Мени

ЕУ: Дали новите правила за заштита на податоци ќе бидат уште послаби од старите?

Европратениците дебатираат за нацрт-регулативата за заштита на податоците предложена од Европската комисија во јануари 2012 година за да одлучат како ќе гласаат во Комитетот за граѓански слободи, најверојатно на почетокот на јули 2013 година.

Предлогот, кој има повеќе од 4.000 дополнувања се фокусира на прашања како што се правото на отстранување нечии податоци, преносливоста на податоците, профилирање, согласност и пристап до сопствените лични податоци.

Некои од многуте измени се резултат на високиот и постојан притисок со лобирање од големите компании и се чини дека се наменети да го одложат процесот и да ги поткопаат основните права. Питер Хастинкс, Европскиот супервизор за заштита на податоци, предупреди дека нацрт-законот на ЕУ е во опасност од колапс поради „прекумерно лобирање“ од страна на корпорациите и други субјекти кои се против реформите во областа на приватноста.

Лобистите тврдат дека силната заштита на податоците ќе предизвика општествена и економска регресија и дека принципите како на пр. согласност се економски неодржливи и треба да се ублажат. САД неколку пати јавно побара намалување на правата на европските граѓани. Стјуарт Робинсон, советник за правда на мисијата на САД во ЕУ, на конференцијата Компјутери, приватност и заштита на податоци во Брисел одржана во јануари 2013 година, ги осуди европските предлози и изјави дека правата се „она што ние (владата) ви го овозможуваме“.

Како да не беше доволен надворешниот притисок, се чини дека европарламентарците не се во состојба да се сложат за прашања како што е територијалниот опсег. Британската бароница, европратеничка и член на либералната партија Сара Ладфорд тврдеше дека компаниите во ЕУ кои се грижат само за жители кои не се жители на ЕУ треба да бидат изоставени од регулативата и изјави дека имало потреба „да се добие правна јасност кои поединци се опфатени со предложената регулатива, без разлика дали станува збор за луѓето кога тие се присутни во ЕУ или оние надвор од ЕУ“. Бидејќи пратениците не постигнаа заеднички договор, за прашањето треба да преговара Европската комисија.

Германскиот европратеник од Партијата на зелените Јан Филип Албрехт за време на едно интервју за euobserver.com имаше прилично песимистички став за развојот на дебатите: „Им ветивме на луѓето дека ќе помогнеме да се обезбеди соодветно законодавство со кое подобро ќе ги остваруваат своите права и подобро ќе се штитат нивните интереси…  а на крајот, единственото нешто што го правиме – и тоа не е исклучено – е ублажување на постојниот закон. Тоа не е нешто што луѓето го посакуваат“. Според него, некои од амандманите за кои се дискутираше и гласаше ќе ја ослабат регулативата уште повеќе од постојната директива од 1995 година која претставува основа на нацрт-регулативата.

Албрехт всушност смета дека нацрт-текстот би можел да заврши со ослабување на сите претходни декларации на Европскиот парламент. „Голем дел од она што го рековме едногласно сега е оспорено од групите за лобирање и од страна на некои членови тука во парламентот кои се чини дека не се чувствуваат обврзани од резолуцијата за која претходно гласаа“, рече Албрехт.

На пример, оригиналниот преглед на регулативата предвидуваше казни до пет отсто од вкупниот приход на компанијата за голема и постојана злоупотреба на лични информации. Овој износ се намали на два отсто и помалку, а Комисијата за индустрија, истражување и енергија на Европскиот парламент гласаше за намалување на износот и до еден отсто.

Со голем притисок од големите компании, останува на граѓаните да застанат во одбрана на своите права, пишувајќи до нивните европратеници пред да биде предоцна. Исто така е можно дебатата да се одложи како резултат на многубројните измени и дополнувања.


Извор: ЕДРИ-грам „Will the new data protection rules be even weaker than the old ones?“ бр. 11.11, 5 јуни 2013.

Поврзани натписи