Вештачката интелигенција има за цел да им помогне на луѓето и да ги забрза услугите и процесите во многу општествени сфери, но, сепак таа носи и големи ризици кои можат сериозно да влијаат на нарушувањето на приватноста и достоинството, како и на поткопувањето на слободата на граѓаните. Ова е заклучокот од денешната сесија посветена на вештачката интелигенција, на меѓународната конференција „Дигитална трансформација за граѓаните“, која вчера и денеска се одржува во хотелот „Мериот“ во Скопје.

На конференцијата говорници од повеќе држави ги споделија своите искуства во однос на имплементацијата на вештачката интелигенција, и на ниво на регулативи, и на ниво на практики.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), Фестим Халили, пред присутните ја сподели веста дека в понеделник, во употреба ќе биде пуштена „АДА“ – конверзационен софтбот кој ќе биде достапен за граѓаните 24 часа.

„Првата жена програмер се викала Ада, а името се римува со ‘Влада’. Тоа ќе биде прв конверзационен софтбот кој ќе работи со неколку апликации со ФИТР и ќе работи 24 часа, ќе дава одговори на прашања и ќе може да одговара на повеќе од еден клиент во исто време во однос на стартапите, акцелераторите и грантовите. Овој оператор кој ќе биде онлајн, не само што заменува луѓе туку и ја врши работата на повеќе оператори, работи 24 и опслужува повеќе луѓе истовремено“, рече Халили.

Според него, вештачката интелигенција е моќна алатка и мора да се инвестира во ова поле, но дека сепак, таа носи и ризици, а постојат и научници кои се плашат од вештачката интелигенција.

„Елон Маск, на пример, тој е некаде на средина, тој секако инвестира во ВИ, но кажува и дека е моќно оружје и дека може да е пострашна од нуклеарна бомба. Затоа, ние работиме на Националната стратегија за вештачка интелигенција, но побаравме и помош од Светска банка, УНДП, германската поддршка за бизниси итн., со цел да направиме соодветна рамка за да не се случат злоупотреби“, рече Халили на обраќањето.

Според него, потребно е да се задоволат четири елементи за да се каже дека е создаден соодветен систем за вештачка интелигенција: да се создадат системи кои размислуваат како луѓе, дејствуваат како луѓе, размислуваат рационално и дејствуваат рационално.

Богдан Манолеа, извршен директор на Асоцијацијата за технологија и интернет од Романија рече дека тие имаат подготвено стратегија за вештачка интелигенција, но сè уште нема официјална владина стратегија, за која во моментов се одржуваат консултации зад затворени врати.

„Имаме и нов проект, односно романскиот премиер го претстави првиот владин советник што ќе користи вештачка интелигенција, кој уште првиот месец покажа грешки, па ќе мора да се поработи на тоа. Факт е дека вештачката интелигенција има две страни и треба да се известува за двете страни, бидејќи остануваат отворени прашања од типот какви лични податоци собира и каде се испраќаат тие податоци“, рече Манолеа.

Ела Јакубовска, виш советник за политики при Европската иницијатива за дигитални права од Белгија се осврна на ризиците кои може да ја донесе примената на вештачката интелигенција.

Фото: Мета.мк

„Да не го заборавиме скандалот што се случи во Холандија со социјалната помош, а стануваше збор за многу едноставен систем за вештачка интелигенција. Системот покажа дека има луѓе кои лажат кога бараат социјална помош. Овој систем за вештачка интелигенција земаше предвид работи, како на пример, место на живеење, етничка припадност и сл. Како последица на работата на овој систем, на некои луѓе неоправдано им беше одземена социјалната помош, на некои им беа одземени децата, некои луѓе дури се самоубија. Ризиците се големи и вештачката интелигенција не може да се користи секаде. За мене е проблематично да се користи во здравството или во социјалната сфера, бидејќи им го ограничува на луѓето правото на човечки пристап“, рече Јакубовска.

Европската иницијатива за дигитални права од Белгија, вели Јакубовска, особено е посветена на биометриското препознавање на лица, кое за нив е небезбедна мерка.

„Гледаме дека голем дел влади се одлучуваат за системи кои ги нарушуваат човековите права, а тоа не го кажуваат јавно. Кога ќе излезете на протест, на лекарски преглед, на адвокат, во религиозни храмови, ЛГБТ барови, можеби не сакате да бидете препознавани. Не сакаме да биде одземено правото на анонимност“, рече Јакубовска.

Србија е прва држава во регионот со усвоена Национална стратегија за вештачка интелигенција, во која се вклучени и заштитата на податоците и човековите права. Стратегијата е донесена во 2019 година, а Ана Тоскиќ-Цветиновиќ, извршнa директорка на Партнери за демократски промени Србија вели дека државата е „игралиште за неколку иницијативи поврзани со вештачката интелигенција“.

„Паралелно со регулативите, имаме практични примери за тоа како се иницира употребата на ВИ, без да се почитуваат сите начела од регулативите. Такво е на пример, биометричкото следење како дел од договорот со кинеската компанија ‘Хуавеи’ и има шпекулации дека се врши следење на улиците на Белград. Оттогаш има обиди да се види дали ова навистина се случува и да се направи проценка во однос на заштитата на личните податоци. Чекаме да видиме што ќе се случува во ЕУ, и доколку се забрани употребата на вештачката интелигенција за овие цели, очекуваме тоа да го направи и Србија“, рече Тоскиќ-Цветиновиќ.

Дводневната конференцијата на „Метаморфозис“, која завршува денеска, е организирана во рамки на проектот „Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ICEDA“, кофинансиран од Европската Унија. Целта на конференцијата е да се зголеми ангажирањето на граѓаните во креирањето на дигиталната агенда.

Линк до оргиналната објава: Вештачката интелигенција може да им помогне на луѓето, но и да ја загрози нивната приватност | Meta.mk

Сподели: