фото: Мета.мк

Повеќе не е прашање дали личните податоци треба да бидат заштитени или не, тоа е нужно, а за соодветна примена на законите кои ги штитат личните податоци се потребни многу повеќе ресурси и заложби – ова е заклучокот од денешниот настан „Заедно за заштита на личните податоци“ што се одржа во Europe House во Скопје. Настанот беше организиран од страна на Делегацијата на Европската Унија заедно со Фондација Метаморфозис, Агенцијата за заштита на лични податоци и Центарот за правни истражувања и анализи, по повод 28 јануари – Европскиот ден на заштита на личните податоци.

Во ера на технологија, интернет и глобализација, заштитата на личните податоци станува сè поважна секој ден, рече во своето обраќање Штефен Худолин, шеф на секторот за соработка при Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија.

Тој потсети на истражувањето на универзитетите Кембриџ и Стенфорд од 2015 година, кое покажало дека само податоците на корисниците на социјалната мрежа Фејсбук знаат повеќе за луѓето отколку што самите тие или нивните пријатели ги познаваат.

„Заштитата на личните податоци подразбира многу повеќе од само прибирање и злоупотреба на нашите податоци. Тоа значи заштита против манипулација, дискриминација и транспарентност. Дали ние корисниците знаеме кои наши лични информации каде се зачувуваат и за кои цели? Областа на заштита на личните податоци е важна за ЕУ во однос на тоа како можеме да ги обликуваме економиите и да ја поттикнеме дигиталната транзиција со правилно законодавство и имплементација и поттикнување на јавната свест“, рече Худолин.

Тој додаде дека македонската Агенција за заштита на личните податоци треба да биде дел од сите консултации и преговори во однос на заштитата на личните податоци и потсети дека последниот извештај на Европската комисија за земјава во оваа област ја уважи посветеноста и работата на Агенцијата, како и постигнатиот прогрес во однос на усогласувањето со регулациите и заштитата на личните податоци на ЕУ.

„Да размислиме пред да кликнеме“, е пораката што Худолин ја упати по повод Европскиот ден на заштита на личните податоци.

Директорот на Агенцијата за заштита на лични податоци на Република Северна Македонија (АЗЛП), Имер Алиу потсети дека усвојувањето на новиот закон за заштита на личните податоци во 2020 година и неговото стапување на сила во август 2021 година беа од особено значење на земјава.

Но, во однос на процесот на усогласување на секторската легислатива со законот, додаде Алиу, нема посебен напредок од причина што не се применуваат доследно.

„Забележуваме непочитување на обврската за доставување на материјали, предлог-закони, подзаконски акти и други прописи кои се на кој било начин поврзани со заштитата на личните податоци до Агенцијата од страна на предлагачите, министерствата и другите органи. Покрај ова, друг момент е непостапувањето на министерствата и другите органи при усогласувањето на законските и подзаконските решенија, а според дадените мислења, укажувања и препораки од страна на Агенцијата“, рече Алиу.

Тој додаде дека се потребни нови вработувања и дополнителни финансиски средства за мотивирање, задржување и професионално усовршување на човечките ресурси во агенцијата со цел да се спречи заминување на постоечкиот, но и да се обучи нов кадар.

Директорот на АЗЛП рече дека во следните три месеци ќе биде изработена нова десетгодишна стратегија за заштита на личните податоци, која ќе биде водич во понатамошната работа на агенцијата.

Данче Даниловска Бајдевска, програмска директорка на Фондација Метаморфозис | фото: Мета.мк

Сите заедно како поединци, претставници на институциите, граѓанските организации и бизнисите, да се однесуваме поодговорно и да изградиме култура на заштита на приватноста, рече во своето обраќање програмската директорка на Фондација Метаморфозис, Данче Даниловска Бајдевска.

Таа додаде оти ова подразбира вклучување во обликувањето на дигиталната агенда и примената на дигиталните технологии, но и подобро и посериозно осврнување на етичките и правните импликации што дигиталните технологии ги носат.

„Нашата порака е дека не треба да се плашиме од дигиталните технологии, не треба да создадеме отпор кон дигитализацијата, напротив треба да ги користиме, но истовремено да бидеме ангажирани, да учиме едни од други како безбедно да ги користиме во наша полза. Сметаме дека се потребни се повеќе ресурси за да се залагаме за општество во кое ангажирани и свесни граѓани активно се служат со иновативни алатки за остварување на своите граѓански права и одговорности. Со повеќе ресурси и заеднички ангажман целта е да постои соодветната примена на законите, вклучително и на Законот за заштита на личните податоци, којшто е многу важна цивилизациска придобивка во однос на заштитата на приватноста“, истакна Даниловска Бајдевска.

Неспорно е дека оваа тема е нова и во ЕУ и таму се разгледуваат сите начини и пристапи на ова фундаментално човеково право. Нема втора шанса за повредата на нечија приватност, рече Лидија Стојкова – Зафировска, претседателката на Извршниот одбор на Центарот за правни истражувања и анализи.

Таа додаде дека е важно внимание да им се посвети и на маргинализираните групи кои се најизложени на ризици од злоупотреба на личните податоци, а тоа се најчесто девојките, мигрантите и новинарите.

Стојкова – Зафировска се осврна и на потребата од обезбедување судска заштита на личните податоци и приватноста.

„Имаме воспоставено заклучоци и препораки во делот на тоа како да се унапредат специфичните знаења на судиите кога судат вакви случаи на нови трендови и права, но и на технологијата која добива нова форма. Новите теми на информатичките технологии, еколошкото право, генетскиот инженеринг, клонирањето – се нешто што студовите треба да го следат за да можат ги разберат потребите и да им обезбедат правда на граѓаните кога ќе имаат потреба“, рече Стојкова – Зафировска.

На настанот се одржа и дискусија за тоа како во пракса се спроведува законот за заштита на лични податоци и како сите засегнати страни да дејствуваат заедно, модерирана од Мила Јосифовска Даниловска од Фондацијата Метаморфозис.

Емес Савоиа – Келети, службеник за заштита на податоци во Европска служба за надворешно дејствување рече дека повеќе не е прашање дали личните податоци треба да бидат заштитени. Таа ја објасни работата на Канцеларијата за заштита на личните податоци, која обезбедува совети, функционира како контролор и проверува разни јавни документи кои ја засегаат приватноста на граѓаните.

Савоиа – Келети го претстави и објасни Законот за заштита на лични податоци на ЕУ.

„Постои тренд голем број на земји да усвојуваат закони за заштита на приватноста кои се инспирирани од европското законодавство и ние сме многу горди на тоа. Се разбира дека наидуваме и на предизвици бидејќи поединците сакаат да имаат заштитени податоци и приватност , а бизнисите, пак, препознаваат дека заштитата на личните податоци им придава конкурентска вредност. Тие знаат дека мора да стекнат доверба од корисниците во нивните услуги“, рече Савоиа – Келети, потсетувајќи дека Северна Македонија е една од првите кои ја потпишаа и ратификуваа Конвенцијата на Советот на Европа која се однесува на заштитата на личните податоци.

Опасностите нараснуваат, додаде таа, советувајќи ги корисниците на интернет да се информираат и да ги проценат ризиците пред да кликнат некаде.

„Треба да водите грижа, не само за сопствените, туку и за податоците за останатите. Треба да бидеме одговорни. Никогаш не станало збор за забрана на користење на лични податоци, туку станува збор за обврската да се земат предвид правилата коишто важат и ова треба да го правиме со особена грижа и внимание. Приватноста на податоците не е нешто што е убаво да се има, туку е нужно да се има“, додаде Еавоиа – Келети.

Слободанка Славковска од Агенција за заштита на лични податоци ја претстави новата интернет-страница изработена со поддршка на Европската Унија, информирајќи за можностите и функциите што ќе бидат достапни таму.

Славковска ги потсети институциите, при носење на предлог-закони и подзаконски акти, истите да ги доставуваат до АЗЛП, затоа што неретко граѓани трпат материјални штети затоа што некој се однесувал неодговорно кон нивните податоци затоа што, на некој начин, тоа го овозможиле законите.

„Минатата година нимавме неколку законски решенија што имаа негативна реакција кај јавноста, а притоа агенцијата воопшто не беше консултирана за истите“, рече Славковска.

Весна Радиновска од Фондација Метаморфозис го претстави проектот „Техничка и интегрирана заштита на личните податоци – градење инклузивен дигитален екосистем“. Таа додаде дека организацијата секојдневно е во контакт со контролорите, кои информираат за тоа колку тешко оди имплементирањето на законот, најмногу поради недостатокот на ресурси, но и инфлацијата, енергетската криза и ковид-пандемијата.

За проектите на Центарот за правни истражувања и анализи зборуваше Милена Јосифовска, која потсети на важната улога што судството и јавното обвинителство ја имаат во јакнењето на заштитата на личните податоци.

Линк до оригиналниот текст: „Заедно за заштита на личните податоци“: Нема втора шанса за повредата на нечија приватност | Meta.mk

Сподели: