Речиси половина од пратениците во македонското Собрание не знаат ниту еден странски јазик, а за голем дел од нив работата на компјутери е научна фантастика

Речиси половина од пратениците во македонското Собрание не знаат ниту еден странски јазик, а за голем дел од нив работата на компјутери е научна фантастика. Претседателот на Собранието, Љупчо Јордановски најави купување компјутери за секој пратеник за забрзување на работата на Парламентот. Пратениците ја поддржаа оваа идеја, но голем дел од нив се уплашени од предизвикот.

-Кај му текна сега компјутери? Да не се овие помладите, ќе нема кој да работи на нив – изјави еден пратеник на СДСМ, по ваквата иницијатива.

Претседателот не знае што да прави со неталентираните или мрзеливи пратеници. – Ништо не научија и нема веќе да организираме курсеви и за јазици и за компјутери. Ќе мора да најдеме друг начин за нивно обучување – ни рече Јордановски.

Околу 60 пратеници кога стапија на функција, во своите биографии немаа напишано дека познаваат барем еден странски јазик, а кај голем дел од нив, стои дека само се служат со некој јазик. Од таа причина, минатата година, во Собранието беше распишан курс за изучување јазици, но малкумина од пратениците ги посетуваат часовите.  

– Слаб сум со јазици, иако сметам дека треба барем еден да се зборува течно. Курсевите треба да се посетуваат, но премногу сум зафатен. Кога би имал време, би одел – вели Жарко Караџоски од ВМРО-Народна.

И неговиот колега од ДУИ, Рафис Алити вели дека не знае ниту еден странски јазик. -Сметам дека треба да знаеме, но јас, за жал, не знам. Тој не знаеше да ни одговори, зошто не го посетува курсот организиран за пратениците. Томе Тромбев од СДСМ, кој зборува англиски јазик, ни изјави: -Многу е важно пратениците да знаат јазици. Ние постојано учествуваме на меѓународни конференции и смешно е да не можеш да контактираш со своите колеги од другите земји. Како тогаш ќе работиш и лобираш за својата земја? – вели тој.  

-Ова е катастрофа. Мора да се знае јазик, кој не знае нека учи, ова е срамота – вели Рафет Муминовиќ од Партијата на Бошњаците, кој и се пофали дека зборува три јазици – турски, албански и српски.     

Можеби познавањето компјутери и странски јазици не се пресудни за ефикасноста на работата на претставниците на народот во Законодавниот дом, но само така тие би можеле и вистински да ги користат дипломатските пасоши за промовирање на Македонија во светот. Ако не друго без проблем би можеле да сурфаат на новите компјутери, што ќе им ги набави претседателот на Собранието.

Извор: Вечер 05.15.2005