Сузбивањето на корупцијата преку зголемена транспарентност на институциите и активна соработка со граѓаните и граѓанските организации е клучно за зајакнување на довербата во локалната самоуправа, а токму дигиталните технологии можат да помогнат за ефективна борба против корупцијата на локално ниво.

Ова беше пораката испратена преку тематскиот форум „Вклучена заедница за отпорност на корупција“ кој се одржа на 16 октомври во Граѓански ресурсен центар во Скопје, во организација на Фондација за интернет и општество Метаморфозис, Рурална Коалиција и Центар за социјални иновации Блинк 42-21, во рамки на проектот „Дигитална трансформација на локално ниво (ДИГИЛОК) – Вклучена заедница за отпорност на корупција“ финансиран од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.

Целта на форумот беше да се поттикне акција против корупцијата, обединувајќи претставници од институциите, локалната самоуправа, граѓански организации, активисти, експерти, граѓани и медиуми во заедничка борба заснована на инклузивност и соработка.

Александар Кржаловски, Национален тим лидер на Програмата Цивика мобилитас и директор на Македонски центар за меѓународна соработка го воведе настанот објаснувајќи ја целта на Цивика мобилитас програмата и нагласувајќи ја вредноста на проектот ДИГИЛОК како и работата на партнер-организациите во борбата против корупција.

Во своето воведно обраќање, Бардил Јашари, Извршен директор на Фондација Метаморфозис објасни дека за целисходна дигитална трансформација треба придобивките од неа да се достапни до граѓаните. Тој истакна дека токму ова е причината зошто Метаморфозис работи на овој процес, нагласувајќи дека со помош на Индексот на отвореност се бориме против корупцијата со тоа што граѓаните имаат целосен увид во работата на институциите.

На форумот беа претставени последните наоди од Процената на доброто владеење во единиците на локалната самоуправа во Република Северна Македонија изготвена преку Индексот на отвореност за 2024 година. И со мало подобрување, нивото на отвореност на локалната самоуправа останува ниско, како што потврдуваат наодите од Индексот на отвореност според кој просекот на отвореност на сите 81 единица на локална самоуправа изнесува 37%.

Тони Коњановски Градоначалник на Општина Битола која беше прогласена за најотворената локална самоуправа според Индексот на отвореност, ја нагласи важноста на соработката со граѓанскиот сектор. Тој истакна колку е важно да се разбере одговорноста на локалните власти кон граѓаните и како тие како општина се трудат да бидат поотворени и да ги вклучуваат граѓаните во сè поголем број од важните одлуки.

На форумот беа претставени и придобивките од дигиталната алатка мЗаедница, вклучувајќи ги новите перформанси за консултации со граѓаните и утврдување на приоритетите на заедницата.

Драган Ананиев, Секретар на Општина Кочани која воедно е и корисник на мЗaедница, ги објасни придобивките од користењето на оваа платформа особено во борбата против корупцијата. Тој објасни дека иако апликацијата има повеќе разновидни услуги поделени по сектори, граѓаните најмногу ја користат за пријавување на проблеми со комунална хигиена.

 

 

Информации за проектот

Проектот „Дигитална трансформација на локално ниво (ДИГИЛОК) – Вклучена заедница за отпорност на корупција” e проект на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ од Скопје што се спроведува во партнерство со „Рурална коалиција“ од Кичево и Центарот за социјални иновации „БЛИНК 42-2“ од Скопје. Проектот финансиски е поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас. Проектот поддржува активното вклучување на заедницата во градење на силна отпорност кон корупцијата на локално ниво. Кога заедницата проактивно ги следи и бара одговорност од локалните власти, создава силен екосистем кој ја намалува корупцијата. Така се негува култура на транспарентност и одговорност, што го спречува напредокот на коруптивните практики и придонесува кон поправедно локално управување.

Сподели: