Како дел од регионалните напори за обезбедување ефикасно усогласување на законодавството во земјите од Западен Балкан со неодамна усвоениот Закон за дигитални услуги (DSA), организациите од регионот усвоија унифициран став во однос на усогласувањето со овој особено значаен законски акт. Овој заеднички став се фокусира на овозможување на пристапи и приоритетни интервенции кои го почитуваат владеењето на правото, ја штитат слободата на медиумите и обезбедуваат заштита на човековите права на сите граѓани во регионот. Фокусирајќи се на овие критични области, нашата цел е промовирање на ефикасно спроведување на DSA, истовремено обезбедувајќи реформите во сферата на дигиталните услуги да не ги загрозат основните слободи во регионот.
Нашиот пристап и интервенции се засноваат на долгогодишно искуство во полето на регулација и управување со медиуми и платформи, како и најновото истражување и препораките што произлегоа од заедничкото истражување што го спроведовме конкретно на оваа тема. Ве покануваме да го разгледате истражувањето на слична тема на нашите колеги од Share Foundation.
Приоритетни регионални интервенции
- „Црвени линии“ во пристапот кон DSA
За да се обезбеди успешно спроведување на DSA на Западен Балкан, од клучно значење е да се избегнат погрешни толкувања и примени кои би можеле да ги поткопаат неговите основни цели:
- Управување со содржината, а не контрола на содржината: DSA треба да се фокусира на регулирање на процесите за управување со содржината наместо на директна контрола на содржината, како што е говорот на омраза, или одредени чинители како онлајн медиумите. Овој пристап ја почитува слободата на изразување и избегнува цензура.
- Без национална регулација на многу големите онлајн платформи (VLOPs) и многу големите онлајн пребарувачи (VLOSEs): Регулацијата на овие чинители останува обврска на Европската комисија, особено во однос на обврската за темелна анализа. Националните интервенции во оваа област би можеле да доведат до фрагментирани и неусогласени регулаторни контексти, поткопувајќи ја унифицираната примена на DSA.
- Законодавната намера на DSA е јасна: DSA нема за цел да го намали говорот на омраза на интернет или да ги регулира онлајн медиумите, туку се фокусира на обезбедување безбедни, транспарентни и одговорни процеси за управување со содржината.
- Овозможување на моделот на DSA
Обемно и сложено спроведување на DSA во регионот зависи од следниве овозможувачки мерки:
- Правни застапници на платформите: Платформите кои работат во регионот треба да назначат правни застапници или да одредат лица за контакт во секоја земја за да се овозможи ефективна комуникација и усогласеност со локалните потреби.
- Заштитни мерки против нелегални содржини: DSA предвидува воведување на процедурални заштитни мерки, како на пример јасни барања за известување и преземање мерки и сеопфатни правни механизми за ефикасно справување со нелегалните содржини, притоа почитувајќи ги правата на корисниците.
- Доверливи пријавувачи (Trusted Flaggers): Воспоставување независни програми за доверливи пријавувачи ќе придонесе за подобрување на процесот на модерирање на содржината и ќе ја зголеми одговорноста на платформите, истовремено зачувувајќи ја независностa од несоодветни влијанија.
- Пристап до податоци за истражување: Олеснување на пристапот до податоци за истражувачите е клучно за транспарентноста и отчетноста во функционирањето на платформите, обезбедувајќи истражувањата од јавен интерес да придонесат за идните регулаторни прилагодувања.
- Независен DSA и пристап со вклучување на повеќе засегнати страни (Multi-stakeholder approach): Промовирање на независно спроведување на DSA со вклучување на повеќе засегнати страни, вклучително и граѓанското општество, обезбедува усогласување на DSA со локалните контексти и потреби, притоа почитувајќи ги основните права.
- Независен Координатор за дигитални услуги: Обезбедување институционална, политичка и финансиска независност на Координаторот за дигитални услуги е од суштинско значење за непристрасно спроведување на DSA, заштита на транспарентноста, отчетноста и заштита на основните права, истовремено спречувајќи судир на интереси со владини и корпоративни ентитети.
- Соработка помеѓу Координаторите за дигитални услуги (DSCs): Ефикасна соработка помеѓу националните Координатори за дигитални услуги, Европскиот одбор за дигитални услуги, Европската комисија и Координаторите за дигитални услуги од земјите-членки е од суштинско значење за ефективна прекугранична примена на DSA.
- Вклучување на граѓанските организации
Во согласност со рамката за управување со DSA, граѓанското општество игра клучна улога во процесот на усогласување со DSA и нивната вклученост треба активно да се поттикнува преку:
- Формирање и олеснување на работата на Координаторите за дигитални услуги: Во истражувањето предложивме три модели кои ќе ги разгледуваме во иднина и во тесна консултација со Европската комисија.
- Градење на регионална мрежа на експерти и соработници: Создавање мрежа на експерти и соработници ќе овозможи систем за поддршка на спроведувањето на DSA, ќе ја олесни размената на знаења и ќе обезбеди кохерентни напори за застапување.
- Подигање на свеста кај граѓанските организации: Од клучно значење е да се едуцираат засегнатите страни во земјите од регионот за принципите на DSA и неговото влијание врз правната рамка на медиумите, особено од аспект на тоа дека погрешна е претпоставката дека DSA е алатка за регулирање на говорот на омраза или дезинформациите на интернет.
Во овој контекст, ги повикуваме сите засегнати страни во земјите од Западен Балкан, меѓународните организации, донаторите и особено Европската комисија да ја зајакнат трансформативната рамка на DSA за подобрување на дигиталното владеење во целиот регион.
Со почитување на „црвените линии“ и прифаќање на овозможувачките мерки, регионот може да го искористи DSA за да поттикне побезбедно и поодговорно дигитално опкружување.
Активно вклучување на сите засегнати страни, вклучително и граѓанското општество и градењето силни регионални координирани и унифицирани интервенции дополнително ќе обезбеди спроведување на DSA на начин кој ги почитува локалните контексти, но исто така обезбедува и постојан и правно-унифициран пристап кон DSA во согласност со вредностите на Европската унија.
Преземи го документот на англиски јазик.
Преземи го документот на албански јазик.
Преземи го документот на српски јазик.
Преземи го документот на босански јазик.
Сподели: