Денеска (5 април, 2023) продолжи со работа меѓународната конференција „Дигитална трансформација за граѓаните” во организација на Фондацијата Метаморфозис од Скопје, при што прв се одржа панелот со наслов „Како да се изгради отпорност на хибридна војна?“

Илија Жупаноски, соработник за дигитални комуникации на Канцеларијата на македонскиот премиер, нагласи дека во последно време општеството се соочува со сѐ посериозни предизвици од хибридно војување, вклучително и наплив на дезинформации, со цел остварување политичко, безбедносно или економско влијание. Тој додаде дека ваквите неконвенционални мерки имаат цел, пред сѐ, да ја поткопаат демократијата и да предизвикаат недоверба на граѓаните во власта и во медиумите, како и да рашират паника, како што беше случајот со лажните дојави за поставени бомби во училишта и во трговски центри.

Одбележувајќи ги преземените мерки во земјава за справување со хибридните закани и кибер нападите, советникот на премиерот нагласи дека институционална мерка е преземена уште во 2019 година, а ќе продолжи наскоро со сериозен сеопфатен чекор инициран од невладиниот сектор.

„Пред неколку недели до Владата стигна иницијатива од група домашни организации со конкретни препораки за справување со дезинформациите и тоа владата го прифати како добра основа, па очекуваме наскоро да се седне заеднички на маса и ќе се креира национален план, за да се опфатат сите чинители во справувањето со овој проблем“ обелодени Жупаноски.

Александар Ацев, раководител на Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти – MKD CIRT при Агенцијата за електронски комуникации нагласи дека заканите од хибридните напади бараат организирани мерки и тесна соработка на сите чинители, без разлика дали станува збор за државни институции, граѓански организации и граѓаните.

„Задолжителното пријавување на инцидентите од граѓаните и од разните тела е основниот услов за тие да добијат посакувана завршница“, порача Ацев, појаснувајќи дека на нивната веб-страница се дадени сите информации за пријавување на инцидентите.

Проблемот со хибридните напади и со дезинформациите не е нов, туку датира поодамна, одбележа Мерл Маигре, директорка на програмата за компјутерска безбедност, Академија за е-владеење од Естонија.

Осврнувајќи се на актуелната инвазија на Руската Федерација врз Украина, таа наведе дека нападите од руска страна врз нејзината земја продолжуваат и понатаму, но и ескалираат од почетокот на инвазијата, со посебно силни атаци во април и август минатата година.

„Само пример, ако минатата година имаше во просек 12 ДДОС напади на државни институции на Естонија месечно, во април и август 2022 имаше по 65 напади месечно“, нагласи таа.

Осврнувајќи се на мерките што треба да се преземат, таа рече дека прво е потребно фокусирање на препознавање на дигиталните напади, потоа издигнување на тој проблем на меѓународно ниво, но и вклучување на приватниот сектор што има знаење и капацитет да им помогне на државните органи во борбата со кибер-заканите и дезинформациите.

Следните панели се однесуваа на „Заштита на приватноста во свет што го движи вештачката интелигенција“ на кој се говореше за можностите за напредок во користењето на вештачката интелигенција во секоја општествена сфера, додека истовремено почитувајќи ја приватноста на граѓаните, како и „Градење заедници отпорни на кибер напади“, кој се однесуваше на кибер безбедноста како многу повеќе од само комплексен технолошки предизвик, која бара да се изгради култура втемелена на високо ниво на свесност и подготвеност на сите чинители во општеството.

Во вечерните часови (18.30 часот, во „Јавна соба“), кои се резервирани за теми посветени на младите, ќе се одржи дискусијата со наслов „Мрачната страна на социјалните медиуми – коегзистирање со доброто и злото“. Ќе се дебатира за поставувањето граници и можностите за коегзистирање со предностите и предизвиците на социјалните платформи.

Конференцијата е организирана во рамки на проектот „Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ICEDA“, кофинансиран од Европската Унија.

Агендата за конференцијата може да ја најдете тука.

Сликите од вториот ден може да ги најдете тука.

Photo credits: Ванчо Џамбаски

Сподели: