На 7 декември заврши 18-то годишно издание на меѓународната конференција е-Општество.мк организирано од страна на Фондацијата Метаморфозис. Дводневната конференција беше посветена на дискусии за градење на едно кибер-отпорно општество со дигитално компетентни и одговорни граѓани.

Вториот ден од конференцијата беше посветен на приватноста, надзорот и биометриската обработка на податоци, спроведувањето на законот за заштита на лични податоци, ефектите од дезинформациите и странските штетни влијанија врз демократијата на Северна Македонија, и на безбедносните закани за демократијата и европските напори во борбата против дезинформациите.

Приватноста, поточно, надзорот и биометриската обработка на податоци беше тема на дискусија помеѓу Ана Тоскиќ Цветиновиќ, Партнери за демократска промена Србија (Србија), Игор Кузевски, експерт за заштита на лични податоци, Бојан Перков, Фондација SHARE (Србија) и Катерина Родели, Access Now (Белгија), модерирана од Маријана Јанческа, специјалист за отвореност и учество во Фондација Метаморфозис. Еден од заклучоците од сесијата беше дека системите за следење и снимање со камери за надзор, како и обработката на биометриските податоци носат со себе огромен ризик за нарушување на приватноста, како едно од човековите права, и продор на безбедносните служби и властите воопшто во приватниот живот.

За добрите практики, предизвиците и идните чекори за спроведување на Законот за заштита на лични податоци во Северна Македонија дискутираа Мануела Станоевска Стоилковска, Агенција за заштита на личните податоци, Арбен Гудачи, Здружение на млади правници на Македонија, Емилија Ангеловска, МАСИТ – Стопанска комора за ИКТ, и Елена Стојановска, експерт за заштита на лични податоци, на сесија модерирана од Весна Радиновска, проектен координатор во Фондација Метаморфозис. За вистинска заштита на приватноста на граѓаните, сите закони треба да се усогласат со Законот за заштита на лични податоци – ова беше еден од заклучоците на сесијата. Примената на овој закон ине треба да се гледа како нужно зло и начин да се избегне предвидената глоба, а офицерите да се доживуваат како трошок, туку како инвестиција.

По краткиот инспиративен говор за ефектите на дезинформациите и странските малигни влијанија врз демократијата на Северна Македонија одржан од Мери Јордановска, новинарка од Вистиномер, главниот дел од конференцијата беше затворен со панел дискусија за безбедносните закани за демократијата и европските напори во борбата против дезинформациите. Говорници на сесијата беа Др. Јасна Јелишиќ, претставничка на работната група за Западен Балкан во Одделот за стратешка комуникација на Европската служба за надворешни работи, Карлос Ернандез-Ечевариа, Maldita.es (Шпанија), Патрис Пустина, Faktoje (Албанија), Дарко Бркан, Зашто не (Босна и Херцеговина), Фитим Гаши, Sbunker (Косово), и Јелена Берковиќ, Фактограф (Хрватска). Заклучокот од оваа дискусија беше дека мора да се бориме против дезинформациите на заеднички начин, за да се минимизираат нивните негативни ефекти врз демократијата. За ова е потребно институциите да бидат транспарентни, медиумите и граѓанското општество активно да работат на нивно проверување и обелоденување, а треба да се започне и медиумска едукација за критичко размислување.

По главниот дел од конференцијата, во Кинотека на Северна Македонија, следеше настан за млади со проекција на филмот “Сестри” од Дина Дума, која ја отвори Ендру Бренд, раководител на програми во Британската амбасада во Скопје. Тој во своето видео-обраќање порача дека работејќи заедно можеме да го намалиме нивото на кибер-насилство, и дека од витално значење е жртвите на кибернасилство, со акцент на младите, да бидат охрабрувани да разговараат со своите врсници, родители и наставници за да побараат стручна помош за нивната ментална благосостојба. “Сите ние имаме удел во справувањето со оваа многу реална и постојана закана.” – порача Бренд. Филмската проекција беше проследена со панел дискусија за последиците од кибернасилство во реалниот живот, на која говорници беа Дина Дума, режисерка на филмот „Сестри“ и Радмила Живановиќ, психолог, додека модератор беше Гоше Николов, новинар во Новинската агенција Мета.мк.

Сподели: