луѓето зависи за кои цели ќе се употребува истата.

На оваа сесија, се обратија и Александра Дединец, професор на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство и Мартин Василковски, виш специјалист за податоци во Дата Мастерс. Во своето обраќање, Дединец објасни што е вештачка интелигенција, која е нејзината примена во секојдневието и истакна позитивни и негативни аспекти од користење на вештачка интелигенција, на што се надоврза Василковски кој сподели практични примери за користење вештачка интелигенција во различни општествени сфери и влијанието кое вештачката интелигенција го има на начинот на кој луѓето живеат и работат.

Сподели: