Мени

Дебата за измена на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и неговата примена

На 1 февруари, 2013 година, со почеток во 11 часот, во просториите на хотелот Холидеј Ин во Скопје се одржа дебата, во организација на Центарот за граѓански комуникации, насловена „Иницијатива за измена на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и негова доследна примена“. На настанот на кој беше присутен и претставник од Метаморфозис, траеше час и половина, а започна со претставување на резултатите на проектот „Пристапот до информации – извор за поквалитетно информирање“ од страна на Герман Филков од Центарот за граѓански комуникаци. Според истражувањата, по 7 години од донесувањето на законот, Македонија се уште заостанува зад земјите во регионот и Европа.

Постојат низа проблеми кои треба да се надминат, а тоа се:

  • Државните институции недоследно го почитуваат Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Тестирањето на институциите како одговараат на новинарските барања за информации спроведено во рамките истражувањето на ЦГК во 2012 година покажало дека само 37,5% од институциите ги доставиле побараните информации.
  • Институциите доминантно го користат максималниот законски рок од 30 дена за доставување на побараните информации. Ова говори дека институциите недоследно го почитуваат членот 21 ставот 1 од Законот, каде што се наведува дека имателот на информации е должен веднаш да одговори по барање на барателот, а најдоцна во рок од 30 дена од приемот на барањето.
  • Новинарите недоволно го користат правото на пристап до информации, како и правото на жалба до Државната комисија за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер во случаите кога институциите не им ги доставиле побараните информации.

Потоа, Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации ги презентираше предлозите за измена на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и негова доследна примена:

  • Потребна е промена на членот 21 став 1 од Законот, односно скратување на рокот за одговор на барањата за пристап од сегашните 30 календарски денови на 15 работни денови.
  • Институциите треба да ја применуваат „активната транспарентност“ која подразбира објавување на сите информации кои произлегуваат од надлежноста и работата на имателот на информации.
  • Да се засилат напорите на новинарите за одбрана на правото на пристап до информации од јавен карактер.
  • Континуирана промоција на правото на пристап до информации од јавен карактер.

По овие кратки презентации, следеше дискусија и предлози од страна на присутните во насока на подобрување на примената на законот. Документот со насоките за промена и подобро функционирање на Законот за пристап до информации од јавен карактер ќе биде испратен до сите надлежни институции за да може да се применуваат препораките. 

Оваа дебата е дел од проектот „Пристапот до информации – извор за поквалитетно информирање“ спроведен од Центарот за граѓански комуникации во соработка со Access Info Europe и Балканска истражувачка мрежа на новинари (БИРН).

Во рамките на проектот изработен е и Водич за новинари за пристап до информации од јавен карактер, на македонски и албански јазик, достапен за преземање на сајтот freeinfo.mk каде може да се најдат корисни информации околу Законот за пристап до информации од јавен карактер. Во иднина се планира и студиска посета на Бугарија, каде успешно се користи законот и правото за пристап до информации од јавен карактер.

Поврзани натписи