На 28-ти март 2025 година, се одржа завршната конференција на Програмата за дигитален активизам. Конференцијата се одржа во Варшава, Полска, со учество на преку 100 граѓански активисти, претставници на граѓански организации и експерти од полето на дигитализација и користење на иновативни алатки. Програмата за дигитален активизам беше тригодишен проект на TechSoup Global, и Фондација Метаморфозис беше партнер во спроведувањето на активностите во Северна Македонија, Србија и Косово.

Преку Програмата за дигитален активизам, беа спроведени 18 грантови за поддршка на граѓанското општество во Северна Македонија, Србија и Косово, повеќе од 100 учесници беа дел од обуките за сајбер безбедност, визуелизација на податоци, градење на заедници и комуникација со јавноста, како и препознавање и спречување на дезинформации. Како дел од Програмата за дигитален активизам, се одржаа две изданија на меѓународната конференција Мегафон, кадешто 15-на учесници од Западен Балкан имаа можност да се запознаат, вмрежат и учат од експерти во полето на вештачката интелигенција, комуникациски техники и спречување на дезинформации. Се подготвија и објавија 47 кратки видеа на теми од медиумска писменост, отворени податоци, сајбер безбедност и сајбер хигиена, како и вештачка интелигенција.

Програмата за дигитален активизам беше насочена кон зголемување на капацитетите на граѓанските организации од Северна Македонија, Србија и Косово, преку запознавање со иновативни технолошки алатки за работа, обуки за сајбер безбедност и препознавање на дезинформации, менторирање насочено директно кон специфичните потреби на организациите и градење на мрежи на поддршка.

Сподели: