На покана на Партнери за демократски промени Србија (Партнери Србија), Фондација за интернет и општество Метаморфозис беше дел од конференцијата „Иднината на слободниот пристап до информациите“. Настанот се одржа на 6 септември 2024 г. во Белград, а е дел од серијата настани со кои се одбележува меѓународниот ден за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Данче Даниловска-Бајдевска, програмска директорка во Фондација Метаморфозис, беше дел од првата регионална панел дискусија „Слобода на изразување и информирање во време на криза и политички турбуленции“, заедно со Илариа Февола, правна советничка во ARTICLE 19, Тијана Цвејетичанин, програмска директорка во Здружение Зошто не? од Босна и Херцеговина и Милена Гвозденовиќ, заменичка на извршниот директор во Центар за демократска транзиција од Црна Гора.

Разговорот на првиот панел беше посветен на согледување на предизвиците во остварувањето на правото на јавноста да знае, слободата на говорот и положбата на медиумите и активистите во регионот и светот. За време на панелот беше претставено и регионалното истражување на Индексот на отвореност за состојбата на отвореноста на јавните институции во земјите од регионот.

Како дел од ACTION SEE мрежата преку регионалниот Индекс за транспарентност, Фондација Метаморфозис со партнерите веќе 8 години по ред ги мониторираат извршните и законодавните власти во Северна Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Она што може да се заклучи е дека, гледано на регионално ниво, во последните 3 години нема некои поголеми системски постигнувања на ова поле, иако земјите од регионот се декларативно посветени кон унапредување на институционалната транспарентност. Една од причините за ова е и постојаната политичка нестабилност во регионот која влијае на развојот на политиките и културите на отвореност на властите. Наодите покажуваат дека не сите земји работат посветено на ова поле, особено не на сите нивоа на власт со тоа што владите постојано се покажуваат како поотворени за разлика од министерствата и органите во состав.

Извор: https://www.partners-serbia.org, Партнери за демократски промени Србија

“Според Регионалниот индекс на отвореност, најдобри резултати меѓу владите во регионот постигна Владата на Северна Македонија со 78,33% исполнети индикатори за отвореност. Но, Владата на Република Северна Македонија (78,33%) не е најотворената институција, туку тоа е Министерството за одбрана на Северна Македонија (90,84%). А оваа година (2024г.) на ранг-листата, како второ рангирано, се најде Министерството за земјоделство (85,61%). Кога ќе размислиме подлабоко и ќе ја погледнеме пошироката слика, прво рангираното Министерство за одбрана е институција која работи со голем број класифицирани податоци согласно постојната легислатива. Од друга страна, Министерството за земјоделство, на минатогодишното мерење беше под просекот во исполнувањето на индикаторите од страна на министерствата, но по објавувањето на Индексот во 2023 година, покажаа политичка волја и заедно со нас од Метаморфозис работеа на подобрување на нивната отвореност. Ова само нè води до заклучокот дека политичката волја игра голема улога во зголемувањето на отвореноста на институциите.” – истакна Даниловска-Бајдевска.

Според неа, дигитализацијата е иднината на остварувањето на правото на слободниот пристап до информациите. Имено, таков е примерот во Северна Македонија, со креирање на платформата Отворен Трезор (open.finance.gov.mk) преку кој се овозможува пристап во отворен формат до сите податоци од државниот Трезор.

Даниловска-Бајдевска истакна дека во Северна Македонија со цел поврзување и усогласување на веќе донесените политики кои директно или индиректно имаат за цел да ја подобрат транспарентноста на институциите, но и да се обезбедат нови насоки за подобрување на транспарентноста на институциите, Владата заедно со Фондацијата Метаморфозис создаде инклузивен процес во кој беше креирана Стратегијата за транспарентност на Владата со Акцискиот план (2023-2026). Се очекува со спроведувањето на овој стратешки документ да се изгради култура на транспарентност во институциите, а со тоа и да се зголеми довербата на граѓаните во институциите, што позитивно ќе влијае на демократизацијата на државата.

Сподели: