Регионалниот индекс на отвореност покажува дека институциите на извршната власт во регионот ги објавуваат најосновните информации за нивната работа, но на јавноста генерално ѝ се оневозможува пристап до клучните информации, беше заклучено на третиот панел од регионалната конференција „Процес на креирање на јавни политики: учество, транспарентност, одговорност“ во организација на Центарот за демократска транзиција (ЦДТ).
Зборувајќи за транспарентноста на институциите во Србија, претставничката на Партнери Србија, Кристина Обреновиќ изјави дека истражувањата, извештаите на меѓународните организации и реалноста на граѓаните покажуваат дека институциите сè повеќе се затвораат.
„Оваа година се навршуваат 20 години од примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер во Србија и ни се чини дека не можеме да ги издвоиме тие шампиони на отвореност. Со години наназад имаме листа на неодговорени прашања која секојдневно расте. Иако Регионалниот индекс на отвореност покажува дека институциите ги објавуваат најосновните информации, пристапот до клучните информации сè уште недостасува“, рече Обреновиќ.
Таа рече дека во Србија се одржуваат јавни расправи, но, како што оцени, тие имаат многу мал ефект.
„Недостасува моментот кој е многу поважен, а тоа се раните јавни консултации. Во фаза кога имаме предлог закон и јавна расправа, тоа е веќе оформен закон, оформен предлог. Таму јавната дискусија може да придонесе само за некои технички промени или доколку јавноста силно се противи на решение, можно е нешто да се промени. Занемарувањето на раните јавни консултации значи дека заинтересираната јавност ја губи можноста да влијае на структурата, содржината и квалитетот на законот“, рече Обреновиќ.
Таа ги проблематизира lex specialis законите кои се носат без учество на јавноста, посочувајќи дека со донесувањето на овие закони се ослободуваат задолжителните активности кои претходат на донесувањето на редовните закони.
Ниту во Босна и Херцеговина нема поголем, повидлив напредок во однос на транспарентноста на работата на институциите, изјави претставникот на здружението Зошто да не? од Босна и Херцеговина, Амина Измирлиќ Ќатовиќ.
„Дел од институциите, многу мал број, успејаа да ја препознаат важноста на отвореноста и транспарентноста и да ги подобрат резултатите, но не дојде до промена на пошироко ниво. Сè уште имаме бројни институции кои стагнираат, со одреден минимален напредок или сè друго е на ниско ниво на отвореност“, рече Измирлиќ Ќатовиќ.
Таа објасни дека институциите на државно ниво се одликуваат со поголема транспарентност, која, како што наведе, најчесто зависи од раководителот на тие институции.
„Институциите се поотворени ако се движиме кон повисоки организациски нивоа на власт, но постои нерамномерност во тие групи на институции и можеме да заклучиме дека отвореноста зависи само од добрата волја на личноста што ги води. Во исто време, институциите на државно ниво постигнаа малку подобар резултат во однос на институциите на ниво на ентитети, а мислам и на двата ентитета“, рече Измирлиќ Ќатовиќ.
Кај одредени државни институции, изјави Измирлиќ Ќатовиќ, недостасуваат основни организациски информации, со оглед на тоа дека сегментот на буџетска транспарентност и јавни набавки може значително да се подобри.
Коментирајќи го процесот на јавни расправи во Босна и Херцеговина, Измирлиќ Ќатовиќ рече дека, ако се зборува за закони кои се од политичка природа и за кои веќе е одлучено дека ќе се донесат, наведувајќи го како пример Законот за агенти на странско влијание во Република Српска, јавните расправи се само формално спроведени.
„Во суштина, јавните расправи не претставуваат никаков начин да се влијае на измените на законите кои вообичаено се носат по итна постапка“, оцени Измирлиќ Ќатовиќ.
Претставничката на Фондацијата Метаморфозцис од Северна Македонија, Мила Јосифовска Даниловска, изјави дека во однос на почетокот на реализацијата на Регионалниот индекс на отвореност е забележан напредок во степенот на транспарентност на извршната и законодавната власт.
„Кога првпат им укажавме кои се нивните недостатоци во делот на доброто владеење, тие усвоија стратешки пристап за решавање на сите овие проблеми. Се разбира, тие не го достигнаа највисокото ниво, но на почетокот Владата ги задолжи сите институции да објават сет од 21 информација за нивната работа. Потоа воведоа алатка за отчетност на носителите на јавни функции, каде што може да се видат трошоците на секој функционер. Оваа алатка функционираше до 2021 година“, објасни Јосифовска Даниловска.
Коментирајќи ги постигнатите резултати на министерствата во Северна Македонија, кои се подобри во споредба со резултатите од министерствата во регионот, Јосифовска Даниловска како делумна причина за тој успех ја истакна Стратегијата за транспарентност, која, како што појасни, е создадена во консултативен процес со граѓанското општество и институциите.
„Оваа Стратегија главно се заснова на принципите на Регионалниот индекс на отвореност и беше финансиски и експертски поддржана од Метаморфозис. Институциите ја препознаа вредноста на индексот. Целта на Стратегијата е да се подобри активната транспарентност, фискалната транспарентност, пристапот до информации, дигиталните способности на институциите за да може некои процеси да се автоматизираат“, објасни таа.
Конференцијата беше организирана како дел од проектот финансиран од Националниот фонд за демократија (НЕД). Ставовите изразени за време на настанот ги претставуваат мислењата на учесниците и не мора да ги одразуваат ставовите на донаторите.
Линк до оргиналниот текст: U regionu izostaju ključne informacije o radu vlada » CDT
Сподели: