Вработувањето и правата и обврските што произлегуваат од работниот однос во законодавството на Република Северна Македонија се опфатени со повеќе закони, какви што се: Законот за работни односи, Законот за пензиско и инвалидско осигурување, Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, Законот за здравствено осигурување, Законот за евиденции од областа на трудот, Законот за вработување инвалидни лица, како и со други закони од областа на трудовото право. Покрај овие закони, работните односи се, исто така, опфатени и со Законот за заштита на личните податоци (понатаму: ЗЗЛП) во однос на заштитата на личните податоци, кои се неопходни за засновање и исполнување на правата и обврските на работниците, но и во однос на обврските на работодавачите за чување и обработување на личните податоци.

Вработувањето може да се подели на три фази: покажување интерес за засновање работен однос, односно поднесување апликација за работа, засновање работен однос и престанок на работен однос. Во секоја од овие фази, работодавачот обработува податоци дадени од работникот (или од потенцијалниот работник), кои претставуваат лични податоци, кои се законски неопходни за исполнување на целите за вработувањето и кои подложат на контрола и заштита врз основа на одредбите на Законот за заштита на личните податоци.

Во однос на активностите при аплицирање за работно место, работникот ја изразува својата волја за стапување во работен однос со работодавачот преку испраќање кратко резиме и, во некои случаи, дополнителна документација, какви што се мотивациско писмо, дипломи и други различни документи на барање на работодавачот. Вообичаени лични податоци што се типично содржани во апликацијата, вклучуваат име и презиме на апликантот, адреса и место на живеење, адреса на електронска пошта, степен на образование, телефонски број за контакт и сл. Понатаму, документацијата може да опфаќа и дополнителни информации што не се неопходни и не можат да бидат пресудни за изборот на кандидат за вработување како што е фотографија од апликантот или дополнителни потврди заради специфичноста на работата какви што се возачка дозвола, дополнителни дипломи и/или сертификати и сл., кои работодавачот може да ги побара само со изречна согласност на апликантот.

Image by Werner Heiber from Pixabay.

Понатаму, кога работодавачот го избрал апликантот и се пристапува кон склучување работен однос, доаѓа до повторна обработка на личните податоци, овој пат специфични за засновање и за исполнување на целите за вработување на новиот работник. Работниот однос се заснова со договор за работа склучен помеѓу работодавачот и работникот. Договорот за работа вклучува лични податоци на работникот, какви што се име и презиме, ЕМБГ, адреса, трансакциска сметка и сл. По засновање на работниот однос, работодавачот има законска обврска да чува и да обработува збирки на лични податоци на вработените врз основа на одредби од горенаведените закони. Личните податоци му се потребни на работодавачот заради исплата на плата на вработениот, пријавување на вработениот во социјално и здравствено осигурување и сл. Вработениот е должен, доколку изврши промена на своите лични податоци, да го извести работодавачот во рок од 15 дена од промената, со цел да продолжи исполнувањето на правата и обврските од работниот однос помеѓу вработениот и работодавецот врз основа на точни и ажурирани податоци, како што, впрочем, бара начелото на „точност на податоците“ од ЗЗЛП. Бидејќи обработката на овие збирки податоци е законска обврска на работодавачот според другите гореспоменати закони од областа на трудот, необработката, неажурирањето или уништувањето на овие збирки податоци може да доведе до казни за работодавачот, додека, пак, вработениот нема право да бара прекин на нивната обработка или уништување (како пример, заради исплата на плата за вработениот, работодавачот мора да располага и да ги обработува името и презимето на вработениот, неговиот ЕМБГ како и бројот на трансакциска сметка и депонент банка на вработениот. Необработка на овие лични податоци ќе доведе до неисплата на плата за вработениот, поради што работодавачот ќе трпи санкции од надлежните органи. Од истите причини, работникот не може да побара овие лични податоци да престанат да се обработуваат). Исто така, ЗЗЛП предвидува дека треба да се преземат сите мерки за сигурно и безбедно чување на овие збирки податоци и да се ограничи пристапот до нив само за овластени лица.

По престанокот на работниот однос, збирките на лични податоци за вработениот престануваат да се обработуваат, односно тие се чуваат и/или архивираат трајно од страна на работодавачот. Оваа обврска на работодавачот за чување на збирките лични податоци потекнува од другите закони од областа на трудот. Доколку работодавачот престане да постои, тој има обврска да ги предаде овие документи на чување во Државниот архив на РСМ.

Image by Ag Ku from Pixabay

Типичен работен однос се заснова со договор за вработување. Во текот на преддоговорните активности, односно апликацијата за работа, по засновањето на работниот однос како и по престанокот на работниот однос, се обработуваат различни категории лични податоци. Обработката на овие лични податоци е опфатена од повеќе закони, меѓу кои и Законот за заштита на личните податоци. Во тој поглед, правата и обврските на работникот што произлегуваат од ЗЗЛП се ограничени заради исполнување на целите на другите закони од областа на трудот. Сепак, работникот ги ужива овие права кога станува збор за заштита на личните податоци или збирки на лични податоци што не се неопходни за исполнување на целите на другите закони.

Автор: М-р Никола Димитров

Овој текст е подготвен со поддршка на Европската Унија. Содржините во овој текст се единствена одговорност на партнерите на проектот „Техничка и интегрирана заштита на лични податоци –градење инклузивен дигитален екосистем“ и на авторот и на ниеден начин не ги одразува ставовите на Европската Унија.

Сподели: